Сингапур не открил дека ковид-19 е предизвикан од бактерија

Невистинит е овој  пост во којшто се тврди дека Сингапур открил оти ковид-19 е предизвикан од бактерија, а не од вирус, како и тоа дека ја променил терапијата за лекување. Исто така, не е точно дека обдукцијата била извршена спротивно на протоколите и насоките од СЗО, затоа што СЗО не ги забранува обдукциите на починатите од ковид. Ковид-19 е предизвикан од вирус, а не од бактерија и ова е третото лажно тврдење во постот. Фактот што овие дезинформации им се атрибуираат на официјални медицински власти на Сингапур, покажува колку пропагандата и машината за лажни информации не води сметка за јавното здравје и нема скрупули кога станува збор за тоа како ќе ѝ даде поголем кредибилитет на својата дезинформациска агенда

 

 

Во најнова дезинформација, споделена во Фејсбук пост, се тврди дека Сингапур станала првата земја во светот што извршила обдукција на труп на човек починат од ковид-19.  Целиот пост, којшто го пренесуваме во продолжение, е лажен, официјално демантиран дури и од Владата на Сингапур. 

Постот е долг, меѓутоа сумирано во него се тврди дека, наводно, Министерството за здравство на Сингапур, по аутопсија на пациент што починал од ковид-19, открило и известило, дека ковид-19 не е вирус туку бактерија што била изложена на зрачење и дека таа предизвикува смрт на човекот со коагулација на крв.

Лажниот пост, атрибуиран на Министерството за здравство на Сингапур, што циркулира на Фејсбук и стигна до С.Македонија, исто така, наведува дека сингапурските власти сега го промениле протоколот за лекување и им давале само аспирини на позитивните на ковид-19.

Сите овие тврдења се лажни, велат од Министерството за здравство на Сингапур.

Оттаму додаваат и дека информацијата воопшто не потекнува официјално од Министерството за здравство на Сингапур. Ваква слична верзија на истата приказна циркулираше и за Италија и за Русија.

Од Министерството за здравство на Сингапур велат дека не направиле аутопсија на ковид-19 пациенти, ниту, пак, навеле дека патофизиологијата на ковид-19 е од бактерија, наместо од вирус. Немало ни промена во протоколот за лекување на ковид-19.

Втората лага во постот е дека ковид-19 е предизвикан од бактерија ,а не од вирус. Базирано на многу научни докази и студии, ковид-19 е предизвикана болест од вирусот СарсКов2. Светската здравствена организација, исто така, го демантираше митот дека ковид-19 е предизвикан од бактерија.

Некои пациенти, кои се инфицирани со сарс-ков-2 може да развијат бактериска инфекција како компликација, наведуваат од владата на Сингапур. Ова е евидентно и во други вирални болести како инфлуенца. Во такви случаи се препишуваат антибиотици.

Меѓутоа, во својот демант, владата на Сингапур наведува дека ковид-19 не може да се лекува со аспирин.

Аспиринот нема директен ефект на вирусот што го предизвикува ковид-19. Ако се чувствувате лошо треба да видите лекар рано, да се тестирате и да добиете терапија. Апелираме јавноста да не споделува непоткрепени информации кои што може да предизвикаат паника во јавноста. Ве молиме да ја посетите страницата www.moh.gov.sg за најнови информации за состојбата со ковид-19, пишуваат од владата на Сингапур.

На Фејсбук-страницата на Министерството за здравство на Сингапур, исто така, објавен е демант на тврдењето дека го промениле протоколот за лекување на ковид откако имало обдукција на починат пациент, и откако, наводно, откриено било дека болеста не ја предизвикува вирус, туку бактерија.

Како што објави Светската здравствена организација, ковид-19 е предизвикан од вирус, а не од бактерија.

Јавно е достапна информацијата дека стапката на смртност од оваа болест ковид-19 е меѓу 2 и 3 проценти.

Британскиот медицински журнал објави дека лекарите гледаат поголеми стапки на тромботични реакции кај пациентите кои имаат тешка клиничка слика од ковид-19 и дека нивната крв е многу леплива, затоа што болеста го зголемува производството на згрутчувачки фактори од страна на црниот дроб.

Лажно е и тврдењето дека обдукциите се во спротивност на правилата на СЗО. СЗО не забранила обдукции, ниту, пак, во Сингапур е можно да е изведена првата обдукција на починат од ковид. Само во Македонија лани се изведени над 10 обдукции.

Поради сите горенаведени аргументи, како невистинит го оценуваме постот во којшто се тврди дека Сингапур открил оти ковид-19 е предизвикан од бактерија, а не од вирус, како и тоа дека ја променил терапијата за лекување. Исто така, не е точно дека обдукцијата била извршена спротивно на протоколите и насоките од СЗО, затоа што СЗО не ги забранува обдукциите на починатите од ковид. Ковид-19 е предизвикан од вирус, а не од бактерија и ова е третото лажно тврдење во постот. Фактот што овие дезинформации им се атрибуираат на официјални медицински власти на Сингапур, покажува колку пропагандата и машината за лажни информации не води сметка за јавното здравје и нема скрупули кога станува збор за тоа како ќе ѝ даде поголем кредибилитет на својата дезинформациска агенда.

 

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.