[Рецензија: (ВИДЕО+ФОТО) Во јули снег ги покри плажите во Аргентина]
Насловот на текстот што го рецензираме алудира на тоа дека е некое чудо што во јули „снег ги покри плажите во Аргентина“, без да се земе предвид фактот дека Аргентина се наоѓа на јужната полутопка и таму сега е зима. Ако кај нас е лето, не е на цела планета лето и оттука воопшто не е вест дека во јули таму паднал снег.
Линк до оригиналниот напис: (ВИДЕО+ФОТО) Во јули снег ги покри плажите во Аргентина
Датум и време на објавување: 25.7.2019
Датум на рецензирање: 30.7.2019
Рецензент: Силвана Жежова
Фотографот Себастијан Инглес на својот профил на „Фејсбук“ објави снимка од снежно невреме во градот Ушуаја, на југот на Аргентина. Ушуаја е главен град на аргентинската провинција Огнена Земја, која го доби името од португалскиот истражувач Фернандо Магелан, а некое време таму престојувал и познатиот научник Чарлс Дарвин.
Да напишете вест дека во јули во Ушуаја фатило снежно невреме, е исто како да известите дека во овој период во Охрид има капачи по плажите. На јужната полутопка сега е есен-зима, што и не е чудно дека паднал снег.
Посебно што, во најјужниот град во светот Ушуаја, климата е субполарна океанска, со кратки и студени лета и влажни и умерени зими. Температурата во текот на годината изнесува 9 Целзиусови степени и околу еден степен во зима. Снегот знае да падне и преку лето, па поради снежните лета, глечерите не се топат.
Текстот што го рецензираме не е ниту информативен ниту едукативен. Снегот во јули во Аргентина е претставен како некое чудо, и не е во ниту една друга функција освен за собирање кликови. Патем, каков јавен интерес има снегот во Ушуаја за македонските читатели?! Овој е еден од оние текстови што се однесуваат на времето и кои сè почесто во медиумскиот етер се најавуваат со голема бомбастичност, а во насловите се преувеличуваат вообичаените временски прилики.