Стара фотографија лажно претставена како турска воена помош за Палестина

Фотографијата којашто се споделува со оваа објава на „Фејсбук“ е стара и на неа не се прикажани турски воени бродови и хеликоптери испратени како помош за Палестина. На фотографијата е прикажан дел од турската морнарица, но не е вистина дека фотографијата е снимена сега и оти  станува збор за турска помош во Палестина. Иако не може точно да се утврди кога е снимена оваа фотографија, според пребарување на фотографијата на „Гугл“, може да се заклучи дека таа е стара минимум девет години и нема никаква врска со сегашниот конфликт помеѓу Израел и Палестина

 

 

Фотографија на која се прикажани воени бродови на кои го има знамето на Турција, а над нив и воени хеликоптери, стана вирална на социјалната мрежа „Фејсбук“, каде што се тврди дека станува збор за турска помош упатена кон Палестина.

Турската воена помош стигна до Палестина.

Информацијата е преземена од една исламска арапска група на фп.

Споделете го овој пост се со цел за да се разбудат и другите исламски земји, се тврди во постот.

Ова е невистина. Фотографијата споделена заедно со оваа објава е стара и на неа не се прикажани турски воени бродови и хеликоптери испратени како помош за Палестина. На фотографијата е прикажан дел од турската морнарицата, но не е вистина дека фотографијата е снимена сега и оти станува збор за турска помош во Палестина.

Иако не може точно да се утврди кога е снимена оваа фотографија, според пребарување на фотографијата на „Гугл“, може да се заклучи дека таа е стара минимум девет години и нема никаква врска со сегашниот конфликт помеѓу Израел и Палестина.

На 7 мај 2012 година, оваа фотографија е објавена во „Хуриет дејли њуз“, најстариот дневен весник на англиски јазик во Турција, заедно со текст што говори за способноста на турската морнарица. Под фотографијата потпишана е турската новинска агенција „Анадолија“.

Освен што се прави манипулација со стара фотографија, неточна е и самата информација дека Турција испратила помош до Палестина. Нема ниту еден извештај кој може да потврди дека Турција испратила свои воени сили во Газа.

Единствената реакција од Турција за овој конфликт е изјавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој ги повика Обединетите нации и муслиманските земји да дејствуваат за да го запрат најлошиот конфликт помеѓу Израел и милитантните од Газа во последните неколку години, велејќи дека Турција ќе ја поддржи секоја иницијатива на ОН за ставање крај на насилството. Ердоган, во телевизиското обраќање, рече и дека за конфликтот разговарал со лидерите на 19 земји.

Оваа фејсбук-објава е споделена над 1.600 пати за помалку од три дена. Проблематичното во оваа објава и сите овие споделувања, освен што се работи за неточна информација, е тоа што во последната реченица се повикуваат други исламски земји да се „разбудат“. Односно станува збор за суптилно повикување на други земји да се вмешаат во конфликтот со испраќање на воени сили.

Во постот се тврди дека извор на информацијата оти турската воена помош стигнала во Палестина е некоја исламска арапска група на „Фејсбук“. Но, нема никаков податок која е таа група, дали е релевантна и што точно има објавено. Па, дури и да постои таква група и да има објавено ваков податок, не значи по автоматизам дека тој е точен и треба масовно да се споделува на други групи и страници без да се провери тоа што го пишува е вистина или ја дезинформира јавноста.

Не значи дека некоја објава, колку и да е вирална и има голема видливост, ја кажува вистината, дури и кога цврсто се согласувате со тоа што е напишано и ви буди силни емоции. Затоа, пред што било да споделите на својот профил или во одредени групи и страници, прво проверете за да не наседнете на некоја намерна манипулација.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.