Вакцините не содржат микрочипови. Целата драма со наводни микрочипови, преку кои, наводно, населението ќе биде следено, нема врска со реалноста. Всушност, компанијата „Апие џект“ од САД, размислува за „опционален микрочип“, ама тој би бил на етикетата од шприцот и нема да се инјектира при имунизацијата. Важно е да се каже дека овој микрочип е наменет само за САД, а не за Македонија, оваа технологија е сосема опционална и американската влада сè уште нема ни одлучено дали сака да ја користи! Исто така, вакцините на ниту еден производител не содржат метали. Дозата на вакцината е помала од еден милилитар. Стандардната доза на „Фајзер“ содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто
Во пост на „Фејсбук“, објавени се четири видеоклипови, на кои се гледа дека магнет се лепи за рамото на луѓето. Во сите четири видеа се тврди дека причината за тоа што магнетот се лепи за рамото е тоа што овие луѓе примиле вакцина против ковид-19 и дека таа, всушност, предизвикува магнетизирачка реакција.
Во постот што е предмет на нашиот интерес се оди чекор понатаму и се кажува дека во ковид-19 вакцинираните има магнетни микрочипови.
Ковид вакцинирани. Магнетни микрочипови. Ковид е измама, план за депопулација на човештвото. Одбивајте вакцини, тврди авторот.
Оваа „мантра” за одбивање вакцини и план за депопулација на човештвото, од почетокот на пандемијата, а особено од почетокот на вакцинацијата, повеќепати се споделува од истиот профил на Мајк Тајсон.
Како што претходно пишувавме, од овој профил забележливо е ширењето на антивакциналната пропаганда, на начин што се манипулира со видеоматеријали и со факти, се изнесуваат полувистини и невистини.
Најнапред за чиповите. Вакцините не содржат микрочипови. Целата драма со наводни микрочипови, преку кои, наводно, населението ќе биде следено, нема врска со реалноста.
За што, всушност, се работи?
Компанијата „Апи Џект“ од САД, размислува за „опционален микрочип“, ама тој би бил на етикетата од шприцот и нема да се инјектира при имунизацијата. Важно е да се каже дека овој микрочип е засега наменет само за САД, а не за Македонија, а неговата намена, како што за „Ројтерс“ потврдил портпаролот на фирмата, Стив Хофман, е следната:
- Да му овозможи на здравствениот работник да верификува дека вакцината и шприцот не се со истечен рок и не се фалсификат.
2. Да потврди дека вакцината во шприцот е искористена.
Здравствениот работник би користел апликација на мобилниот телефон за да ја види оваа информација или да ја внесе во системот. Сето тоа ќе се прави без никакво навлегување во личните податоци за пациентот. Информациите во оваа апликација ќе се однесуваат само на дозите и на шприцевите, односно на вакцината, а не на човекот.
Како што може да се види од следниот линк, оваа технологија е сосема опционална и американската влада уште нема ни одлучено дали сака да ја користи или не! Фирмата „Апи Џект“ не ги произведува вакцините, туку само ги полни во своите шприцови, за да бидат достапни за користење. Чипот нема да собира лични податоци, ниту податоци за тоа кој ја примил дозата, туку ќе му овозможи на здравствениот работник да знае кога дозата е со истечен рок и дали е фалсификат.
Што се однесува на видеоматеријалите во постот што го рецензираме, а на кои се гледа дека магнети се лепат за рамото на неколку луѓе кои тврдат дека се вакцинирани (не може да се потврди дека воопшто се вакцинирани), сигурно е дека тоа не е последица од вакцината. Вакцините на ниту еден производител не содржат метали.
Дозата на вакцината е помала од еден милилитар. Стандардната доза на „Фајзер“ содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Дури и целата доза која се инјектира да содржи феромагнетен метал, повторно не би било доволно за да се создаде ефектот од видеоматеријалите. Кога ќе се погледне составот на вакцината „Фајзер“, се гледа дека таа содржи мРНА липиди, калиум хлорид, содиум хлорид и сахароза. Значи главно содржи липиди, протеини, соли и шеќери. Липиди, протеини, соли и шеќери може да се најдат во голем дел од храната и не се феромагнетни метали.
Тоа што некои луѓе лепат магнет на своето рамо, а потоа тврдат дека тоа е од вакцината, не е доказ дека таа има микрочип. Не може да се знае што користат на магнетите за тие да може да се залепат, дали е лепило, дали е селотејп, дали можеби е, само потта од раката, пишува реномираниот „Форбс.“
Вашето тело е составено од сосема истите биолошки градбени единици како материјалите во вакцината, така што, едноставно, нема шанса дека инјектирање на мал дел од овој материјал би можело да има било каков импакт. Поголемиот дел од храната е составена од слични молекули и јадењето храна не ги прави луѓето магнетни, изјави за „Фулфект“ професор по биомедицинска технологија Ал Едвардс.
Железото е еден од најчестите метали користен во магнетите, но ќе видите дека нема железо споменато во составот на вакцината. Многу мултивитамини содржат железо и не гледаме дека луѓето стануваат магнетизирани или магнети им се лепат на телото откако ќе земат витамин, вели таа.
Тврдењето дека ковид-вакцината може да предизвика магнетна реакција е неосновано и будалесто. Вакцините не ви го магнетизираат рамото. Овде се гледа дека лицето го лепи магнетот со нешто на рамото, можеби со потта од раката или слично, изјави вирусологот Енџела Размусен од Универзитетот Џорџтаун.
Интерната димензија на иглата е 0.3 милимери. Чипот би морал да е фракција од ова, за да се спречи да се заглави. Мислам дека не е можно, а особено зашто би морало да биде вграден и трансмитер. За микрочипот да може да помине низ оваа игла со која се врши вакцинацијата, би морал да биде помал од десет илјадитинки од милиметар, пишуваат проверувачи на факти од Австралија.
Со оглед на тоа што сите експерти се согласуваат дека во составот на вакцините нема ништо што предизвикува магнетизирачка реакција, туку дека најверојатно се работи за селотејп на магнетот, постот што го рецензираме го оценуваме како дезинформација. Ваквите лаги и конспирациски теории имаат цел да ја зајакнат антивакциналната пропаганда во земјава, нанесувајќи несогледливи последици врз јавното здравје и обидот да се сузбие ковид-пандемијата со процесот на имунизација, што претставува глобален напор.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.