И пречек на фудбалери во Исланд заврши како манипулативно видео за корона-пандемијата

На видеото што се споделува во постот на „Фејсбук“ е претставена голема група на навивачи која ја пречекува репрезентацијата на Исланд, по враќањето од Европското првенство во фудбал – Евро 2016. Никој не носи маска од една едноставна причина што видеото е снимено во 2016 година, кога не постоеше пандемијата со корона-вирусот

Продолжува практиката на споделување видеа на „Фејсбук“ над кои е напишан лажен наслов, односно наратив што не соодветствува на содржината на видето, а сето ова искористено против заштитините мерки за корона-вирусот и во функција на дезинформирање на граѓаните за пандемијата. Ова се случува додека македонските здравствени власти размислуваат за заострување на рестриктивните мерки поради растот на бројот на новозаразени. Откако споделуваше видеоматеријал на кој што лекарот Маријано Гонзалес објаснува како правилно да се земе брис од нос и лажно тврдеше дека, всушност, лекарот тврдел оти на таков начин се повредувала мозочната бариера, личноста што се крие зад фејсбук-профилот Мајк Тајсон, овојпат продолжува во истиот стил, со уште поочигледно лажно обележување на видеоматеријал.

Видеото што го рецензираше „Вистиномер“ е објавено на овој „Фејсбук“ профил на 3 март 2021 година со следниот опис:

3 март 2021 година. Исланд. Првата земја ја испрати короната во заборав. Првата земја комплетно се отвори стопроцентно за туризам без рестрикции. Ова се случи вчера. Милиони на едно место. Му откажаа послушност на психопатот Гетјс.

Се разбира, ова е лага. На видеото е претставена голема група граѓани, фудбалски навивачи. Никој не носи маска од една едноставна причина што видеото е снимено во 2016 година, кога не постоеше пандемијата со корона-вирусот.

Видеото првпат е објавено во спортската секција на „Венити фер“.

Националната репрезентација на Исланд се вратила дома и е пречекана од фановите откако е елиминирана од шампионатот Евро 2016, стои во описот на видеото објавено на 4 јули 2016 година.

Што навистина во моментот се случува во Исланд кога станува збор за туристите и патувањата? Сите патници задолжително пополнуваат електронски формулар пред патувањето со контакт информации и изјава за здравствената состоба.

Од 15 јануари, сите патници во Исланд задолжително мора да направат тест за Сарс-Ков 2 на граничен премин, пет дена да се изолираат и да направат повторен тест. Ова е дополнение на негативниот тест направен пред тргнување за Исланд.

Од 19 февруари годинава, сите патници за Исланд задолжително мора да презентираат негативен ПЦР-тест. Тестот не смее да е постар од 72 часа и мора да е на англиски, шведски или дански јазик. Сертификатот мора да се презентира уште пред да стапнете во авион во лет за Исланд. Сите правила за карантинот се наведени тука.

Немојте да ги земате патниците од аеродром, тие ќе бидат во карантин барем до вториот негативен тест, пишува на веб-страницата за ковид-19 во Исланд.

Исто така, има и ефективна рестрикција за собири.

Ова воопшто не соодветствува на тоа што го објавува фејсбук-профилот Мајк Тајсон – наводно отварање на Исланд за туристите и наводно испраќање на корона-вирусот во заборав.

Објавувањето на вакви видеоматеријали во контекст на корона-кризата е опасно, манипулативно и ги наведува граѓаните на погрешни заклучоци дека пандемијата е завршена и оти само во Северна Македонија има корона-вирус, додека светот се олабавува. Секако, тоа е целосно невистинито.

Наравоучението од ваквата манипулација, каде што видеото е лажно претставено, е да не му се верува на секој опис, туку видеото задолжително да се провери, односно целосно да се изгледа. Дури и ако видеоматеријалот има голема видливост, голем број споделувања, голем број реакции, не значи дека описот е веродостоен на вистината. Постојат фејсбук-профили во Македонија, кои во континуитет објавуваат вакви лажни описи на видеа, со месеци наназад.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.