Во текот на месец февруари Тексас се најде под од силно зимско невреме, а социјалните мрежи беа под опсада од нова бура на заговори. На социјалната мрежа „Тик-ток“ се појави вирално видео, во кое се тврди дека снегот што падна во Тексас е вештачки и е предизвикан од Бил Гејтс и американската влада.
Пишува: Шефкије Аласани
Корисниците на „Тик-ток“ нивното тврдење дека снегот е лажен, го аргументираат преку некои експерименти што ги прават. Некои од нив држат снежни топки во нивните раце и се обидуваат да ги запалат, а кога пламенот ќе го допре снегот, тој не се топи. За корисниците на „Тик-ток“, ова е факт дека снежните врнежи се лажни и се планирани од владата на Бајден.
Во едно друго видео една девојка е во када и држи снежна топки и запалка во раката, додека вели: „Ова е за нашата влада и Бил Гејтс. Ви благодариме Бил Гејтс што се обидовте да не измамите велејќи дека ова е вистински снег. Ќе видите дека не се топи и ќе изгори. Снегот не гори, туку се топи“.
Оваа теорија на заговор брзо се прошири и на порталите на албански јазик. Иако без никаква научна основа, во нашите портали доминираат наслови како што се:
- Лажен снег: Луѓето во САД велат дека снегот што паднал таму бил вештачки
- „Тик-ток предизвик“ кој ги полудува сите, што се случува ако „го запалиме снегот“?
- Објавени снимки што го обиколуваат светот: Лажен снег во Тексас фрлен од Бил Гејтс
- По Ковид, Бил Гејтс е обвинет и за измислување снег: Не се топи, туку само поцрнува
Во содржината на текстот во некои портали воопшто не се споменува дека станува збор за теорија на заговор и оти истата не е научно докажана, додека во други е наведено дека ова е лажна вест, па, сепак, насловот на веста го нагласува само заговорот!
Тврдењето е лажно
Според научните факти претставени од новинската агенција „Ројтерс“, ова тврдење е лажно. Всушност, ова не е првпат да се предизвика хаос во јавноста со оваа дезинформација. Тврдењето дека „Во САД паѓа лажен снег направен од хемикалии и пластика“ се прошири и во текот на 2014 година. Со научни факти, астрономот Фил Плеит, објасни зошто се случува овој феномен. Плеит објасни дека снегот, всушност, се топи, но не се гледа дека капе, бидејќи преостанатиот снег, кој е порозен, ја апсорбира водата.
Што се однесува до другото тврдење дека вештачкиот снег гори и испушта пластични мириси, научниците објаснуваат дека црни траги и мирисот доаѓаат од горењето на бутан, кој е безбоен гас, кој најчесто се користи како гориво во запалките и има „слаб мирис како нафтата“. Бутанот, којшто се наоѓа во запалките, е јаглеводород – молекула што се состои од јаглерод и водород.
„Кога ќе го изгорите, молекулата реагира со кислород во воздухот, кршејќи ги врските помеѓу атомите и формира нови молекули. Тоа често доведува некои од молекулите на јаглерод да се реформатираат во долги ланци, создавајќи го она што го нарекуваме чад “, ОБЈАСНИ ПЛЕИТ,
Некои објави специфично тврдат дека снегот во Тексас бил „хемиски предизвикан“ со бариум хидроксид и амонијак. Реакцијата на бариум хидроксид и амониум хлорид, која често се користи како пример за ендотермички реакции, произведува снежно-бел прашкаст материјал, што се гледа на видеото подолу од лабораторијата за хемиска демонстрација на Универзитетот во Калифорнија, Беркли. Сепак, нема докази дека снегот во Тексас бил „хемиски предизвикан“.