Кус водич низ светот на заговорите

Кјуанон - новото лице на ширителите на теории на заговор. Фото: Mike McKenzie/Flickr

 

 

Овој текст е замислен како прошетка низ свет полн со заговори, погледнат низ очи на верувачите во теории на заговори. Треба да го запознаеме и да научиме како да го препознаваме, зашто во секој од нас постои таков верувач, а сплетот од надворешни околности може лесно да ги разбуди овие наши слабости и склоности

 

Пишува: Д-р Билјана Ѓонеска, научна соработничка, МАНУ

 

Светот е полн со заговорници.

Оваа изјава има смисла кога е извадена од конкретна рамка и обопштена, зашто светот вистински го движат идеи и нивните заговорници, односно луѓето што се поборници за ставови, начела, вредности. Од друга страна, кога почетната изјава би била ставена во наводници и додадена во специфичен контекст, тогаш таа би прозвучела како цитат или слоган. Поточно, таа би била најкусото мото на луѓето со заговорнички менталитет, зашто тие имаат нагласена склоност да веруваат дека светот е движен од настани, кои се тајно придвижувани од заговорници, претставени како избрани групи или поединци, здружени со лоши намери.

Ова е првиот, најкусиот и најсижејниот опис за теориите на заговори, што опстојува до денес. Порширениот опис, пак, е поместен во овој текст и претставен како прошетка во светот на заговорите. Тоа е свет виден низ очите на верувачите во теории на заговори, зашто во секој од нас постои таков верувач, па под одредени околности, можат да се разбудат овие наши слабости и склоности.

 

За значењето на зборовите

Во светот на заговорите не постои теорија на заговор, ами заговор во пракса, но во отсуство на практични и опипливи докази. Всушност, во овој свет етикетата „теорија на заговор“ е перципирана како обид да се оцрни, негира или прикрие вистинскиот заговор. Уште повеќе, за луѓето што имаат поголема склоност да веруваат во теории на заговори, оваа карактеризација е своевидена сигнализација за подмолен напад и минирање на нивните обиди за разобличување и обелоденување на вистинските заговори.

И воопшто, изразот „теорија на заговор“ може да изгледа проблематично за поголемиот дел од луѓето, без разлика на нивната склоност да (не) веруваат во теории на заговор. Најпрво, зборот „теорија“ во науката упатува на систем на знаења кој е научно докажан и потврден, односно претставува објективна вистина. Од друга страна, во секојдневието зборот „теорија“ обично упатува на значење кое е спротивно, односно знаење кое е спекулативно и непотврдено. И тука се случува интересен парадокс. За верувачите во некоја заговорничка теорија, таа е речиси истоветна со научна теорија, зашто е поистоветена со објективна и неприкосновена вистина (согласно нивниот систем на вредности, убедувања и знаења). За другите, заговорничката теорија е сфатена разговорно, како една од многуте теории, која е можна, но непотврдена и помалку веројатна верзија на стварноста. Освен тоа, зборот „заговор“ во пракса обично упатува на толкување за настани и личности, кое е консензуално поддржано од мнозинството. Наспроти ова, зборот „заговор“ во теоријата (на заговор), упатува на видување што е ексклузивно поседувано од „избраните“. Тоа е алтернативно толкување, кое не соодветствува на популарното мислење. Зашто, во светот на заговорите, тие, по правило, не се обелоденуваат и не одекнуваат како скандали на главната сцена. Напротив, тие остануваат притаени зад кулисите и се одвиваат на маргините. Затоа вистината не треба да се бара на сцената, ами во позадината. Ниту во наличјето, туку во опачината.

Поради сите наведени противречности и недоследности, поимот „теорија на заговор“ во психологијата главно се дефинира преку содржината (како наратив за нечие тајно здружување заради наштетување), а помалку преку формата (како толкување кое е помалку веројатно и веродостојно во однос на алтернативите). Најпосле, некои теории на заговор подоцна се обзнануваат како вистински заговори, а некои обелоденети заговори понекогаш изгледаат понестварно од многу теории на заговори. Затоа вистинитоста не треба да претставува единствено, ниту главно мерило при дефинирање теории на заговори.

 

За портретот на светот

Светот на заговорите е упростена верзија од стварноста, и може да биде насликан во две бои: црна и бела. Поточно, овој свет е гледан низ призмата на силите на лошото и доброто, па претставува опасно и заканувачко место, каде што доблесните избраници се во постојан конфликт и борба со здружените сили на злото. Во една верзија на овој свет, верувачите во теории на заговори се налик на епски јунаци, кои се надарени со необична проникливост, правичност и вистинољубивост, но и склоност за борба и активност, па постојано одолеваат, се спротивставуваат и разобличуваат заговори.

Друг поедноставен приказ за светот полн заговори е свет со две страни: горна и долна. Тое е неправедно место каде што владее законот на надмоќниот, надредениот и посилниот. Во оваа верзија од светот, верувачите во теории на заговори се невини, а обесправени жртви, манипулирани и експлоатирани од злонамерните угнетувачи.

 

За непишаните правила

Секоја верзија од поедноставената реалност е водена од неколку прости правила: подвоеност (дуалност), намерна поврзаност (интенционалност) и прикриеност (таинственост). Навистина тоа е свет, во кој работите се или добри или лоши, нештата не се случајни и ништо не е така како што изгледа.

Највпечатлива одлика на овој свет, сепак, е антропоцентричноста, односно насоченоста кон луѓето, особено опасните злонамерници или храбрите јунаци, кои се главни придвижувачи на сите сижеа и фабули, сите заплети и расплети. На некое ниво на симболичност и алегоричност, теориите на заговори се налик на бајки за возрасни. Тие се иницијациски искуства и (де)компензирачки механизми, кои нудат можност да се одживеат различни несреќи (општествени кризи и природни катастрофи), припишувајќи им предумисла, промисленост и целисходност на настани кои можеби биле резултат на чиста случајност. Така, за лицата што веруваат во нив, теориите на заговори ја враќаат смислата, редот и предвидливоста, воспоставувајќи привид за контрола над хаосот и случајноста.

 

 

Авторката е национална претставничка за европскиот проект „Компаративна анализа на теории на заговори во Европа“ (conspiracytheories.eu).

Овој едукативен текст е подготвен во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“ кој го спроведуваат Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со финансиска поддршка на Европската Унија. 
Содржините од „Критинк“ се слободни за преземање во целост според условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор, доколку се наведе изворот и се постави линк кон онлајн ресурсниот центар crithink.mk. Соржините не секогаш ги изразуваат ставовите на Европската Унија.