Во објава на „Фејсбук“ една хипотетичка статија од психолог е лажно претставена како да е наводна научна студија на Универзитетот „Стенфорд“ во Калифорнија. Всушност, станува збор за статија во журналот ,,Медицинска хипотеза”, со којашто Стенфорд нема никаква поврзаност. Исто така, во постот неточно се тврди и дека маските се штетни
Рецензираме пост на „Фејсбук“ во којшто се тврди дека нова студија на Универзитетот „Стенфорд“ покажала оти:
Маските не само што не се ефективни за заштита од трансмисија на болести, туку и се штетни.
Притоа, авторката воопшто не ја доведува во прашање точноста на податокот што го споделува, па освен тоа што споделува лага, продолжува и да ја коментира таа лага со зборовите:
При овие студии наместо уште да се носат маски – треба да се тужат тие што нè терале да носиме цела година и го уништувале здравјето на населението. Ќе си побарате ли отштета за овој легализиран криминал? А парите што изнакупивте маски?
Вистината е дека Универзитетот „Стенфорд“, инаку престижна научна институција во Калифорнија, воопшто не објавил студија, ниту, пак, спровел истражување какво што авторката на постот лажно тврди дека било изведено и објавено.
А, она што во постот се тврди дека е „научна студија“, всушност, е статија во журналот „Медицинска хипотеза“, со којашто „Стенфорд“ нема никаква поврзаност!
Поврзаноста на авторот со „Стенфорд“ е лажна и побаравме корекција. „Стенфорд“ никогаш не го вработил Барух Ваиншелбоим. Во 2015 беше професор на посета, за поле неповрзано со овој документ, изјави Џули Греишус, директор на комуникации на Стенфорд Медисин за АФП.
Згора на тоа, во статијата се изнесени лажни тврдења за ефектите на носењето маска. За забележување е дека „Медицинска хипотеза“ има водич за своите автори во кои јасно се наведува дека овие текстови може да се интерпретираат како осврти и теоретски статии.
Журналот ќе земе предвид, шпекулативни, радикални, научни идеи се додека тие се кохерентно изразени, пишува во водичот за објавување.
До кој степен овој журнал зема предвид хипотези и шпекулации, покажува и фактот што повлече статија во која се негираше врската меѓу ХИВ и СИДА.
Но, кој е авторот на цитираната статија за наводната штетност на маските?
Статијата за маските е објавена во ноември од авторот Барух Ваиншелбоим, инаку клинички психолог со докторат од Универзитетот Порто во Португалија. Тој на „Стенфорд“ бил професор на посета во текот на 2015 година по што нема никаква поврзаност со престижната образовна институција.
Што се однесува, пак, на тврдењата изнесени во статијата, дека се покажало оти маските предизвикуваат хипоксија, хиперкапнија, „Вистиномер“ во својата работа веќе поби дел од нив.
Така, доктор Маитиу О’Туатхаил се снимил себеси, носејќи не една, туку шест хируршки маски и притоа мерејќи го нивото на кислород во својот организам. Неговите нивоа на кислород во текот на целиот период биле стабилни, односно изнесувале 99 проценти.
Ова е константен резултат без разлика дали носите шест маски во времетраење од една минута или во текот на целиот ден. Нивоата на кислород во крвта нема да се променат поради ова, вели тој во своето видео.
Докторот дополнително, како аргумент, ги посочува своите колеги хирурзи кои со години носат хируршки маски без никакви последици.
Поради фактот што молекулите на кислородот се толку мали, тие можат да продрат низ каква БИЛО маска, без оглед на тоа колку долго ја носите, додава докторот.
Туатхаил приложува и докази дека носењето маска може да го намали ширењето на вирусните честички за 99 проценти и на тој начин се намалува ризикот од ширење на корона-вирусот.
Друг пример од американската држава Мисури ја поткрепува мерката за носење маска како исклучително корисна. Имено, две фризерки во Мисури кои биле заразени со ковид-19 и биле во контакт со 140 клиенти, не ја пренеле заразата на ниту еден од нив, зашто носеле маска за време на работата.
СЗО е децидна дека носењето маска е клучна мерка за да се спречи трансмисијата на ковид-19 и да се спасат животи. Маските како што наведуваат оттаму, треба да се користат во сеопфатен пристап, со физичка дистанца, одбегнување гужви и седење во затворен простор, добра вентилација, чисти раце и така натаму.
Неточно е и посоченото во статијата што ја рецензираме, дека носењето маска може да предизвика хиперкапнија, состојба предизвикана од таложење на јаглерод диоксид во крвта.
Претставник на Центарот за контрола и превенција на болести во САД, за „Ројтерс“ вели дека јаглерод диоксидот може да се наталожи на маската со текот на времето но дека неговото ниво е во границите на толерантната нормала.
Можеби ќе добиете главоболка, но нема да ги добиете симптомите кои што се добиваат при високи нивоа на јаглерод диоксид. Маската може да е неудобна поради тоа што некој можеби ќе се почувствува мотивиран да ја отстрани. Но, не е веројатно дека носењето маска ќе предизвика хиперкапнија, изјави тој за „Ројтерс“.
Во октомври 2020 година, во Канада задолжителното носење маска во Онтарио се покажа како делотворно, зашто неделниот број на нови ковид позитивни случаи опадна за 25 проценти.
Членот на германската асоцијација за пневмологија и респираторна медицина, Филип Лепер, за „АФП“ вели дека воздухот позади маската се меша со чист воздух секогаш кога ќе вдишете и затоа нема ефект на нивоата на јаглерод диоксид измерени во телото.
Поради фактот што една хипотетичка статија од психолог е лажно претставена како да е наводна научна студија на „Стенфорд“, како и поради фактот што маските не предизвикуваат ниту хипоксија ниту хиперкапнија, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.