Текст упропастен со тенденциозен наслов

[Рецензија: Шилегов лани ем градел ем заштедил 30 милиони евра]

Градењето објекти и урбанистички содржини не мора да има врска со трошењето на буџетските пари. Градот може да земе кредит, може да направи приватно-јавно партнерство, каде што најголем дел од инвестицијата ќе ја покрие приватникот, може да издаде хартии од вредност, а може и да продаде објект или земјиште и од тие пари да гради нови објекти или урбанистички содржини. Но, не може да се има целосно коректен текст без во него да се спомене главната информација од седницата на Советот на Град Скопје – дека е усвоен буџетот – а потоа може да следуваат коментари и анализи.

Линк до оригиналниот напис: Шилегов лани ем градел ем заштедил 30 милиони евра

Датум и време на објавување: 11.2.2020

Датум на рецензија: 13.2.2020

Рецензира: Стојан Синадинов

Советот на Градот Скопје деновиве го усвоил буџетот, за што известија медиумите. Текстот  што го рецензираме, пак, е опремен со наслов што е тенденциозен и не соодветствува со содржината.

На почетокот на написот коректно се посочува дека според извештајот за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2019 година, Град Скопје ја завршил минатата година со позитивно салдо од близу 2 милијарди денари (31,5 милион евра).

Ова, според градоначалникот Петре Шилегов, се должи на неговото домаќинско работење иако лани биле реализирани мноштво капитални проекти под надлежност на Градот.

Коректно е наведена информацијата на градоначалникот Петре Шилегов дека лани во градската каса се влеале 5,7 милијарди денари (92,7 милиони евра), што претставува остварување од 87,2%. Што се однесува до расходите, тие се извршени во износ од 5,3 милијарди денари (86,2 милиони евра), што претставува процентуално извршување од 82%.

Секако дека опозицијата во Советот на Град Скопје може да има забелешки, како таа на Јован Лазарев од ВМРО-ДПМНЕ, кој реагирал дека успеале да се соберат толку пари, бидејќи во нив се вкалкулирани и средствата од продажбата на Градската куќа. Текстот во продолжение ја наведува и репликата на Шилегов, кој побарал од Секторот за финансии да ги одбие средствата од продажбата на зградата, но и покрај тоа 2019 година е убедливо најдобра буџетска година во историјата на работењето на Градот.

Тоа што се работи за 30 милиони евра во касата на Градот, се работи за финансиска кондиција што досега не се памети – истакна Шилегов.

Текстот коректно ги наведува активностите и динамиката на работата на Градот Скопје во трошењето на буџетските средства. Затоа изненадува тенденциозноста во насловот, но и неспоменувањето на основната информација дека е усвоен буџетот на градот во содржинскиот дел на текстот, што можеби е превид на новинарот. Начинот на кој е пласиран насловот на извесен начин значи непочитување на чл. 13 од Кодексот на новинарите, во кој се вели:

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

Би додале, особено кога се работи за наслов на вест или проширена информација.