Текст за антиковид-мерки во Албанија доби кликбејт-наслов за Македонија

Напис со манипулативен наслов е споделен на фејсбук-страница со опис во објавата: „Дали вие сте за враќање на полициски час во одреден период во државата?“.  А, целиот текст, всушност, е за состојбата со ковид-19 во Албанија и за мерките што таму се преземаат за да се намали ширењето на вирусот

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Текст со ударен и сензационалистички наслов, кој предизвикува паника, тврди дека во Македонија расте бројот на заболените од корона-вирусот. Она на што ќе наиде секој што ќе го кликне текстот, е чувство дека е измамен затоа што дел од насловот нема никаква врска со текстот.

Во Македонија силен пораст на новозаболени: Дали полицискиот час е опција – од 20 часот до 06 часот останува и натаму во Албанија

Иако директно во првиот дел од насловот се опишува состојбата во Македонија со бројот на новозаболените, во текстот нема ни „М“ од Македонија, ниту што било поврзано со ситуацијата со корона-вирусот во нашата земја. Ниту број на заболени ниту дали тој број е во пораст или пад и што тоа значи.

Целиот текст, кој се споделува и на социјалната мрежа „Фејсбук“, всушност, е за состојбата со овој вирус во Албанија и за мерките што таму се преземаат за да се намали ширењето, како што, впрочем, е наведено во вториот дел од насловот.

Бидејќи во текстот нема ништо поврзано со Македонија, овој наслов е обичен кликбејт, односно го измамува читателот кога ќе го види споделен на социјалните мрежи, да помисли дека кога ќе кликне, ќе прочита и ќе добие повеќе информации за актуелната состојба со корона-вирусот во нашата земја.

И тогаш ќе сфати дека е измамен, бидејќи текстот е за Албанија.

За состојбата со корона-вирусот во Македонија, официјални и сеопфатни информации пред два дена објави Институтот за јавно здравје, кои, пак, не може да се најдат во овој текст.

Насловот крева паника, а потоа во текстот не може да се најде дополнителна информација дали е тоа вистина или не.

Овој текст е споделен на фејсбук-страница со опис во објавата: „Дали вие сте за враќање на полициски час во одреден период во државата?“, при што доби големо внимание со многу коментари и реакции.

Ваков наслов е креиран само за да привлече внимание, особено во ваква чувствителна ситуација кога се појавуваат нови мутирани соеви на вирусот за кои сè уште не се знае со сигурност дали се поопасни и дали предизвикуваат зголемено ширење на вирусот.

Преку сензационализам и сеење паника и страв, целта на овој наслов не му е точно и сеопфатно да ја информира јавноста, туку да ја наведе во погрешна насока поради зголемување на читаност и кликови.