Тендерот за струјата не е за Анѓушев, тој веќе две години не е газда на ЕДС

[Анѓушев од функционер пак газда, а Шеќеринска за да му тргне бизнисот го мотивира со тендер од 1,6 милиони евра?!]

Насловот на текстот што го рецензираме дезинформира бидејќи поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев повеќе не е сопственик на „Енерџи деливери солушн ЕДС“ ДООЕЛ, фирма со која Министерството за одбрана склучило едногодишен договор за јавна набавка на струја. Имено, Анѓушев го продаде ЕДС на грчкото електростопанство, односно грчката национална компанија за производство на струја ППЦ на 25 април 2018 година.

Линк до оригиналниот напис: Анѓушев од функционер пак газда, а Шеќеринска за да му тргне бизнисот го мотивира со тендер од 1,6 милиони евра?!

Датум и време на објавување: 15.1.2020

Датум на рецензија: 16.1.2020

Рецензира: Силвана Жежова

Министерството за одбрана, со кое раководи Радмила Шеќеринска за овогодинешната потрошена струја ќе му плати на поранешниот вицепремиер задолжен за економски прашања во владата на Заев, Кочо Анѓушев, 1.600.000 евра, покажува сајтот на Бирото за јавни набавки.

Текстот има тенденција на ширење дезинформации и замижување пред фактот дека поранешниот вицепремиер Анѓушев не е повеќе сопственик на ЕДС и оттука неможноста Шекеринска да му плати 1.600.000 евра за потрошената струја. Согласно законските обврски, Министерството за одбрана мора да спроведе јавна набавка за снабдување со електрична енергија.

Исто така, пазарот на електрична енергија се либерализира, па компаниите и институциите може да ги избираат операторите што ќе понудат најповолни цени за нивните потреби.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги демантира изнесените тврдења.

Согласно законските обврски Министерството за одбрана спроведе јавна набавка за снабдување со електрична енергија. На огласот се јавија четири фирми, кои учествуваа на електронска аукција во која значително се намали цената. Од првичните понуди, кои изнесуваа помеѓу 95 и 116 милиони денари, поради конкуренцијата, цената се намали на 77,7 милиони денари. Тоа значи околу 18 милиони денари помалку од првичната најниска понуда. Со ова Министерството за одбрана ќе оствари заштеда и во однос на претходните трошоци за таа намена и во однос на постигнатите цени во други институции, се вели во демантот на Шекеринска.

Министерката за одбрана побара извинување како и објава на демантот, но медиумот сè уште не го сторил тоа иако има обврска според Законот за граѓанската одговорност за навреда и клевета.

Текстот тенденциозно ги доведува во бизнис-корелација поранешниот вицепремиер и актуелната министерка за одбрана без притоа да го земе предвид основното правило на еден новинарски текст, а тоа е точно информирање. Проверката на вистинското сопствеништво на една фирма, новинарите вообичаено ја прават преку Централниот регистар, но продажбата на ЕДС на грчко електростопанство беше јавно објавена информација, за која медиумот веќе пишувал во еден од своите написи.