Тенисерот Димитров, а не вицепремиерот Димитров, има нова девојка Русинка

Објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ намерно шири дезинформации, пласирајќи вест за бугарскиот тенисер Григор Димитров, но со фотографија од министерот Никола Димитров, со цел да привлече што повеќе кликови

Пост на „Фејсбук“ ја манипулира и дезинформира јавноста дека вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров, имал нова девојка. Постот со фотографија од Димитров пласира вест со наслов:

Димитров има нова девојка – Оваа с*кс бомба е ќерка на руски милијардер (фото).

Објавата во моментот на нашата рецензија има речиси 100 интеракции (реакции, коментари и споделувања).

Но, кога ќе го отворите текстот под постот ќе видите дека насловот и фотографијата немаат никаква врска со вицепремиерот Никола Димитров.

Веднаш под насловот на текстот се наведува: „се зезаме наш Димитров е далеку од оваа за бугаринот станува збор Кате од СЕММ раат биди систер ќе го пазиме“.

Во самиот текст, меѓу другото, пишува:

Бугарскиот тенисер Григор Димитров има нова девојка, и повторно Русинка. По Марија Шарапова, таа сега излегува со руската милијардер Лолита Османова. Лолита е ќерка на рускиот бизнисмен и олигарх Елдар Османов, сопственик на компанијата Межрегионсојенерго. Според списокот на Форбс, Елдар е околу 100-то најбогато место во светот, со богатство проценето на нешто повеќе од милијарда долари, се вели во написот во кој има фотографии од Османова.

Значи станува збор за бугарскиот тенисер Григор Димитров, кој има исто презиме со македонскиот вицепремиер Никола Димитров.

Тргнувајќи од ова може да се каже дека постот на „Фејсбук“ што е предмет на нашата проверка е невистинит, тој е кликбејт-пост (clickbait), кој шири дезинформации. Насловот сам по себе е лага, односно измама и ги наведува читателите да бидат дезинформирани, што се гледа и од коментарите под постот во кои корисниците не многу резервирано протестираат поради ваквата постапка и измама. Постот содржи фотографија од вицепремиерот Димитров, но во написот нема фотографија од него.

Ваквите содржини, според правилата за оценување на „Фејсбук“ се сметаат како содржини на кои им недостига контекст (missing context), односно дополнителни објаснувања за да бидат разбрани како што треба и со тоа тие ги доведуваат во заблуда читателите.

Голем дел од граѓаните имаат обичај да ги читаат само насловите, но не и целите написи и своите заклучоци да ги извлекуваат само од она што ќе го видат на прв поглед. Затоа е важно сите наслови да не се земаат здраво за готово, туку да се отвори текстот и да се види дали насловот е поткрепен со некакви факти, па потоа да се гради мислење.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.