Тестот за ковид 19 е специфичен на вирусот, пандемијата не е лажна

Во објава на „Фејсбук“ се изнесени невистини и полувистини, кои имаат за цел да ги насочат граѓаните кон непочитување на мерките за заштита и спречување од ковид 19

На социјалната мрежа „Фејсбук“, на повеќе профили на приватни корисници, но и во антиваксерски групи се споделува делумно невистинит пост, кој се однесува на начинот на кој државата се справува со пандемијата со корона-вирусот. Во постот во повеќе наврати почитувањето на превентивните мерки се изедначува со тиранија.

Првата невистина што е изнесена е дека тестот со кој се открива присуството на ковид 19 не смее да биде употребуван за дијагностицирање заразни болести. Тестот за детекција на корона-вирусот е одобрен од Светската здравствена организација (СЗО).

Втората невистина е дека тестот би дал позитивен резултат на повеќе од 10 различни состојби, почнувајќи од обична настинка до други слични или сосема различни состојби. Конспирациски се тврди и дека оваа информација домашните медиуми „вешто ја кријат“, а оти таа е достапна во упатството на тестот.

Тестот за ковид 19, којшто е молекуларен, е специфичен и исклучиво детектира присуство на вирусот причинител на болеста ковид 19.
Со молекуларните тестови се врши детекција на присуство на самиот вирус или дури и само секвенца од РНК на вирусот, а во комбинација со мерењето на концентрацијата на антителата се добива увид во тоа дали организмот бил во контакт со вирусот и каков е имунолошкиот одговор на организмот во борбата со вирусот.

„Вистиномер“ стапи во контакт со медицински лица од лаборатории ширум државата, кои потврдија дека кога се издава позитивен резултат за PCR тест, тоа е специфично за SARS CoV 2 вирусот. А, постојат критериуми за тоа што се издава како позитивно. Минимум два SARS CoV 2 гени позитивни и евентуално локус за сите корони. Значи, ПЦР тестот не се однесува на други вируси.

Шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавилах, уште во април за МИА изјави дека според упатствата на Светската здравствена организација, ПЦР тестот е направен да го детектира самиот вирус, односно антигенот.

Со него може да се измери вирусното оптоварување или бројот на вирусите во еден примерок. Тоа значи дека само преку тестирање на вирусното оптоварување преку ПЦР ние ќе знаеме дали некој е заразен и има активна болест и кога некој е излечен, истакна таа за МИА.

Понатаму во спорниот пост е наведено дека „маските се симбол за супресија, тестовите се лажни исто како и пандемијата“. Точно е дека дел од тестовите даваат лажно негативни и лажно позитивни резултати, во зависност од тоа во кој период се земени и од концентрацијата на вирусот во организмот, односно во зависност од тоа дали е поминат доволен период за инкубација. Меѓутоа, тестовите во огромен процент даваат точни резултати.

Кога се тврди дека тестот детектира „обична настинка“, всушност, се алудира на тоа дека кај некои пациенти симптомите на болеста се слични на оние на настинка. Меѓутоа, не е точно дека кај сите корона-вирусот се манифестира како блага настинка. Напротив, има и случаи на тешка цитокинска бура, распаѓање на белите дробови и другите органи во телото како резултат на ниска сатурација, а во Македонија дури имаше и случаи кога вирусот предизвика воспаление на мозокот кај млади пациенти. Значи, какви ќе бидат симптомите зависи од случај до случај.

Во постот се повикуваат граѓаните да не носат маски за „да не дишат во сопствениот јаглерод диоксид и бактерии кои подоцна ќе бидат причина за голем број болести“, што, исто така, не е точно. Како што пишувавме, маската не доведува до зголемено количество на јаглерод диоксид во организмот, ниту, пак, го намалува нивото на кислород поради тоа што молекулите и на кислородот и на јаглерод диоксидот се толку мали, што тие продираат низ каква било маска.

Така што, во овој пост се изнесени невистини и полувистини, кои имаат цел да ги насочат граѓаните кон непочитување на мерките за заштита и спречување од ковид 19, поради тоа што дел од нив се нелагодни.(vistinomer.mk)

 


Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени
од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.