На „Фејсбук“ отворено се пропагира децата да не носат маски

Тврдењето дека три деца починале од носење маски во Германија проверувачи на факти од Шпанија го провериле и дошле до заклучок дека нема докази оти ова е точно. Не постои ниту еден релевантен медицински доказ оти носењето маски може да биде опасно и да предизвика задушување кај децата или кај возрасните. СЗО има цело упатство за употребата на маските кај децата и во него никаде не се вели дека тие можат да предизвикаат задушување

Невистинита објава на „Фејсбук“ полна со теории на заговор пропагира неносење на маска кај децата. Без никакви релевантни докази изнесено е тврдење дека три деца починале од задушување со маска во Германија.

Веке 3 мртви дечиња задушени од маска..во Германија….ОСВЕСТЕТЕ СЕ ..за вашите деца ..ковид 19 е измама ..јас сум воено лице РАЗУЗНАВАЊЕ … на мојот профил ја имате позадината на Короната…РАЗБУДЕТЕ се и делете си мегу себе инфо за измамата несебично …ПЛАНОТ е 70 години кроен за да не снема…Трамп и сојузниците го  пресекоа планот…мораме да помогнеме на децата

Тврдењето дека три деца починале од носење маски во Германија го изнесува извесен доктор Бодо Шифман, кој преку видеообраќање вели дека „деца умираат затоа што носат маски против болест која не постои“.

Проверувачи на факти од Шпанија го провериле ова тврдење и дошле до заклучок дека нема докази дека ова е точно.

Од канцеларијата на јавниот обвинител, од каде што се задолжени за истрага на првиот случај со смртта на 13-годишно девојче, изјавиле дека „причините за смртта се сè уште непознати и оти ќе се прават дополнителни анализи“. Во однос на вториот случај, од шпанскиот медиум велат дека нема никакви докази дека воопшто се случило такво нешто, а од јавното обвинителство изјавиле дека немаат таков сличен случај. Баварската полиција на својот официјален твитер-канал ги нарече „лажни вести“ тврдењата дека последниот, третиот случај на 6-годишно девојче, кое починало во автобус, е поради употреба на маска.

Вистината е дека не постои ниту еден релевантен медицински доказ оти носењето маски може да биде опасно и да предизвика задушување кај децата или кај возрасните. Светската здравствена организација има цело упатство направено во вид на прашања и одговори за употребата на маските кај децата и во него никаде не се вели дека тие можат да предизвикаат задушување.

Од друга страна, медицински е потврдено дека во време на пандемија предизвикана од корона-вирусот и кога сѐ уште нема вакцина за заштита од него, носењето маска, заедно со држењето дистанца и честото миење на раце, е главното оружје за спречување на ширењето на вирусот.

Особено е важно во затворени простории, каде што не може да се одржи доволна дистанца, сите да носат маски, вклучително и децата. Иако, за среќа, децата ако се заразат со вирусот поминуваат со многу слаби симптоми или се најчесто асимптоматски, сепак, треба да носат маски за да не го шират вирусот.

Во објавата се тврди дека вирусот е измама, но не се наведува како е дојдено до таков заклучок, кој, секако, е невистинит.

Особено чудно е што овој пост е објавен на фејсбук-страница за огласи наречена „Купи продај“, која има речиси 145.000 следбеници, каде што се купуваат и продаваат предмети, и на ваква објава не ѝ е местото таму. Но, поради големиот број членови на групата, објавата, иако лажна, има голема читаност и над 50 споделувања.

Објавата е придружена со три фотографии. На едната фотографија е напишан апел до родителите децата да не носат маски, односно пропагира неносење и непочитување на мерката за носење заштитни маски како дел од заштита и неширење на пандемијата со корона-вирусот.

На втората слика е прикажано девојче со маска на која на англиски јазик пишува „не можам да дишам“ (I can’t breathe). Фотографијата, односно написот, е креирана манипулација. На оригиналната фотографија, која ја направил фотографот Владимир Смирнов од руската новинска агенција ТАСС, девојчето носи маска, но таа е без напис. Тоа значи дека реченицата „не можам да дишам“ е отпосле додадена, односно фотошопирана.

Третата фотографија нема логика во целокупната објава. На горниот дел од фотографијата е покажан лидерот на политичката партија, Димитар Апасиев, како со рацете покажува некаков симбол. На втората половина се покажани неколку фотографии од познати личности, најчесто од светската политика, меѓу кои неколку американски претседатели како го покажуваат истиот знак со рацете. Каква врска има ова со маските и децата воопшто не е јасно.

Многу е опасно со вакви невистини и манипулации да се пропагира неносење маски кога илјадници луѓе секојдневно ја губат борбата со вирусот. Маската, засега, останува една од ретките и ефикасна заштита во намалувањето на ширењето на ковид 19. Се разбира, за да бидат ефикасни, маските треба да се носат правилно, да се чистат и менуваат често.

Како во многу држави, така и кај нас, задолжително е носењето заштитни маски во сите јавни затворени простории, како и на отворени простори, каде што нема можност за одржување дистанца од два метра. Доколку не се почитува оваа мерка, предвидена е парична казна во висина на 20 евра.(vistinomer.mk)

 


Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени
од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.