Сегмент од Шведска за ковид 19 злоупотребен за невистина дека цел свет се враќал во нормала

Полувистинита медиумска објава за Шведска од 1 октомври, пренесена во медиум на македонски јазик четири дена подоцна, е злоупотребена во фејсбук-објава, со која се тврди дека „останатиот свет се враќа во нормала, а нас ќе ни прават нова нормала…“

Пост на „Фејсбук“ невистинито тврди дека состојбата во светот со корона-кризата е нормализирана во смисла дека мерките се враќале во нормала, но само кај нас нѐ учеле на новото нормално. Притоа, нема ни „а“ од аргументи, освен објавата од портал.

Во постот, меѓу другото, се наведува:

…Во останатиот свет следи враќање во нормала, а нас ќе ни прават нова нормала , нова реалност која ќе треба да ја прифатиме . Не смееме да заборавиме , а на тој начин и ќе ги детектираме сите соработници т.е. полтрони на глобалистите , дека за сите мерки (оние што се однесуваат на делот за човекови права, а не за економски мерки и финансиски криминал), имаше целосна согласност на сите политички фактори во државата …

Како аргумент за ваквото тврдење, кое започнува со навреди за актуелниот министер за здравство, а завршува со општ заклучок дека сите политички елити во Северна Македонија биле соработници на глобалистите и дека ниту еден немал здрава логика, туку сите биле квислинзи, објавен е скриншот од порталот „Инфомакс“, на кој се чита насловот: „Шведска со денови без нови случаи: „Сега ја третираме короната како и секоја друга болест“

Претрагата по интернет за овој текст води до следните факти:

Текстот објавен на 4.10 2020 е превод на текст објавен со ист наслов од хрватски медиум („Инфомакс“ професионално го навел линкот), Либерал.хр, објавен на 1.10.2020. Во овој текст, пак, се гледа нивниот извор, Автонбладет, он-лајн издание, исто така, од 1.10 2020.

Ниту во текстот преземен на „Инфомакс“, ниту во текстот на „Либерал“, не е наведено од каде е изваден насловот „Сега ја третираме короната како и секоја друга болест“. Во оригиналот од „Автонбладет“ последната реченица е „Овој систем постои и за другите болести, а сега се применува и за ковид 19“, но тоа се однесува на претходната реченица, во која се вели дека се воведува препорака „ако во семејството има некој заразен од ковид 19, другите членови на семејството, освен децата, да останат дома во изолација од 7 дена“(види ТУКА последните два пасуса).

Според тоа, може да се констатира дека и самиот извор што го користи авторот на постот е делумна невистина. Освен ова, сепак, не може да се пренебрегне фактот дека шведскиот модел на справување со кризата со помалку рестриктивни мерки, иако генерално се смета за успешен, секогаш беше под знак на прашлник како контроверзен, пред сѐ, поради зголемениот број на умрени лица. Со 583 починати лица на еден милион жители, Шведска се наоѓа во горниот дел од земјите од Европа по смртни случаи од ковид 19.

Генерално гледано, освен одделни случаи како Нов Зеланд, на пример, не може во никој случај да се каже дека „во останатиот свет следи враќање во нормала…“. Дека тоа е така и дека дури за Шведска кога се зборува не може да се каже дека состојбата е вратена во нормала, може да се види и од податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести со состојба од 5.10.2020, каде што само за Шведска се кажува дека за последните 14 дена има над 5.000 новооткриени случаи. До истиот заклучок, дека е невистина оти „останатиот свет се враќа во нормала…“, се доаѓа и ако се гледа статистиката на Worldmeter за 6.10.2020.

Но, најпрецизен преглед за новите мерки во серија земји во Европа дава „Би-би-си“. Пред еден ден на овој јавен сервис, еден од најугледните во светот, е објавен текст во кој е прикажан целосниот список на земји со воведени нови мерки, што е драматично различно од тврдењето на авторот на постот, кој невистинито вели: Во останатиот свет следи враќање во нормала, а нас ќе ни прават нова нормала…

Ваквиот пост, кој во целина може да се оцени како полувистина, само за 24 часа е споделен 25 пати од оригиналниот извор. (vistinomer.mk)

 


Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени
од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.