Топ-5 дезинформации од протестите против Договорот со Грција

Фото: Принтскрин/колаж: Вистиномер

 

Откако Владата на Зоран Заев влезе во сериозни и директни преговори со официјална Атина за конечно затворање на деценискиот спор со Грција за името на државава, почнаа да се одржуваат чести, поголеми или помали, протести „против промена на уставното име на државата“ и „за неменување на идентитетот на Македонците“, организирани од неформални групи, разни невладини организации и здруженија, но и неколку маргинални политички партии, чие дејствување се темели на национализмот и евроскептицизмот

 

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

Првиот помасовен протест против промена на уставното име на земјава се одржа на 27 февруари, во организација на „Светскиот македонски конгрес“, „Сите за унитарна Македонија“, „Македон“, „Тврдокорни“, „Македонски манифест“ и други организации, чии претставници беа на чело на поворката од ЕУ-Инфоцентарот до Собранието, засилени со владиците Агатангел и Петар, аналитичарот Сотир Костов, професорката Виолета Ачковска, пратеникот Антонијо Милошоски и др.

Ако овој протест изобилуваше со жестока реторика, но помина во мирна атмосфера, на денот кога министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас го потпишаа таканаречениот преспански договор (17 јуни) во името на македонската и грчката влада, се случија насилни протести организирани главно преку социјалните мрежи, во чии рамки беа повредени 17 лица, од кои 10 полицајци, а воедно беа приведени 26 лица, бидејќи, според МВР, ја туркале заштитната ограда, фрлале камења и пиротехнички средства кон Собранието и полицискиот кордон и се обиделе да влезат во законодавниот дом.

Уште еден од протестите што треба да се издвојат се одржа на 18 ноември, во организација на „Бојкотирам уставни измени“, во време кога се отвори иницијатива за уставни измени согласно потпишаниот преспански договор меѓу Скопје и Атина, што главно подразбира промена на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија, но и интервенција во Преамбулата на Уставот.

И на овој протест се случи мал инцидент, кој можеше да ескалира во насилство, но тој не беше предизвикан од демонстрантите, туку од дел од групите и здруженијата што се јавуваа како поддржувачи и организатори на овој и на другите протести, односно Јанко Бачев од Единствена Македонија, Филип Петровски од Фракцијата на ВМРО-ДПМНЕ, претставници на Христијанско братство и други учесници се побунија откако Солза Грчева, Љупчо Палески и другите говорници не дозволија пред присутните да се обрати и нивни претставник.

Во меѓувреме се одржаа и други помалку масовни протести во организација на разни групи и здруженија, на кои беа искажани низа дезинформации и манипулации, сеедно дали тоа било сторено со цел да се мобилизираат што поголем број граѓани за да се создаде одреден политички капитал на бранот на едно општо незадоволство или, пак, од незнаење и погрешно убедување.

1. ДВОЈАЗИЧНОСТА ЈА ЗАГРОЗУВА УНИТАРНОСТА

Освен заштита на уставното име на државата, уште на првиот поголем протест на 27 февруари учесниците испорачаа и низа други барања, вклучително и повлекување на Законот за употреба на јазиците, кој парламентарното мнозинство на СДСМ и ДУИ го усвои набрзо откако ја формираа новата влада. Во однос на ова барање, демонстрантите истакнаа дека ја отфрлаат двојазичноста затоа што таа „ја руши унитарноста и ја менува етничката карта на Македонија“.

Меѓутоа, уредувањето на прашањето за употребата на јазиците на националностите, макар и до степен на целосна двојазичност, тројазичност итн., не е во корелација со уставното уредување на една државата или, со други зборови, тоа ниту може да ја загрози унитарноста ниту може да доведе до федерализација. Напротив, според упатените, повеќејазичните политики не само што не се предворје за федерализација, туку може да го зајакнат унитарниот карактер на државата.

Промоцијата на територијални, наместо персонални јазични права може да биде директна опасност за федерализација на земјата, од проста причина што самата федерализација и напредната територијална поделба во разни сфери одат рака под рака. Персоналните права, односно да го искористам непосакуваниот термин „двојазичност на целата територија“, даваат добра основа за зачувување на унитарноста во македонскиот случај, пишува Јован Близнаковски од Институтот за демократија во колумна за Дојче веле, објавена на крајот на 2016 година.

Притоа Близнаковски посочува дека точно е оти најпознатите примери на повеќејазичност се присутни кај федерации како Белгија, Канада, Швајцарија, но, додава тој, тоа не е правило. Во таа насока, наведува дека Словенија им овозможува напредни јазични права на Италијанците и Унгарците, Италија во неколку свои провинции овозможува службена употреба на повеќе јазици различни од италијанскиот, а најизразен пример во овој контекст е Финска, која е унитарна држава со два службени јазика на целата територија – фински и шведски, иако во државата живеат само 5 отсто Швеѓани.

Универзитетскиот професор по уставно право, Светозар Шкариќ, во својата книга „Уставно право“, публикувана во 2006 година, во делот за облици на државно уредување, прави дистинкција меѓу унитарното и федеративното уредување, така што Македонија ја дефинира како унитарна децентрализирана држава. Оттука произлегува дека унитарноста на земјава не се доведува до прашање преку двојазичноста, од што произлегува дека Законот за употребата на јазиците или, популарно кажано, за двојазичност, не го загрозува актуелното уставно уредување на Македонија.

 

2. КОМПРОМИСОТ ПРЕТСТАВУВА ВЕЛЕПРЕДАВСТВО

Велепредавниците кога тогаш ќе бидат извадени пред судот на народот, порачаа учесниците на протестот за одбрана на името и идентитетот, но и за ослободување на притворените од крвавите инциденти во парламентот, одржан на 27 февруари. Ваквите обвинувања за предавство се билдаа од протест на протест и доживеаја кулминација на протестот на 19 ноември пред Собранието, на кој претседателот на СМК, Тодор Петров, рече:

Промената на името на државата претставува најтешко кривично дело велепредавство, геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото…

На тој начин, тој го го впери прстот кон актуелната владата, пред сè, кон премиерот Заев и министерот Димитров, нарекувајќи ги предавници поради нивната водечка улога во преговорите со Грција, кои подоцна резултираа со договор. Сепак, овој договор е далеку од првата тешка квалификација на Петров за велепредавство, кое како кривично дело во Кривичниот законик, преку член 305, е дефинирано на следниов начин:

Тој што со употреба на сила или сериозна закана ќе се обиде да го измени уставниот поредок на Република Македонија или да ги собори највисоките државни органи ќе се казни со затвор најмалку пет години.

Имајќи предвид дека во случајов нема никаква употреба на сила, туку преспанскиот договор е резултат на преговори меѓу две суверени држави предводени од легитимни влади, под покровителство на Обединетите нации, кои таква обврска презеле со Времената спогодба од 1995 година, а уставните измени за промена на уставното име согласно овој договор се спроведуваат во регуларна парламентарна процедура и постапка, може да се заклучи дека овој компромис не претставува никакво велепредавство.

 

 

3. БРИШЕЊЕ НА АСНОМ ОД УСТАВОТ

Исто така, на протестот пред парламентот на 19 ноември говорниците порачаа дека се против нелегалната промена на името, но, како што велат, и против бришењето на АСНОМ од Уставот. Арно ама, факт е дека преспанскиот договор потпишан неколку месеци пред овој протест, како и со уставните измени кои се фаза на усвојување во парламентот, не се предвидува бришење на АСНОМ.

Поточно, со Aмандманот XXXIV се предвидува зборовите „одлуките на АСНОМ“ во Преамбулата на Уставот да се заменат со зборовите „правните одлуки што се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ…“.  Ова, како што објаснија од Владата, се прави со цел да се елиминираат иредентистичките тенденции во Уставот, бидејќи реалноста во времето на заседанието на АСНОМ не одговара на денешната реалност, од причина што во дел од одлуките на АСНОМ се повикува на обединување на сите Македонци.

Во секој случај, доколку предложените нацрт-амандмани се усвојат со двотретинско гласање во последната фаза, тоа не значи дека ќе се избрише АСНОМ од Преамбулата на Уставот како дел од историскиот и политичко-правниот континуитет на македонската држава, туку само се менува формулацијата со цел да се елиминираат пораките што реферираат на обединување на географската територија на Македонија, во која влегува и егејскиот дел од Македонија или територијата на денешна Северна Грција.

 

4. НИКОЈ НЕМА ПРАВО ДА ОДЛУЧУВА ЗА ПРОМЕНА НА ИМЕТО

На уште еден од дузината протести, кој се одржа на 4 март минатата година во организација на „Нашето име е наше право“, еден од говорниците изјави дека одлучувањето во однос на прашањето за името излегува од рамките на Уставот. Според него, никој, вклучително и Владата, Собранието и претседателот на државата, нема уставно овластување да одлучува за промена на името, дури и ако е само за меѓународна употреба. Патем, тој изјави дека и одржувањето референдум за вакво прашање е противуставно.

Но, што навистина вели Уставот? Врз основа на договорот, кој во име на македонската и грчката влада го потпишаа министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас, кој потоа беше ратификуван во македонскиот парламент, се спроведуваат уставни измени согласно договорот. Според Член 119 од Уставот, меѓународни договори во името на РМ склучува претседателот на РМ, но меѓународни договори може да склучува и Владата на РМ кога тоа е определено со закон. Член 68, пак, предвидува дека Собранието на РМ, меѓу другото, има надлежност да го донесува и изменува Уставот, што е доуредено со Членот 131, каде што се наведува:

Одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Нацртот за измената на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна дискусија. Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Измената на Уставот ја прогласува Собранието.

Исто така, Уставот му дава на Собранието надлежност да распишува и референдум, од што произлегува дека Владата, Собранието и претседателот на државата имаат целосно уставно право, под одредени услови, да склучуваат меѓународни договори и да спроведуваат уставни измени, дури и за промена на името на државата.

 

5. ОПОЗИЦИЈАТА ДА СПРЕЧИ ПРОМЕНА НА ИДЕНТИТЕТОТ

Речиси на сите протести, демонстрантите ја повикуваа политичката опозиција на чело со ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, која се држи настрана на овие настани, да спречи промена на уставното име на државата и промена на македонскиот идентитет. Тие, практично, од најголемата опозициска партија бараат да спречи и нешто што не постои, со оглед дека е точно оти овој процес ќе финализира со промена на уставното име на државата, но не и на идентитетот.

Уште со членот 1 од Договорот се предвидува државјанството на земјава да се дефинира како „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“, додека официјалниот јазик да се нарекува „македонски јазик“ ,како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња. Ако првото повеќе претставува правна врска меѓу граѓанинот и државата, при што под граѓани се подразбираат припадниците на сите етнички заедници, тогаш јазикот е стожерен елемент на идентитетот на етничките Македонци и тој со Договорот се определува како македонски јазик, а не како официјален јазик на Република Северна Македонија. Дополнително, членот 7 од Договорот гласи:

Во однос на Втората страна (РМ), термините „Македонија“ и „македонски“  ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство, кои се особено различни од тие што се наведени во член 7, став (2)

Врз основа на тоа, македонската опозиција може да се обидува да го заштити уставното име, но не и идентитетот, од проста причина што тој не се менува.

Дека идентитетот ниту бил ниту може да биде предмет на преговори, потврди и веќе поранешниот грчки министер за надворешни работи Коѕијас, кој, одговарајќи на критиките на грчката опозиција, истакна дека не можат да ги спречат граѓаните на земјава да се нарекуваат Македонци, врз основа на универзалното право на самоопределување.