Не постои ниту еден запис од официјални или од неофицијални извори дека претходниот претседател на САД, Доналд Трамп, бил жртва на атентат на 9 јануари годинава. Ова тврдење е измислица. Неточно е и тврдењето дека Трамп е инаугуриран за претседател со акт од 2020 година. Тоа го потврдува и самото негово напуштање на Белата Куќа, со говор пред нацијата и официјално испраќање со авион. Национален празник на САД е 4 јули, Денот на независноста, кога на истиот ден во 1776 година е усвоена оваа Декларација за независност на САД
Во пост на Фејсбук од профил потпишан како Мајк Тајсон, лице кое се претставува како „дигитален војник на Доналд Трамп“, се изнесени низа невистинити и конспирациски тврдења. Овојпат тој тврди дека на 9 јануари годинава имало атентат врз поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија Трамп, но дека биле отруени нивните двојници. Тајсон додава дека Трамп е на сигурно, дека на 11 јануари 2021 година е инаугуриран за претседател на САД со акт од јули 2020 година. Како дополнение на овие лажни тврдења, во постот е прикачено и видео на кое Доналд Трамп во неформална атмосфера се движи на терен за голф, камерманот му се заблагодарува за службата, на што Трамп одговара ,,Благодарам, не сме завршени уште”.
Не постои ниту еден запис од официјални или од неофицијални извори дека Трамп бил жртва на атентат на 9 јануари годинава. Ова тврдење е измислица. На 20 јануари, проследен од сите светски медиуми, тој ја напушти Белата куќа.
Трамп во изјавата ѝ посака на новата администрација многу среќа и успех. Тој им порача на поддржувачите дека ќе се врати во некоја форма, неколку часа пред инаугурацијата на Бајден на која што Трамп реши да не присуствува, на тој начин прекршувајќи ја традицијата.
Со хеликоптер од Белата Куќа на 20 јануари 2021 година во 8 часот и 18 минути изутрината, тој ја напушти Белата Куќа и се упати кон воена база во Мериленд.
И во Мериленд тој имаше јавен настап, односно говор. „Ал Џезира“ го пренесе целосниот транскрипт од овој настап.
По овој говор, истиот ден во 11 часот неговиот авион слета во Флорида, во ресортот „Мар а Лаго“, каде што тој има намера да живее во наредниот период. Во моментот градот каде се наоѓа трајното живеалиште на Трамп спроведува некои законски административни процедури во врска со неговиот имот.
Но, и покрај тоа што Трамп има јавни настапи кои се следени од светските медиуми, и покрај тоа што тој не е веќе претседател на САД и Џо Бајден официјално ја има преземено претседателската функција, сепак, во постот што го рецензираме лажно се тврди дека имало атентат на Трамп и дека негови дублери се отруени. Ваквата конспирација не е поткрепена со ништо друго освен со бујна имагинација.
Делот од постот во кој се додава дека Трамп е инаугуриран за претседател со акт од 2020 година е, исто така, неточен. Тоа го потврдува и самото негово напуштање на Белата Куќа, со говор пред нацијата и официјално испраќање со авион. Иако, овие настани се случуваат под будното око на јавноста, според Мајк Тајсон ова не е Трамп туку негов двојник!
Во постот, исто така, се тврди дека 31 јануари ќе биде ден на независноста. Денот на независноста на САД е 4 јули. На 4 јули 1776 година е усвена Декларацијата за независност на САД, државотворен документ усвоен од Континенталниот конгрес. Со Декларацијата е прогласено дека 13 американски колонии, кои во тоа време војувале со Велика Британија, повеќе не се дел од Британската Империја. Националниот празник на САД – Денот на независноста – се слави на 4 јули, денот кога е усвоена оваа Декларација.
Тврдењето дека на 27 јануари 2021 година ќе се случи глобален ресет на глобалната валута не е поткрепено буквално со никакви аргументи, а и како што видовме, таквото предвидување и не се оствари.
Сите овие тврдења постои обид да се „докажат“ со една реченица која Трамп ја дал во комплетно неформална атмосфера, на терен за голф, кога некој човек го снимил и му се заблагодарил за неговата служба, односно за неговата работа како претседател. Трамп одговара дека уште не завршил со работата и ова видео потоа се пренесува на сугестивен начин, да послужи како поткрепа на лажните тврдења кои ги рецензираме во постот.
Бајден е претседател на САД. Светските лидери на државите ширум планетата му честитаа и му посакаа добредојде.
Меѓутоа, на Фејсбук сè уште се шират тврдења од некаков паралелен свет од поддржувачите на Трамп, кои веруваат во теории на заговор, во паралелни влади и политики во сенка, за кои не постојат никакви докази, ниту официјални потврди.