Турли-тава од фашизам, јакобизам и путинизам

 

[Рецензија: (ВИДЕО) ВАКОВ ОДВРАТЕН И ФАШИСТИЧКИ ГОВОР ДОСЕГА НЕ Е ЧУЕН: МАРТИН ЕНДЕК МОЖЕ ВОДА ДА МУ НОСИ НА ВМРОВЧЕТО ПУТИНИСТИЧКО, АПАСИЕВ, ВО СЕЧЕЊЕ ГЛАВИ И ВО ПРСКАЊЕ КРВ ПО УЛИЦИ!]

 

Острастеноста не му е непозната на новинарството, било да се работи за политичка, идеолошка, партиска, па и лична. Но, кога таа острастеност преминува во бескрупулозно оцрнување на избраниот противник, тоа може да испадне и смешно. Посебно кога сакате да дисквалификувате некого со видео старо цели 15 години.

Линк до оригиналниот напис: (ВИДЕО) ВАКОВ ОДВРАТЕН И ФАШИСТИЧКИ ГОВОР ДОСЕГА НЕ Е ЧУЕН: МАРТИН ЕНДЕК МОЖЕ ВОДА ДА МУ НОСИ НА ВМРОВЧЕТО ПУТИНИСТИЧКО, АПАСИЕВ, ВО СЕЧЕЊЕ ГЛАВИ И ВО ПРСКАЊЕ КРВ ПО УЛИЦИ!

Датум и време на објавување: 27.8.2018 

Датум на рецензирање: 28.8.2018

Рецензент: Стојан Синадинов

Насловот на веста веќе нè „препарира“ дека Димитар Апасиев, еден од првенците на партијата Левица, одржал говор со досега невиден фашистички набој.

Самата вест, пак, и не е вест, бидејќи не содржи никаква информација каде и кога Апасиев го одржал тој „фамозен“ говор.

Слушнете го говорот од архивата на говорите на Димитар Апасиев, чујте кој фашистички говор е ова. Мартин Протугер може вода да му носи на ова фашистичко и психопатско вмровче.

Тоа што се наведува дека е од архивата на говорите на Апасиев не значи многу: можеби е од пред два-три дена, можеби од пред деценија-две.

И, ако малку пребарате, ќе видите дека се работи за говорот на Апасиев како студент, пред 15 години, на ораторската вечер „Иво Пухан“ на Правниот факултет во Скопје. Како што и ќе забележите, не станува збор за авторски говор, ами за говор на лидерот на француската буржоаска револуција Максимилијан Роберспер. Така што, сето она што му се припишува на Апасиев е, всушност, кажано од Робеспјер. Впрочем, токму самиот Апасиев пред неколку дена на својот фејсбук-профил си го постирал „спорниот“ говор од тоа време.

Но, проблемот е што порталот „Народен глас“ измонтирал дел од „бомбите“ на СДСМ од 2015 во оригиналниот видеозапис што го постирал Апасиев.

Според порталот, испаѓа дека фашизмот е постар од јакобизмот на еден од водачите на француската буржоаска револуција, Максимилијан Робеспјер. Веста дискредитира еден актуелен македонски политичар, но со незнаењето буржоаската револуција добива и фашистички контекст.

А и малку од денес популарниот „путинизам“, како шлаг на тортата.