Повеќе реномирани експерти за разни угледни медиуми во декември 2020 г. веќе го појасниле прашањето како било можно да се развие вакцина за ковид 19 за десет месеци и зошто не се успеало во тоа за други заразни и смртоносни болести. Суштината е во разликите помеѓу предизвикувачите на болестите, во вклученоста на владите во светот во целиот процес и во фактот што корона-вирусите веќе се одамна познати во научниот свет
Пост на „Фејсбук“ профил ја предупредува јавноста против употреба на вакцината против ковид 19 само затоа што била развиена за 10 месеци.
Во објавата, која е манипулација и дезинформација, се наведува дека станува збор само за две алтернативи. Првата е дека немало вакцина, туку нешто друго или дека ја имало вакцината 10-15 години, ама со тоа се докажувало дека „тие го направиле вирусот“…:
Оваа ни кажува 2 работи:
1 – или немаат вакцина,направиле нешто набрзина само да направат генетска мутација на нашата ДНК, и од луѓе да направат мајмуни, рептили, зомби итн….
2 – или ја имаат вакцината од пред 10-15 години, ама со тоа се докажува дека тие го направиле “вирусот” и пЛандемијата со цел и намерно за исполнување на повеќе работи – (депопулација,пропаст на светската економија и малите и средни претпријатија,формирање на една Светска Влада,укинување на слободата и кешот- воведување на дигитална валута,донесување на Новиот сатански поредок,укинување на суверенитетот на сите држави и народи,промена на човечката ДНК,чипување на луѓето и востоличување на Антихристот)….
Ваквите заклучоци се манипулација и дезинформации затоа што постои големо количество аргументи и факти што ги појаснуваат двете прашања: a) брзината со која е развиена вакцината против ковид-19 и б) разликите помеѓу корона-вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19 и вирусот што ја предизвикува сидата, причините за појава на ракот и други неизлечиви блести.
Процесот на развојот на вакцина против ковид-19 веќе бил истражуван за МЕРС
Прашањето како било можно да се развие вакцината толку брзо го имаат одговорено десетици учени луѓе, кои се занимаваат со овие прашања. На пример, двајца реномирани професори од Оксфорд појаснуваат за „Би-би-си“ дека неколку фактори биле пресудни. Првиот е што тие веќе развивале вакцина од аденовирус наречена Шимпанзо аденовирус Оксфорд1 (ChAdOx1), уште во 2014-2016 година, со цел да го испитаат дејството против сите можни заразни и опасни вируси и ја тестирале на 330 луѓе за да го видат различниот ефект врз болести од грип до Зика-вирусот или од против рак на простата до против тропската болест чикунгинија. Вториот фактор, велат експертите за „Би-би-си,“ е тој што ковид-19 е болест што се добива од релативно познати вируси што преоѓаат од животни на луѓе и постоело големо познавање на вирусите што се појавија и ги предизвикаа болестите САРС (2002) и МЕРС (2012).
Токму против МЕРС, која трае веќе 7-8 години на Средниот Исток, истите научници развиле вакцина, а испитувањата биле започнати во 2018 година. Кога на 11 јануари 2020 година кинеските научници го објавиле целосниот генетски код на корона-вирусот што ја предизвикува ковид-19, тие само тргнале со работа на измени во веќе готовата вакцина за да ја приспособат за новата болест.
Воедно, експертите појаснуваат дека голема улога во брзината одиграл и фактот што корона-вирусот предизвикува краткотрајна инфекција што организмот може да ја совлада, за разлика од ХИВ-инфекцијата која е долготрајна и хронична со која телото не може да се избори.
Слично објаснуваат професори-експерти за британски „Гардијан“. Тие потенцираат дека традиционалните вакцини се развиваат од мала количини нажив оригинален вирус или од умртвен оригинален вирус и дека за развојот на таква вакцина треба временски процес кој не е пократок од 5 години. Но, во случајот на вакцината од Оксфорд или онаа на „Бионтек“, станува збор за различни „технолошки платформи“ кои се базираат само на на делче од вирусот, кое е ставено на соодветен „носач“ за да таргетира одредена точна цел во човековиот организам. Кога ваквата вакцина се вбризгува во телото, го активира имунолошкиот одговор преку протеинската машинерија за да се спротивстави на корона-вирусот, појаснуваат експертите за „Гардијан“. Во исто време, во текстот се појаснува и уште еден погоден момент, а тоа е фактот што многу влади се вклучиле во развојот преку сигурни набавки и финансии што бил дадени однапред за развој на вакцините.
Во таа смисла и во текстот објавен неодамна во „Медикл њус тудеј“ се појаснуваат и финансиските аспекти на владите, а и на Европската комисија во развој на вакцините, но и како технолошки се успеало за толку кратко време да се произведат ефикасни вакцини на два начина, преку вакцини произведени на база на аденовирус или преку вакцините со таканречената mNRA технологија на „Фајзер“ и „Бионтек“, како и на „Модерна“.
Со проверка на факти против дезинформациите за вакцините за ковид-19 и другите болести
Погоре во текстот веќе е појаснета една битна разлика помеѓу инфекцијата од корона-вирусот и вирусот на ХИВ – краткорочна и хронична инфекција. Два угледни проверувачи на факти, „Ројтерс“ и „Франс прес“, неодамна се позанимавале со појаснување на ваквите разлики, со оглед на фактот што и во западната цивилизација преку социјалните мрежи се шират исти дезинформации околу прашањето зошто за ковид-19 е брзо развиена вакцината, а за справување со СИДА-та или различните типови рак сè уште нема вакцина.
Една од главните причини е и разликата во мутацијата на вирусите, појаснуваат за „Ројтерс“ од Националниот институт за здравство на САД. Во текстот се наведува дека за разлика од корона-вирусот, кој мутира многу бавно, дури и многу побавно отколку корна-вирусот што го предизвикува грипот, вирусот ХИВ мутира многу брзо и успева да го заобиколи имунолошкиот одговор на организмот. Експертите појаснуваат дека „вакцините во суштина го имитираат имунолошкиот одговор на одреден вирус, но не постојат пациенти заразени со ХИВ кои развиле успешен имунолошки одговор“.
Што се однесува до заболувањата што предизвикуваат канцер, научниците појаснуваат за „Ројтерс“ дека не постои вирус што го предизвикува ракот и дека досегашните сознанија укажуваат на мноштво фактори што доведуваат до развој на ракот.
Наместо тоа (еден вирус или еден причинител – н.з.), научниците веруваат дека токму интеракцијата на многу фактори заедно произведува рак. Вклучените фактори можат да бидат генетски, еколошки или различни карактеристики на поединецот, што доведуваат до ширење на ракот, се вели во појаснувањата добиени од Универзитетот во Стенфорд.
Слични се појаснувањата што ги добиле од „Франс прес“ при проверка на тврдењата дека нешто не е во ред штом вакцината за ковид-19 била развиена толку брзо, а сè уште нема вакцина против ХИВ/СИДА или против канцер. Таму се истакнува и разликата дека, освен брзата мутација на ХИВ вирусот, тој вирус „влегува во клетките, се вметнува во човечката ДНК и останува сè додека не ја уништи клетката, додека случајот со Сарс-Ков-2 е различен“.
Според сите наведени аргументи, станува збор за дезинформација која почива на испуштен контекст. Во пост-објавата на „Фејсбук“ што ја рецензираме, корисникот не го наведува контекстот на вирусите и болестите и разликите поради кои за едни вируси и болести се успеало да се развие вакцината толку брзо, додека за други и по повеќегодишни испитувања сè уште нема развој.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.