Вакцините против ковид-19 не се генетска терапија затоа што не се дизајнирани на ниеден начин да ги променат вашите гени. Генската терапија вклучува правење намерни промени во ДНК на пациентот за да се излекува генетска состојба. МРНК од вакцината не влегува во нуклеусот на клетката и воопшто нема интеракција со ДНК, така што не претставува генетска терапија. Центарот за контрола и превенција на болести на САД официјално потврдува дека вакцината против ковид не влегува во интеракција со нашата ДНК на каков било начин. Исто така, во постот не е наведено дека вакцината за децата нема да биде задолжителна. Родителите се тие што одлучуваат дали ќе ги вакцинираат децата против ковид-19 или не
Рецензираме пост на „Фејсбук“ во којшто се тврди дека вакцината против ковид е генетска терапија. Оваа неточна теза е изложена во тврдење дека протоколите за враќање на децата во училишните клупи со следење на наставата со физичко присуство, кои се во фаза на изработка, ќе резултираат фактички со нешто што авторката го нарекува: „мачење со маски, мерење температура, сеење страв и образовно перење мозоци, препознавање лажни вести за во иднина децата самите да посакаат да им биде вбризгана вакцината, која е генетска терапија што убива“.
Во постот зборот вакцина е во наводници, што укажува дека за авторката тоа име е несоодветно на карактеристиките на производот и дека таа ја наведува јавноста да помисли дека вакцината е генетска терапија.
Протоколите, кои се заштитни и имаат цел да го спречат ширењето на корона-вирусот, ги содржат мерките како миење раце, одржување растојание и носење маска, нешто што и досега во светски рамки поткрепени и од Светската здравствена организација, беше пракса.
Дали навистина вакцината е генетска терапија?
Краткиот одговор е не. Ковид-19 вакцините не се генетска терапија, затоа што не се дизајнирани на ниеден начин да ги променат вашите гени.
Американската национална библиотека за медицина терминот генетска терапија го дефинира како техника што може да им дозволи на лекарите да третираат состојба со вметнување ген во клетките на пациентот, наместо да користат медикамент или операција. На пример, докторите со генска терапија можат да вметнат или да заменат мутиран ген, кој не функционира на соодветен начин или да стават нов ген во телото којшто ќе направи нешто за да се бори против болест.
Генот се состои од ДНК и служи како базична физичка и функционална наследна единица. МРНК, пак, е различен од ДНК! РНК значи рибонуклеидна киселина. ДНК е дезоксирибонуклеинска киселина и служи како библиотека за инструкции за производство на протеини. Кога клетката сака да продуцира протеин, ја користи ДНК за да продуцира копија од мРНК. ДНК е во јадрото на клетките. Рибозомите не се. Поради тоа, МРНК од ковид-вакцината нема да влезе во јадрото на клетката, туку, едноставно, ќе оди во рибозомите, кои ќе го продуцираат спајк-протеинот.
Значи, влезот на МРНК во човековите клетки не го менува ДНК на човековата клетка и доколку овие клетки се множат, МРНК нема да се инкорпорира во генетските информации на новите клетки.
Понатаму, генската терапија вклучува правење намерни промени во ДНК на пациентот за да се излекува генетска состојба. МРНК од вакцината не влегува во нуклеусот на клетката и воопшто нема интеракција со ДНК, така што не претставува генетска терапија.
Генетските терапии може да имаат долгорочни ефекти зашто перманентно ја менуваат ДНК на клетката. Контрастно на ова, МРНК клетките се секогаш транзиторни и не се наследени од ќерките клетки, што ги прави идеални за користење во вакцините, што, всушност, и се прави.
И Центарот за контрола и превенција на болести на САД официјално потврдува дека вакцината против ковид не влегува во интеракција со нашата ДНК на каков било начин:
мРНК никогаш не влегува во јадрото на клетката каде што се чува генетскиот материјал. Клетката го разградува и се ослободува од мРНК веднаш по завршувањето на користењето на инструкциите.
Родителите нема да си ги препознаат децата, ќе влегуваат во конфликт, кавги, омраза т.е. сатанизација на училишните деца. Децата веќе не се ваши, туку слуги на ѓаволските грди ликови! Тука не помага никаква терапија, освен превентива НЕ ВО УЧИЛИШТЕ!.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.