Вакцините со кои се врши теренска вакцинација се на „Синовак“ и не треба да се чуваат на минус 75 степени

Теренската вакцинација засега се одвива само со „Синовак“ и тоа во претходно наполнети шприцови. И, наспроти она што се сугерира во постот што го рецензираме, оваа вакцина воопшто не се чува на минус 75 степени

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“, кој се однесува на теренската вакцинација која во земјава се спроведува на повеќе локации, со цел да се допре до граѓаните што се од руралните средини. Теренската вакцинација се спроведува со мобилни екипи од здравствените домови во земјава и Министерството за здравство секој ден ги објавува локациите на кои се спроведува вакцинацијата.

Во постот што го рецензираме се тврди:

Вакцините што требаше да се чуваат на -75 целзиус, се делат на сред село во тракторска приколица на плус 40 за ваше добро. Ама тоа не е моја работа.

И покрај тоа што не е споделена фотографијата од тракторската приколка, се работи за оваа фотографија, која неколку денови по ред е споделувана со критики за процесот на теренска имунизација.

Меѓутоа, во постот што го рецензираме е спорно тоа што се доведува во прашање квалитетот на вакцините затоа што тие вакцини, според авторот, наместо на соодветната температура, наводно се чувале на несоодветна температура. „Вистиномер“ го истражи процесот на теренска имунизација во земјава и од високи извори во Министерството за здравство дозна дека вакцината што се употребува во теренската имунизација (и каква што била искористена за имунизација на жената на фотографијата), воопшто не е од производителот „Фајзер“. Значи, неточно е тврдењето изнесено во постот дека вакцините требало да се чуваат на минус 75 степени, затоа што вакцината не е од „Фајзер“, а само оваа вакцина се чува на толку ниски температури.

Вакцината што се користи за теренската вакцинација е од кинескиот производител „Синовак“ и тоа во претходно наполнети шприцови. Во истите фрижидери, во коишто се чуваат вакцините на „Синовак“, може да се чува и растворена вакцина на „Фајзер“ откако ќе се раствори и извади од минус 80 степени. Таа може да остане во овие фрижидери до шест часа, велат нашите извори во Министерството за здравство. Сепак, теренската вакцинација засега се одвива само со „Синовак“, затоа што е попрактична, велат од МЗ.

Значи, сите вакцини, иако се администрираат на надворешни услови кои покажуваат висока температура, сепак се транспортираат во фрижидери што се обезбедени за буквално сите здравствени домови во државата што спроведуваат теренска вакцинација.

Вакцините не се со ослабен квалитет и не се компромитирани, иако се администрирани на високи температури, затоа што фрижидерите се мобилни и ја одржуваат потребната температура опишана во упатството за користење. Наспроти она што се сугерира во рецензираниот пост, вакцината на „Синовак“ воопшто не се чува на минус 75 степени, а таа е единствената што во моментот се употребува за теренска вакцинација на сите граѓани во руралните средини.

Поради сите горенаведени факти заклучуваме дека тврдењето во постот што го рецензираме е невистинито.

 

 

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.