Веродостојноста на „наводните информации“ треба да се провери

 

[Рецензија: СДСМ ПОЧНА ДА ЈАДЕ ЖИВИ ЛУЃЕ: Партиски функционер на СДСМ од Кочани му го одгризал увото на свој сограѓанин?]

 

Текстот што го рецензираме се заснова на чаршиски муабети, а не на факти, изјави и проверени информации. Не може да се каже дека е новинарски напис, бидејќи отстапува од основните новинарски правила.

Линк до оригиналниот напис: СДСМ ПОЧНА ДА ЈАДЕ ЖИВИ ЛУЃЕ: Партиски функционер на СДСМ од Кочани му го одгризал увото на свој сограѓанин?

Датум и време на објавување: 14.9.2018

Датум на рецензирање: 20.9.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Насловот „функционер на СДСМ од Кочани му го одгризал увото на сограѓанин“ е бомбастичен и тој, секако, ќе ве натера да го отворите текстот.

Написот уште на самиот почеток информира за необичен настан, дека функционер на СДСМ од Кочани среде бел ден му го откинал увото на сограѓанин.

Многумина често ја користат фразата „сè е забегано“, а неретко се испоставува дека токму оваа често користена фраза е вистина. Имено, Инфомакс дознава за навистина забеган настан, кој се случи пред неколку дена во Кочани. Според нашите информации, се работи за висок партиски функционер на СДСМ од Кочани, кој среде бел ден му го откинал увото на свој сограѓанин во трговскиот центар во центарот на градот.

Написот се повикува на свои информации, односно посочува дека изворот на информациите е анонимен. Според новинарските правила и стандарди, дозволено е новинарот да го заштити својот извор на информации.

Согласно истите тие правила и стандарди, секоја добиена информација треба да се провери од што е можно повеќе страни за таа да биде веродостојна. Но, тоа не е случај во текстов.

Откако му го откинал увото, тој наводно го џвакал и го плукнал на земја. Овој настан не е регистриран во билтенот на МВР, но, според нашите информации, настанот не е пријавен од страв поради тоа што се работи за висок функционер на СДСМ.

 Штом во напис се спомнува „наводно“, тој ја губи својата тежина. Настанот не бил пријавен во МВР поради страв од функционерот. Штом информациите говорат така, задача на новинарот е да се јави во МВР и да праша дали тоа е вистина, па добиената изјава да му ја пренесе на читателот. Вака читателот ја има само едната страна од приказната што не е доволно за самиот да направи проценка за вистинитоста на приказната.

Наводно се работи за Директорот на јавното комунално претпријатие во Кочани, Киров Андреј, кој е и висок партиски функционер на СДСМ, кој во градот пред три недели физички нападнал партиски активист, кој му барал некоја услуга, при што му откинал дел од увото, кое откако му го откинал, го џвакал и го пљукнал на земјата пред очевидци во центарот на градот во Трговскиот центар во Кочани, по што ниту докторите не можеле да го сошијат откинатиот дел од увото на нападниот.

Тука повторно се наведува дека „наводно“ се работи за Директорот на јавното комунално претпријатие во Кочани, Киров Андреј, кој е и висок партиски функционер на СДСМ. Недостига изјава од посочениот во написот, односно да се побара негов став, дали тој навистина му одгризал уво на сограѓанин.

Кочанчани велат дека настанот бил пред 20 дена, но полицијата сè уште го крие настанот од пошироката јавност, иако припадници на МВР биле присутни ноќта во болницата додека неуспешно го крпеле нападнатиот.

На крајот на читателот му се посочува дека „кочанчани“ биле сведоци на настанот и присутни во болницата, каде што имало и припадници на МВР. Се посочуваат три извори на информации, кочанчани, МВР и болницата, но ниту еден од нив не е побаран и не е присутен во текстот со изјава.

Целиот текст се заснова на чаршиски муабети, односно тој е неверодостоен. Кога во написот ја имаме само едната страна од приказната, тоа не е професионален новинарски текст, туку текст што служи за убедување и манипулирање на јавноста.