Дури и несреќата во која почина кошаркарската легенда Коби Брајант не е поштедена од фотографии и видеа кои се стари и презентирани како актуелни, а со кои се известуваше за случајот
Пишува Фатбарда Цури
Ние ќе се осврнеме на случајот со видеото за кое се вели дека е од хеликоптерската несреќа во која животот го загуби Брајант. Првите сомневања за видеото беа дека не одговараше на времето во кое се случила несреќата, затоа што првично се велеше дека причина за несреќата е маглата, а во видеото што беше дистрибуирано небото беше чисто.
Од пребарувањето на „Гугл“, со елемент од видеото што беше претставено како актуелно, се открива дека истото видео е објавено пред една година на социјалната мрежа „Јутјуб“, на каналот aviatrix99. Во видеото е прикажана хеликоптерска несреќа во Арабија.
И ова старо видео стана вирално веднаш, при што внесе во игра голем број локални и регионални медиуми. Доволно е само да се пребара на „Гугл“ или на некоии од домашните и регионалните агрегатори на вести.
За овој случај се користеше и фотографија, која исто така е стара и не е поврзана со несреќата.
Медиумите ја употребија фотографијата за да ја илустрираат намалената видливост поради маглата веднаш откако таа беше посочена како причина за несреќата на хеликоптерот.
Во Прирачникот на „Критинк“ пишува дека видеата и сликите секако влегуваат во изворот на информациите, но и дека треба да бидат верификувани како и другите извори.
„Двојно проверување (double checking) – потребно е двојно или тројно проверување на веста што новинарот планира да ја објави, и покрај неговата увереност во изворот на информации. Може да има десетина факти во една приказна и секој од нив мора да се провери одделно: изворот на информации, фотографијата, значењето на изјавата“, се вели во Прирачникот.
Употребата на стари визуелни извори е тековна појава во медиумите. Претходно сме рецензирале вакви објави и за земјотресот во Албанија. Онлајн-медиумите во борбата да објават ексклузивност и да добијат повеќе кликови не ги проверуваат информациите и со тоа ги наведуваат читателите во стапица.