Во Таџикистан има заболени од корона и зборот не е забранет за употреба

Во објава на Фејсбук неточно се тврди дека Таџикистан нема корона и дека овој термин е забранет да се употребува. Според последните податоци од СЗО, во Таџикистан има  вкупно 11.139  случаи на Ковид-19, во последното деноноќие биле регистрирани 43 заболени, а досега се починати 83 лица. Исто така, неточно е дека во Таџикистан не смее да се спомне збороткорона“, а во спротивно се оди во затвор. Во врска со ова, всушност, се „измешани лончињата“, во јавноста имаше таква информација, но за друга азиска земја – Туркменистан

Пост на социјалната мрежа Фејсбук шири невистини дека во азиската земја Таџикистан нема корона и дека таму е  забранета употребата на зборот „коронавирус“. Самата објава е илустрирана со знамето на Таџикистан и во неа се вели:

Ако не сте знаеле, во Таџикистан нема корона и ако го спомнете зборот коронаодите директно во затвор.

Ваквото тврдење не е точно. Тука фактички има две невистини.

Прво, неточно е дека во Таџикистан нема корона. Тоа може да се види на сајтот на Светската здравствена организација (СЗО) , но и на други страници на интернет, меѓу кои и на оваа covid.tj, којашто е локална – од Таџикистан, специјално наменета за коронавирус.

Последниот преглед на СЗО од 05.11.2020 г. покажува дека во Таџикистан има вкупно 11.139  случаи на Ковид-19, во последното деноноќие биле регистрирани 43 заболени, досега се починати 83 лица, а еден во последното деноноќие.

Значи, според официјалните податоци на СЗО во Таџикистан има заболени од корона. Властите во оваа централноазиска држава на почетокот од пандемијата немаа пријавено заболени од Ковид-19, но на крајот на април Министерството за здравство на Таџикистан официјално ги потврди првите 15 случаи на заразени со новиот коронавирус во земјата.

Петмина од заразените се во главниот град Душанбе, а останатите 10 се во регионот Согд, кој граничи со Узбекистан и Киргистан, соопшти Министерството.

Неколку дена подоцна таџикистанскиот претседател Емомали Рамон го разреши министерот за здравство, Насим Олимзода, откако земјата ги регистрираше првите официјални случаи на коронавирус. Претседателот Рамон изјави дека Олимзода има друго работно место, а на неговата функција го назначил Џамолидин Абдулозода. Тогаш Министерството за здравство на Таџикистан соопшти (05.05.2020) и  дека бројот на случаи на коронавирус во земјата се искачил на 293, вклучувајќи и пет смртни случаи.

Значи, короната во Таџикистан е реалност, официјално веќе седум месеци, поточно од 30 април.

Исто така, неточно е и второто тврдење дека, наводно, во Таџикистан не смее да се спомне зборот корона, а во спротвно се оди директно во затвор. Во врска со ова, всушност, се „измешани лончињата“. Во јавноста имаше таква информација, но за друга азиска земја – Туркменистан.

На крајот на мај невладината организација „Репортери без граници“ соопшти дека:

Властите во Туркменистан ја забранија употребата на зборот „коронавирус“ и го исклучија од секојдневниот говор, со цел да ги скријат информациите за пандемијата.

Според „Репортери без граници“ на сите медиуми им е забрането да го употребуваат зборот „коронавирус“, а, исто така, терминот е исфрлен од сите официјални брошури, што Министерството за здравство на Туркменистан ги подели во училиштата, болниците и другите државни институции. Граѓаните кои надвор се движат со маски и зборуваат за пандемијата на Ковид-19 ризикуваат да бидат уапсени.

Како што може да се види со пребарување на Интернет, медиумите во Таџискистан известуваат за состојбата со коронавирусот во земјата и во светот, има и специјализиран сајт за тоа. Така што, јасно е дека терминот „корона“ не е забранет за употреба и несомнено дека не се оди во затвор поради тоа.

Сепак, за жал, наспроти тоа што станува збор за чиста невистина, оваа објава на Фејсбук е прилично е вирална, во моментот кога е пишувана рецензијата има 98 интеракции (допаѓања) и 27 споделувања.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.