Утрото на 10 мај во Велес имало авионско прскање против комарци, а за тоа Општината ги известила граѓаните неколку дена порано. Но, наспроти фактите, оваа објава на „Фејсбук“ шири невистини за „утрински кемтрејлс над Велес во низок лет и распрскувањето на новиот сој корона“. Што се однесува до „кемтрејлс“ конспиративните теории, кои во најобичната физичка појава на кондензација гледаат заговор против човештвото преку некоја си тајна програма за распрскување отровни хемикалии, досега се повеќепати разоткриени од проверувачите на факти, меѓу кои, чешкиот сервис за проверка на факти, Manipulatori.cz., српскиот сервис Istinomer.rs, како и во рецензии на „Вистиномер“
Пост на „Фејсбук“ ја дезинформира јавноста дека во Велес, на 10.5.2021 година почнало „распрскувањето на новиот сој корона“. Всушност, во Велес тој ден се прскало против комарци.
Утрински кемтрејлс над Велес во низок лет. Започна распрскувањето на новиот сој корона. Велешани се во очекување на новиот пик за една недела со поддршка на Мобимак и нивната 5Г мрежа. Се оди според зададениот план од Агенда 21. Нема отпор, нема незадоволство. Created by куртовци и муртовци. Ако преживеете пак да ги гласатe, се вели во постот.
Според постот, над Велес со „кемтрејлс“ се распрскувал новиот сој на коронавирус од кој ќе заболат голем број велешани и сето тоа се правело со помош на 5Г мрежата на Мобимак (се мисли на Телеком). Во прилог на ова има и фотографии од авиони и антена.
Лагите за „кемтрејлс“ и 5Г-мрежата во Македонија не се ништо ново. Она што мора да се напомене е дека во нашата држава сè уште не е пуштена во употреба 5Г-мрежата. „Македонски телеком“ ја постави првата тестна 5Г-мрежа во центарот на Скопје на 23.6.2020 година. Пред да биде пуштена во употреба 5Г-мрежата, дозвола за тоа треба да се добие од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Такви дозволи АЕК сè уште не дала. Во август 2020 година, АЕК соопшти дека двата постојни оператора поради условите, се изјасниле за одложување на постапката на доделување радиофреквенции за 5Г за следната година.
Постапката за доделување одобренија ќе започне до крајот на 2020 година. Двата постојни оператори, поради условите, се за одложување на постапката на доделување за следната година. Меѓутоа, ставот на ЕОЛО како заинтересиран странски инвеститор е постапката да се спроведе во најскоро време, соопшти АЕК.
Што се однесува до „кемтрејлс“ конспиративните теории, кои во најобичната физичка појава на кондензација гледаат заговор против човештвото преку некоја си тајна програма за распрскување отровни хемикалии, досега се повеќепати разоткриени од проверувачите на факти, меѓу кои, чешкиот сервис за проверка на факти, Manipulatori.cz., српскиот сервис Istinomer.rs , како и во неколку рецензии на „Вистиномер“.
Она што, всушност, се случувало утрото на 10 мај во Велес е прскање против комарци, а за тоа Општината ги известила граѓаните неколку дена порано.
Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, за спроведување на превентивна дезинсекција на подрачјето на Општина Велес, и Програмата за активностите на Општина Велес во областа на здравствената заштита во 2021 година, како општа мерка за заштита на населението од заразни болести, Општина Велес го издава следното соопштение за јавностa
Општина Велес ја известува јавноста дека, прво авионско третирање против комарци ќе се спроведе на ден 10.5.2021 (понеделник), во периодот од 05:00 до 06:30 часот. Доколку временските услови не дозволат извршување на авионско прскање, активноста се одложува за наредниот ден 11.5.2021 (вторник).
Ваквите и слични лаги за кемтрејлс и 5Г-мрежата, кои се шират на социјалните мрежи, имаат цел само да креваат паника во јавноста и не се поткрепени со никакви докази и факти. Тие во голема мера може да му нанесат штета на општото јавно здравје, особено во услови на пандемија со корона-вирус со која се соочува целиот свет.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.