Теории на заговори од пандемиски размери

Фото: freepik.com

Тековната пандемија која е одбележана со светска проширеност на новиот корона-вирус, истовремено е придружена и со инфодемија, односно преплавеност од (дез)информации. Заедничка нишка на двата феномена се медицинските теории на заговори. Во случајов, тие се поврзани со ковид-19 и окупираат значаен дел од комуникацискиот простор. Очекувано, во пандемиски услови и теориите на заговори добиваат пандемиски размери. Се намножуваат различни верзии, се рашируваат низ цело население и навлегуваат во нашето секојдневие. Напоредно со зголемениот број приврзаници (кои во услови на пандемија трагаат по одговори), расте и бројот на посочувани заговорници (бидејќи во услови на инфодемија секој може да биде предмет на теории на заговори)

 

Пишува: Д-р Билјана Ѓонеска, научна соработничка, МАНУ

Верувањето во заговорнички теории е како практикување замислена религија.

Овој исказ е применлив и за поединци, но и на ниво на заедници. Независно од бројот на поддржувачи, теориите на заговори потсетуваат на нови религии, кои ги замениле апстрактните богови со живи и конкретни господари. И новите господари поседуваат сразмерна моќ да управуваат со туѓите животи, но нивниот состав се менува во зависност од потсвесните стравови на граѓанинот или колективот. А, теориите на заговори се скроени така да им угодуваат на менталитетот и сентиментите, станувајќи огледало за групното справување со тековното опкружување. Значи, конспиративните теории се одликуваат со неверојатна приспособливост и неодолива привлечност, бидејќи посочуваат виновници во согласност со индивидуалните потреби и општествените превирања.

Во пандемиски услови и теориите на заговори добиваат пандемиски размери. Прво, малата и одбрана група заговорници станува проширена, надградена и нејасно разграничена на различни групации моќници. Во игра се фармацевтска индустрија, медицински и научни работници; големи корпорации, но и поединечни претставници; цели влади и држави, но и одделни државници. Значи, во услови на комплексна криза со многу нерешени прашања, постои масовно трагање по одговори и масовно ширење на дезинформации, па секој може да стане заговорник. Натаму, расте бројот и се менува составот на групата приврзаници. Па така, кон отворените скептици и негирачи на пандемијата, се приклучуваат противниците на вакцинирање (anti-vaxxers) и носење маски (anti-maskers) или поддржувачи на други движења (пример QАnon и New Age“ активисти). Најпосле, расте бројот на наративи што можат да бидат детално елаборирани или крајно бизарни, комбинација на факти и фикција или чиста измислица.

Во продолжение е даден пресек на најчестите митови за ковид-19 кои се организирани во три општи групи според темата што ја обработуваат.

Првата група ја сочинуваат теории на заговори што задираат во теми за индивидуалноста и се одраз на општата загриженост за наводната можност од упад во граѓанските права, слободи, верувања и обичаи. Пример, непосредно по прогласувањето на пандемијата и напоредно со воведувањето ригорозни мерки за масовна заштита (како карантини, полициски часови и целосно затворање на државните граници), се намножија конспиративните наративи за тајни планови на владите да воспостават автократија, целосна диктатура или полициска држава. Со пронаоѓањето на вакцините, пак, се проширија гласини за следење на поведението (преку картони за евиденција на вакцинацијата) или за следење на движењата на населението (преку наводни чипови кои се вшприцуваат со вакцините). И едните и другите наративи произлегоа од стравот пред наводната опасност од ограничување или одземање на граѓанската слобода за движење.

Втората голема група теории на заговори се однесуваат на важни општествени чинители, а самите се проекција на стравовите од политичко или економско потчинување. Наводната доминација и финансиски профит имсе припишуваат на претприемачи (како Џорџ Сорос или Бил Гејтс), цели корпорации (најчесто фармацевтската индустрија), па дури и цели држави кога се перципирани како конкуренција (како во случајот на Кина и САД).

Конечно, третата група конспиративни содржини го канализираат примордијалниот страв на човекот, односно уплашеноста за сопственото здравје, живот и опстанок. Тие струјат низ медиумскиот простор како шаренило од наративи, почнувајќи со изрази на сомничавост околу безбедноста на вакцините (поврзани со процесот на производство и употреба), преку јасни теории на заговори за негативните ефекти од вакцините (како стерилитетот или зголемена смртност на населението).

Без разлика на причините за нивно настанување, последиците од нивното опстојување се секогаш поврзани со намалена поддршка на експертите и традиционалните извори на информирање, како и неповолно справување со пандемијата. Пример, поддржувачите на теоријата дека базните станици од новата 5G-мрежа за мобилна комуникација со зрачење помагаат да се прошири пандемијата со ковид-19 покажале поголема спремност за насилство врз предавателите и инженерите. Навистина, во Велика Британија биле евидентирани педесетина случаи на вандализација врз предавателите со повреди на персоналот. Во други случаи, пак, се засилува поддршката за непроверени и ризични третмани (со хидроксихлорокин или колоидно сребро), како и штетни превентивни практики (пример, прекумерна самоизолација или трупање на намирници). Сепак, се чини дека отворениот сомнеж, колебливоста и негативниот став кон вакциницијата се едни од најгорливите проблеми кај светската популација во денешницата. Ниту нашиот народ не е поштеден од овој феномен. Така, резултатите од едно регионално истражување (на Советодавната група за политики „Balkans in Europe“) и едно домашно истражување (на Институт за демократија „Социетас Цивилис“), спроведени врз репрезентативни примероци со повеќе од илјада испитаници, покажале дека процентот на луѓе што сигурно не би се вакцинирале изнесува 34 односно 40 отсто од анкетираните (за секоја од анкетите одделно), а процентот на оние што веројатно не би се одлучиле изнесува околу 10, односно 16 отсто (за секое од истражувањата соодветно). Од друга страна, едно регионално истражување (од Институтот за политики GLOBSEC) покажало дека 35 отсто од македонските граѓани веруваат во теории на заговори поврзани ковид-19, а процентот е зголемен на 60 отсто од испитаниците што веруваат во две од четири слични теории, во резултатите од домашна анкета (на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и Центарот за европски стратегии „Евротинк“).

Поразително е сознанието дека околу половина од нашата популација е подложна на дезинформации и не би се усогласила со здравствените препораки. Од друга страна, потребна е имунизација на над 70 проценти од населението, за да се постигне колективен имунитет. Токму затоа, треба да биде поцврста и решеноста кај другите за јакнење на критичката мисла во своето опкружување (кај своите родители, деца, роднини и пријатели). Борбата за подигање на јавната свест не почнува од институциите, туку од нас самите. Таа бара постојано дејствување, со информиран, трпелив и приспособен пристап кон секој од нашите сограѓани.

 

Авторката е национална претставничка во европскиот проект за „Компаративна анализа на теории на заговори“ (conspiracytheories.eu).

Овој едукативен текст е подготвен во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој го спроведуваат Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржините од „Критинк“ се слободни за целосно преземање согласно условите на лиценцата „Криејтив комонс“, под услов да се наведе изворот и да се постави линк кон онлајн ресурсниот центар crithink.mk. Содржините не секогаш ги изразуваат ставовите на Европската Унија.