Преку спинување на напишаното во Концепцијата (за реформи) во основното образование, невистинито се тврди дека родово сензитивното образование, како елемент на поширокото сексуално образование, ќе биде задолжително уште од најмалите одделенија и дека децата ќе учеле дека родот е независен од полот и е флуиден
Објава на „Фејсбук“ на македонски јазик манипулативно изнесува невистина поврзана со реформите во образованието што ги конципира Министерството за образование (МОН) за учениците во основното образование.
Фокусот на манипулативната објава е ставен врз „родово-сензитивното образование“, при што се тврди дека тоа ќе биде „задолжителен елемент во основното образование, почнувајќи од најраните одделенија“:
Дали знаете дека Родово-Сензитивното Образование, кое претставува една компонента од поширокото Сеопфатно Сексуално Образование, се воведува како задолжителен елемент во основното образование, почнувајќи од најраните одделенија? Дали знаете дека овој вид образование промовира учење на децата од најрана возраст дека родот е флуиден и независен од полот?
Притоа, како поткрепа на манипулацијата во коментарите под објавата е ставен и линк до Нацрт-верзијата на Концепцијата за основно образование, објавена на страната на МОН, која ако детално се прочита, ќе се разбере дека објавата што ја рецензираме е невистина, а тоа е дека оваа тема или елемент не е задолжителна наставна програма.
Имено, на страница 17, 18 и надолу од Концепцијата, каде се опишува наставниот план за делот за задолжителни предмети, никаде не е наведено дека Сексуалното образование, каде што би се изучувало и родово-сензитивнто образование, е дел од задолжителните наставни предмети.
Сексуалното образование е ставено како изборен предмет во групата „Другата листа на слободни изборни предмети…“(стр. 18) и тоа во точка 1, каде пишува:
изборни предмети за проширување/продлабочување на наставните содржини од задолжителните наставни предмети (пример: математичко-логичко резонирање, програмирање, сликање/цртање, историја на културата, сексуално образование),
Под ваквата невистината објава, што ја рецензираме, е пласирана графичка анимација/фотографија, која, исто така, е манипулативна. Во графичката анимација на десната страна се наведуваат цитати од Концепцијата, но тоа е претставено како ЗАДОЛЖИТЕЛНО.
Но, она што е задолжително во Концепцијата, е дека во делот на инклузивност во образованието ќе се води сметка за родово специфичната социјализација (стр.11), дека поради тоа „образованието поттикнува вклучување на родовата перспектива во обуката на наставниците, реализира настава низ содржини во кои нема експлицитни родови стереотипи, користи пристап кој е родово сензитивен и повикува на критички однос кон родовата нееднаквост… и дека Наставните содржини се избрани така што водат грижа и на девојчињата и на момчињата да им понудат позитивни модели за идентификација кои не се ограничени од традиционалните родови улоги“.
Подолу во текстот на Концепцијата (стр. 12) се повторува дека за оваа тема станува збор за изборен, а не задолжителен предмет.
Од исклучително значење за обезбедување родово сензитивно образование е тоа што меѓу понудените изборни предмети има такви кои барем делумно се посветени на стекнување сознанија за тоа дека родовите норми и улоги не се фиксни, како и тоа дека родовите стереотипи можат да доведат до сериозни индивидуални и општествени последици меѓу кои најпроблематична е високата застапеност на родово заснованото насилство.
Како што може да се види од цитатите од Концепцијата и особено ако се прочитаат во целост страниците 11 и 12, кои зборуваат за оваа тема, ќе се разбере дека објавата што ја рецензираме е манипулативна содржина, која спинува со Концепцијата и поради тоа е невистина. И во текстот на објавата и во графичката анимација објавена со текстот не се претставени зборовите од Концепцијата согледани во целост на текстот што е напишан, туку со нив се спинува. Според тоа целата објава може да се оцени како невистина.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.