Според Светската здравствена организација (СЗО), лукот е здрава храна што може да има некои антимикробни својства, но, сепак, нема докази дека јадењето лук ги заштитува луѓето од новиот корона-вирус. Вакви објави може да им влеат лажна надеж на луѓето дека постои некое магично решение за овој вирус, што може да биде многу штетно и да го загрози нивното здравје
Сигурно сте слушнале или прочитале негде на социјалните мрежи дека некои видови храна, пијалаци или билки спречуваат да се заразите со корона-вирус или ја лекуваат болеста ковид-19.
Но, иако некои од тие совети може да звучат примамливи да ги пробате за да го подобрите своето здравје, шансите тоа да успее се речиси исклучени, а дополнително може и да си предизвикате сериозни штети по вашето и здравјето на тие околу вас.
Секое такво тврдење дека некој лек, суплемент, билка или друга супстанција може да спречи инфекција со вирусот или да го излечи се лажни. Едно од тие лажни тврдења е дека лукот создава специфичен имунитет за борба против вирусот.
Текст со наслов „СИТЕ ЛУЃЕ ИМААТ ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19 ВО СВОЈОТ ДОМ“, пренесува тврдење на Шухрат Халилов (кој е преставен како „кандидат за медицински науки“ без да се објасни што значи тоа) дека консумирањето „вода со лук“, за која што е понуден и рецепт, е природна вакцина против ковид-19.
Постојат многу природни производи кои не само што имаат антибактериски својства, туку и директно влијаат на вирусите, убивајќи ги. Најефикасен во тој поглед е ЛУКОТ!!!
Доколку пиете 2/3 чаша вода со лук секој ден, тогаш тој веднаш влегува во тенкото црево и почнува да го убива КОВИД-19, веднаш!!!
Ова тврдење не е точно.
Дека лукот не спречува ковид-19 потврдува и Светската здравствена организација (СЗО), која има посебна секција на својата веб-страница за уривање митови поврзани со корона-вирусот.
Лукот е здрава храна што може да има некои антимикробни својства. Сепак, нема докази од сегашната епидемија дека јадењето лук ги заштитува луѓето од новиот корона-вирус.
Но, и покрај тоа што ова тврдење не е точно, објава на овој текст на социјалната мрежа „Фејсбук“ е вирална и достигна над 1.100 споделувања и уште повеќе реакции.
Вакви објави може да им влеат лажна надеж на луѓето дека постои некое магично решение за овој вирус, што може да биде многу штетно и да го загрози нивното здравје. Иако консумирањето лук во нормални количини не е штетно за човековото здравје, тоа не важи за многу други супстанции, билки и разни лекови за кои се тврди дека помагаат при спречување или лекување од ковид-19.
Уште една опасност што демне при објавување вакви тврдења, е што тие можат да дадат и лажно чувство на сигурност дека со консумирање вакви состојки сте безбедни и може да ги занемарите официјалните мерки и препораки за спречување на вирусот донесени од стручни лица, а со тоа да се загрозите себеси и тие околу вас.
Затоа, вакви написи и објави на социјални мрежи треба да се земаат со голема доза резерва и никако да не им се верува, ако за нив нема потврда од официјални медицински лица и истражувања базирани на докази.
Верзија слична на оваa што ја рецензираме овде, објавена на руски јазик, е веќе разоткриена од нашите колеги проверувачи на факти од Казахстан (factcheck.kz).
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.