Денеска се одржа првата средба со грантистите од вториот циклус на мали грантови што се доделуваат во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“, кој го спроведуваат Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“.
Во втората грантова шема се избрани 11 грантисти од 8 плански региони од земјата, кои ги претставија своите проекти, како и медиумските партнери преку кои ќе ги промовираат активностите. Најголем дел од проектите се однесуваат на медиумско описменување на младите.
Програмскиот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Филип Стојановски, истакна дека основна цел на проектот е јакнење на капацитетите на граѓанските организации да работат на поголеми проекти.
„Целта е промоција на медиумската писменост за граѓаните да имаат медиумска култура и критичко мислење, кое е неопходно за да бидат активни чинители во општеството. Да се помогнат граѓанските организации и медиуми да се вклучат за граѓаните успешно да се оспособат да бидат спремни да се соочат со предизвиците на денешните медиуми кои не ги опфаќаат само традиционалните, туку и Интернетот, социјалните мрежи“, рече Стојановски.
Тој додаде дека преку добрите искуства и позитивните примери што ќе се стекнат до крајот на спроведување на проектот, ќе се дадат препораки за овие активности да се вршат на пошироко ниво. Тоа што е важно, е што овие 11 грантисти ќе имаат можност да се вмрежат и тоа ќе им помогне во успешно спроведување на проектите и постигнување што подобри резултати на локално ниво, каде што ќе дејствуваат.