Возачот во сообраќајката на „Рузвелтова“ не бил пијан, туку му се слошило

Информацијата пласирана во дел од медиумите, а потоа и споделена со линк на Фејсбук, во која се тврди дека возчот во сообраќајката на улицата „Рузвелтова“ бил пијан, е погрешна. Подоцна се покажа дека нему му се слошило и со автомобилот удрил прво во друго возило во движење, а потоа и во дрво на улицата. По сообраќајната несреќа, тој со Брза помош бил пренесен на Ургентен центар, но докторите не успеале да му го спасат животот

По тешката сообраќајка која попладнето на 14 октомври  се случи на улицата „Френклин Рузвелт“ во Скопје, а во која почина пулмологот Трајче Нешковски (32), кому му се слошило и со автомобилот се забил во дрво, неколку медиуми излегоа со дезинформација дека „пијан возач ја предизвикал несреќата и повредил неколку лица“, а некои веста ја проширија и на Фејсбук (овде).

Нашата проверка покажува дека ваквата неточна вест во медиумите најпрво била објавена на „Сител“, од каде што без да се провери, туку само со повикување на споменатата телевизија, е преземена и од други медиуми. Веста гласи:

Неколку лица се повредени во сообраќајна несреќа на што попладнево се случила на крстосницата меѓу улиците „Франклин Рузвелт“ и „Орце Николов“, пренесува „Сител“.

Очевидци за телевизијата велат дека возач на автомобил во алкохолизирана состојба удрил во друг автомобил. Се обидел да побегне од местото на настанот преку тротоар и удрил во дрво.

Според неофицијалните информации повредени се неколку лица.

Веста којашто погрешно ја информира јавноста беше пласирана со следните наслови:

  1. Пијан возач повредил неколкумина на РузвелтоваСител
  2. ПИЈАН возач направил карамбол на „Рузвелтова“Вечер.мк
  3. ПИЈАН возач направил карамбол на „Рузвелтова“Весник
  4. Пијан возач повредил неколкумина на „Рузвелтова“Република
  5. Тешка несреќа на Рузвелтова: Пијан возач со возило удрил во друг автомобил, па во дрвоЦентар.мк
  6. Тешка несреќа на Рузвелтова: Пијан возач со возило удрил во друг автомобил, па во дрвоПрес 24

Во меѓувреме, „Сител“ ја избришал веста, а тоа го сториле и „Центар.мк“, и „Прес 24“. Порталот „Република“, пак, го сменил само насловот и тој сега гласи: „Возач повредил неколкумина на „Рузвелтова““,  ама внатре содржината  не е променета. До моментот кога е пишуван овој текст, неточната вест сѐ уште стои на порталите: „Вечер.мк“ и „Весник“.

Инаку, освен во медиумите, и на Твитер имаше објава во која се тврди дека возачот бил пијан, но твитот подоцна беше избришан.

Во некои од вестите, како во цитираната погоре, дури и се вели дека починатиот „се обидел да побегне од местото на настанот преку тротоар и удрил во дрво.“ Како што ќе може да се види подолу во оваа рецензија, такво нешто нема во денешниот билтен на МВР.

Меѓутоа, набрзо по ваквите објави се покажа дека споменатата вест е целосно погрешна. Порталот „Сакам да кажам“ , а потоа и други медиуми, вечерта објавија дека пулмологот Трајче Нешковски (32) починал откако му се слошило и со автомобилот удрил прво во друго возило во движење, а потоа и во дрво на улицата „Рузвелтова“ во Скопје. По сообраќајната несреќа, тој со Брза помош бил пренесен на Ургентен центар, но докторите не успеале да му го спасат животот.

Пациентот почина по час и пол реанимација. Телото е предадено на Судска медицина за да се утврди точната причина за смртта. Станува збор за наш млад колега-специјализант на Клиниката за пулмологија, кој ја водеше ковид-единицата во детската болница Козле, а денеска беше на должност на Инфективната клиника. Нашите индиции се дека нешто му се случило“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК д-р Маја Мојсова, раководител на Клиниката за реанимација (КАРИЛ) во Клиничкиот центар.

Од МВР соопштија дека на 14.10.2020 во 16.45 часот било пријавено дека на ул.„Франклин Рузвелт“ во Скопје се случила собраќајна незгода помеѓу патничко возило „цитроен“, со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Т.Н.(32) од Гостивар и патничко возило „опел“, со струмички регистарски ознаки, управувано од Г.К.(34) од с. Просениково, струмичко.

 Т.Н. се здобил со тешки телесни повреди по што бил пренесен на Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде починал. Со телесни повреди се здобила Г.К., констатирани во Градската општа болница „8 Септември“. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Скопје и Јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот е предадено за обдукција, се вели во дневниот билтен на МВР

Значи, обдукцијата ќе ја покаже точната причина за смртта. Она што во моментот се знае е дека на младиот пулмолог Нешковски му се слошило додека возел и дека најверојатно се работи за срцев удар. Но, не станува збор дека наводно бил пијан, како што се тврди во веста која сѐ уште ја има на Фејсбук.

Ваквото паушално пласирање на информациите не само што е непрофесионално, туку е и нечовечки, неетички и кон починатиот и кон неговото семејство.Тоа е спротивно на принципите утврдени во новинарскиот Кодекс, кој налага вестите да бидат ослободени од сензационализам, а нивната точност  добро да се провери пред да бидат објавени во јавноста.

Инаку, пулмологот Нешковски беше и генерален секретар на СДММ. Функционери на СДСМ преку социјалните мрежи вчера упатија сочувство до неговото семејство и пријателите.
(vistinomer.mk)

 


Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени 
од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.