Јавно искажан став пренесен за еднострано информирање, занемарувајќи ги основновните новинарски правила да се провери информацијата и да се праша другата страна. На повеќе дигитални медиуми, еднострано беше пренесен ставот и мислењето на Весна Јаневска, претседателката на Комисијата за образование и наука на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која во телевизиско гостување најави дека сексуалното воспитување ќе се воведе како изборен предмет за учениците во второ одделение.
„Се воведува сексуално воспитување во второ одделение како изборен предмет, се внесува хаос, а ученици ќе учат различни работи кај различни наставници. Според концепцијата училиштата сами ќе ја организираат наставата според своите капацитети, наставниците без учебници, освен за првата група на предмети ќе користат многу извори и ќе се адаптираат и ќе предаваат тоа што тие сметаа дека е соодветно“, истакна Јаневска (Дневник на ТВ Сител – 28.01.2021).
Оваа нејзина изјава, дел од македонските портали ја искористија за да пласираат еднострана вест.
Во Кодексот на новинари како еден од основните принципи е наведено дека: „Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни“. (Кодекс на новинари)
Без да се консултира другата страна – ресорното министерство, овие онлајн медиуми го објавија насловот: „Се воведува и сексуално воспитување од второ одделение“. Линкот од еден таков текст го објави и актерката Јелена Жугиќ на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Таа и’ порача на министерката, Мила Царовска дека децата на таа возраст воопшто не се идентификуваат по пол, туку по добри и не толку добри деца.
„Кому вие тоа сакате да НАМЕТНЕТЕ сексуално воспитување кога на децата на таа возраст такво воспитување воопшто не им е во фокус на интерес и потреба?“ – праша Жугиќ во објавата, која наиде на лавина реакции од страна на родителите, кои предметот Сеопфатно сексуално образование го оценија како монструозен.
Серијата на дезинформации и полуинформации продолжија и со објавите на здружението „Од нас за нас“, кое објави фотографии односно илустрации со сексуални акти, а во истата објава ги прашува родителите дали сметаат дека е тоа соодветно за нивните деца? Од Здружението ги обвинија за контроверзни и криминални граѓанските организации што се залагаат за воведување на сеопфатното сексуално образование, а истите во коментарите од корисниците беа оценети како „сатански“.
Во овој случај натомошното ширење на дезинформации го спречи надлежното Министерството за образование и наука (МОН), кое експресно демантираше дека овој предмет ќе се изучува од второ одделение. При тоа, се надоврза и на илустрациите.
„Користените илустации воопшто не се дел од учебници и материјали од нашиот образовен систем. Прикажаните текстови и илустрации кои се прилепуваат на делови од Концепцијата не се извадени од наставни материјали предвидени за нашата земја. Ги повикуваме граѓаните, родителите и учениците да не подлегнуваат на непроверени информации коишто се шират на социјалните медиуми“.(соопштение МОН)
Оттаму најавија дека пилот-програмата за овој предмет треба да стартува од септември и тоа во деветто оделение, што ресорната министерка го потенцираше во изјава за медиумите.
„Дебатите за вакви лажни вести постојано ги потикнуваат исти луѓе. Тие кои пред некое време тврдеа дека во Источна Македонија ќе се доселат мигранти, потоа информацијата за 5Г врапчињата и слично се покажа дека се лажни вести. Таква е и веста со воведување на сексуално образование во второ одделение“, истакна Царовска на 01.02.2021 при нејзината посета на Штип каде присуствуваше на дебата за реформи во средното стручно образование по што одговараше и на новинарски прашања.
Во создавањето на пилот-програмата учествуваше и невладината ХЕРА која објасни дека пилотирањето ќе биде спроведено во 4 училишта од рурална и урбана средина на албански и македонски јазик и ќе има фонд од 36 часови.
Сепак, официјалните деманти не беа доволни за некои „припадници“ на твитер заедницата па слободата на изразување во своите коментари ја заменија со говор на омраза. Кога тој се шири преку онлајн медиумите уште се нарекува и „сајбер омраза“ и како таков создава основа за санкции македонскиот Кривичен законик.
Во членот 319 е регулирано делото: „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, за што е предвидена казна затвор е од една до 5 години, а во случај на потешки последици дури до 10 години затвор.
Погрешни приказни што имаат тенденција да се пласираат како вести и се шират на интернет или на други медиуми, создадени за да влијаат на одредени политички гледишта. Вака накратко се дефинираат лажните вести кои со дигитализацијата земаат замав и само ја потврдуваат потребата за поголема медиумска писменост. Лажните вести генерирајќи говор на омраза и понатаму се вбројуваат меѓу предизвиците поврзани со интернет просторот и медиумската писменост воопшто.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен на порталот mediaplus.org.mk и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.