[Рецензија: Заев и Орбан се правеа дека „не се познаваат“ на самитот во Загреб, иако седеа на иста маса]
Написот тврди дека Заев и Орбан не се сретнале за да разговараат за Груевски на Самитот на шефовите на владите на Централноевропската иницијатива во Загреб „и покрај тоа што седеа на заедничка маса“. Ова е целосна манипулација и невистина. Двајцата премиери не можеле да седат на иста маса, ниту да се прават дека не се познаваат од проста причина што унгарсиот премиер Виктор Орбан не ни бил присутен на настанот, а камоли да седи на истата маса со Заев.
Линк до текстот: Заев и Орбан се правеа дека „не се познаваат“ на самитот во Загреб, иако седеа на иста маса
Датум на објавување: 04.12.2018
Датум на рецензирање: 05.12.2018
Рецензент: Симона Атанасова
Текстот е типичен пример за „клик-бејт вест“, која притоа е исфилувана, напумпана, сензационалистичка, но и невистинита.
Во прилог на написот има и видео, кое на социјалните мрежи од медиумот е најавено како во видеото навистина да е прикажано дека Заев и Орбан се прават оти не се познаваат. Но, тоа не е вистина.
На видеото нема ништо ни малку слично. Го има премиерот Заев, заменик-министерот за економија, Кире Наумов, како и функционери од други земји. Но, на видеото никаде го нема унгарскиот премиер Орбан. Не само што тој не се разминал со Заев, не само што не седат на иста маса туку Орбан воопшто не бил таму.
Тој присуствувал претходниот ден, на вечерата кај хрватскиот премиер, по што си заминал и не присуствувал на самитот.
Ова го потврди и Заев во изјава за медиумите по завршување на настанот.
Премиерот Орбан беше само на вечерата, имаше само куртоазно поздравување помеѓу сите премиери и потпретседатели на влади и министри. Тој денеска не остана овде на самитот за да можеме да оствариме средба. Но се надевам дека некоја следна прилика ќе можеме и директно вака да ги испорачаме нашите аргументирани барања, дека азилот е неоснован и оти треба поранешниот премиер Никола Груевски да се врати во Македонија и да ја отслужи својата судска казна.
Но, медиумот што ја објави оваа манипулација не само што не ѝ се извини на јавноста за невистинитата вест туку истата вест на фејсбук-страницата на медиумот сензационалистички е објавена уште пет пати по првичното објавување.
Новинарот мора целосно да ја провери информацијата пред да ја објави, а не да ја користи само за собирање кликови и манипулирање на јавноста.