Во текст со манипулативен наслов, споделен на „Фејсбук“, каде што изјавите на премиерот Зоран Заев се извадени од контекст и се тврди дека тој рекол оти историјата е непотребна и оти е вишок, а дека наставниците што ќе останат без работа се неважни, изнесени се низа непроверени и невистинити факти.
Се тврди дека премиерот истакнал оти фузирањето на предметите во училиштата се користи за да се отстрани нешто од образованието и оти рекол дека историјата не е потребна.
Воопшто не е точно дека Заев истакнал оти историјата не е потребна на прес-конференцијата што ја одржа во владата, а која може да се види на овој линк.
Напротив, во извадокот што се однесува на образованието (од 01.01..52) на линкот, премиерот експлицитно кажува дека намерата не е да се укинат предмети, меѓу кои историја, географија, хемија и биологија.
Преку образовната реформа во основното образование, во наставата ќе се учат наставни содржини клучни за нашите деца, суштински за учениците да влезат подготвени во овој нов современ дигитален свет. Во образованието вклучуваме медиумска и дигитална писменост, содржини за антикорупција, екологија, но и содржини по хигиена, круцијални во борбата со ковид. Се разбира новите содржини не одат на сметка на постоечките. Учениците и понатаму ќе учат историја, географија, хемија, биологија и сè друго што е неопходно за нивните знаења. Но, за оваа работа допрва претстои дебата и ќе го избереме најдобриот модел кој е можен да се практикува во нашата земја. Да не заборавиме дека образованието постои доминантно ЗАради децата, рече Заев.
Во првиот дел од своето обраќање тој вели:
Во делот на образованието, неколкупати коментирам. Мораме да продолжиме со реформите. Се јавува ново време на дигитализација и осовременување. Сите зборуваме дека се неопходни реформи во основното образование. Она кое е предочено пред јавноста е модел за кој ќе отвориме дебата. Да не заборавиме дека образованието постои заради учениците. Тој дел од дебатата каде што гледам дека се фаќаат засегнати наставници, ќе ми извинат, но образованието постои заради учениците. Нашата намера не е да укинеме историја, географија, биолгија, физика. Не! Фузирањето значи ефикасност, намалување на наставни содржини кои се вишок и не се потребни сè со цел да добијат можност за општествени и социјални дејности во рамките на школскиот период од денот, а ќе дадеме и многу општествени содржини кои ќе влијаат за развојот на карактерот на едно дете. Не брзаме со оваа работа. Важна е, но ќе слушаме внимателно од сите што укажуваат за одредени промени, сугестии и слично. Тука се универзитетите, професорите, учителите, наставниците, но и стручните служби од МОН и Бирото за развој на образование.
Во текстот што го рецензираме се тврди и дека Заев испратил порака до наставниците дека не е важно што некои од нив може да останат без работа.
Ниту ова не е точно.
Министерката за образование Мила Царовска, во изјава за „Алсат М“ вели:
Предмет историја ќе има како научна дисциплина. Ќе има и предмет граѓанско општество, и географија, биологија и хемија, но тие ќе бидат организирани на поинаков начин на учење. Сите научни дисциплини остануваат во основното образование. Образовниот апарат не смета дека дел од овие научни дисциплини треба да ги нема. Напротив, сите ќе ги има, ќе се учат и подлабоко и поквалитетно затоа што низ процесот на интеграција дозволуваме ученикот да разбере контекст во кој одреден лик или случка од историјата се наоѓал, каде живеел итн. За да може тој да создаде поинаква перцепција за тоа случување и, секако, тие знаења што ќе ги стекне од предметот општествени науки понатаму да може да ги користи и да донесува одредени заклучоци.
Новата концепција не значи укинување на научните дисциплини, туку организирање на поинаков начин преку теми што ги поврзуваат и осмислуваат фактите и обезбедуваат знаења коишто учениците ги доживуваат како релевантни и корисни, вели професорката Виолета Петроска Бешка, која учествуваше во креирањето на новата концепција за основно образование.
Министерството за образование и наука веќе изработи и кампања за едукација и објаснување за дел од грижите што граѓаните може да ги имаат поради новиот концепт на наставна програма за основното образование.
Интегрираните предмети не се новина во образованието во светот, ниту во нашиот образовен систем. Таков е примерот со предметот Природни науки за шесто одделение, кој е мултидисциплинарен и вклучува содржини од биологијата, хемијата, физиката, екологијата, исхраната… Многубројни истражувања покажуваат дека интегрираните наставни програми им помагаат на учениците да ги согледаат врските меѓу различните природни и општествени појави да го поврзат тоа што го учат со секојдневието и да развијат вештини за доживотно учење.
Не е точно ниту тоа што го тврди текстот што го рецензираме, дека ќе се намали бројот на наставници.
Концепцијата за основно образование не го одредува бројот на наставници, но направените анализи укажуваат дека сите наставници остануваат на работа, бидејќи севкупниот број на часови во наставниот план не е намален.
Оттука, ниту е точно дека ќе се намали бројот на наставници ниту премиерот кажал оти се укинува предметот историја, туку, напротив, тој експлицитно во два наврата во текот на прес-конференцијата, укажува дека предметите ќе останат во образовниот систем на основното образование, само со поинаква концепција на интеграција.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.