[Рецензија: ВРАБОТЕНА ВО ПЕКАРА СИ ЈА ОТВОРИ ДУШАТА: Само кифлите се сигурни, се срамам што сум дел од ИЗМАМА]
Насловот создава слика дека во сите пекарници се продаваат „несигурни“ печива, односно тој генерализира.
Линк до оригиналниот напис: ВРАБОТЕНА ВО ПЕКАРА СИ ЈА ОТВОРИ ДУШАТА: Само кифлите се сигурни, се срамам што сум дел од ИЗМАМА
Датум и време на објавување: 1.12.2019
Датум на рецензирање: 13.12.2019
Рецензент: Ана Анастасовска
Текстот што е предмет на оваа рецензија е проблематичен од неколку аспекти. Прво, насловот е несоодветен. Тој е осмислен со цел да привлече што е можно повеќе кликови, но, од друга страна, може да предизвика паника во јавноста.
Насловот создава слика дека во сите пекарници се продаваат „несигурни“ печива, односно тој генерализира. Со тоа што не се прецизира за кои пекарници и каде, читателите може да помислат дека кај нас има такви печива кои може да предизвикаат труење, на пример, бидејќи насекаде има пекарници од кои речиси сите купуваат храна.
Но, кога ќе го отворите текстот, сфаќате дека станува збор за пекарница во Белград и оти големата измама, претставена во насловот, е, всушност, лажење дека некои јадења се посни, иако не се.
Се срамам што сум дел од таква измама при што производи што не се посни ги продаваме како посни, но што можам да направам, јас ги хранам децата од оваа работа. Најмногу ми е криво што со малку труд воопшто не мора да биде вака, почна да раскажува Н.М.
Друг спорен момент е колку има вистина во овој текст и колку тој е поткрепен со докази и факти, основните елементи врз кои треба да се потпре секој новинарски производ.
Написот на почетокот вели:
Девојка што веќе три години работи во белградска пекарница тврди дека сите што за време на постот ќе јадат од нивната пекарница се измамени. Стравува да не ја загуби работата, но морала да си ја отвори душата.
Белград е широк поим и непрофесионално е да се каже „пекарница во Белград“, бидејќи тоа, исто така, може да предизвика непотребна паника кај граѓаните.
Во текстот не е наведен изворот на информацијата, каде девојката се исповедала, каде е објавата на нејзината исповед?
Дали можеби станува збор за интервју или анонимна изјава за некои медиуми, за анонимно гостување во некоја емисија, бидејќи во еден дел се нагласува дека одговарала на прашања? Ако има такво нешто, треба да се наведе изворот.
Вака напишано изгледа како девојката и нејзината исповед воопшто да не постојат, односно целиот напис личи на измислена приказна.