Барајќи го Заев под албанското знаме заборавиле да ја довршат веста

 

[Рецензија: Под албанско знаме Заев потпиша коалиција со Беса]

Вест со тенденциозен и невистинит наслов не служи за информирање на читателите, туку за политичка пропаганда. И покрај тоа што внатре содржи точни податоци за настанот за кој известува, сепак, оваа информација од аспект на новинарски стандарди се оценува негативно.

Линк до оригиналниот напис: Под албанско знаме Заев потпиша коалиција со Беса

Датум и време на објавување: 27.2.2020

Датум на рецензирање: 2.3.2020

Рецензент: Југослава Дуковска 

„Под албанско знаме Заев потпиша коалиција со Беса“, е наслов на информацијата за создавањето предизборна коалиција помеѓу Социјалдемократскиот сојуз и партијата Беса. Тврдењето од насловот се темели на фотографијата од самата церемонија на потпишувањето на коалициониот договор помеѓу двете партии, каде што зад масата на која се седнати лидерите на двете партии, Зоран Заев и Билал Касами, стојат поставени вкупно девет знамиња со еднаква големина, од кои: три знамиња се на НАТО-алијансата, македонско и албанско – по две  знамиња, како и знамето на Европската Унија.

Тоа значи дека насловот содржи неточност, односно дезинформација, бидејќи Заев, за волја на вистината, коалициониот договор го потпишал до (а не под), дури четири различни знамиња на држави и наддржавни ентитети, а не, како што се тврди – под албанско знаме. Но, освен што е невистинит, насловот е и крајно нерелевантен за самата информација во написот, бидејќи вистинската вест е дека првпат е остварена предизборна коалиција помеѓу партии со различен етнички предзнак, бидејќи во досегашната политичка пракса коалиции помеѓу, условно кажано, македонски и албански партиски субјекти, се реализирале постизборно.

Оттука, јасно произлегува заклучокот за манипулативниот карактер на целиот напис, кој има проблем со објективноста, иако информацијата главно ги содржи сите потребни елементи на една вест. Сепак, ако се знае дека насловот е тој што го прави иницијалниот поттик на читателот за да кликне на конкретната објава, овој обид за креирање мамец за кликови тоа го направи комплетно на штета на вистината.

За да се расчистат евентуалните дилеми за употребата на албанското знаме на еден јавен настан, каков што беше официјалното потпишување на договорот меѓу СДСМ и Беса, потребно е да се земат предвид одредбите на Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија, чијшто член 2 гласи:

Заедниците во Република Македонија заради изразување на својот идентитет и особеностите имаат право да употребуваат знаме.

Под знаме, во смисла на ставот 1 од овој член, се подразбира знаме што заедниците го избрале и го употребуваат како знаме за изразување на својот идентитет и особености.

Додека, пак, членот 3 на истиот Закон вели дека:

Заедниците во Република Македонија, знамето со кое ги изразуваат својот идентитет и особеностите, го употребуваат во јавниот, службениот  и приватниот живот на начин утврден со овој закон.

Во истиот закон се наведува дека локалната самоуправа одлучува за начинот на употребата на знамето на етничката заедница што е над 50 проценти од населението во таа општина. Договорот меѓу СДСМ и Беса е потпишан во Музејот на современата уметност, односно во јавен објект на територијата на Општина Чаир, во која, според последните расположливи податоци за етничкиот состав на населението, живеат околу 57% етнички Албанци.

Но, без оглед дали протоколот на самиот настан во целост ги испочитувал важечките прописи за истакнување на државното и на другите знамиња, забелешката дека Заев потпишувал договор под албанско знаме, пред сè, не е точна, а тоа не е ниту поентата на написот, и, доколку воопшто стане збор за тој елемент во известувањето од самото место, тоа треба да стои на самиот крај на текстот како помалку важен детал. Но, во самиот напис нема ниту збор за знамињата.

Освен тенденциозниот наслов, овој кус напис од само четири реченици содржи една техничка грешка, поточно реченица што нема никаква смисла и веројатно е недовршена:

Лидерите на СДСМ и на Беса Зоран Заев и Биљаљ Касами ги усогласиле ставовите околу програмата, но носителите на изборните листи

Што требало да се соопшти во врска со носителите на изборните листи на новата коалиција, не е познато бидејќи го нема крајот на реченицата. Веројатно се работи за превид, макар што се добива впечаток како сето внимание да било насочено во наоѓање наслов кој „боде очи“, а премалку на самата вест што се објавува.