Билал Касами не станал фотограф на Блерим Река

Претседателските избори го привлекоа вниманието на медиумите кон активностите на кандидатите и предизвикаа многу од нив да станат вести. Поделбите се претежно политички и тоа лесно се рефлектира врз медиумите, кога тие, имајќи политичка позадина, се ставаат на страната на еден или на друг кандидат. Авторот на рецензираниот текст имал цел да го дискредитира кандидатот Блерим Река.

Fotografi nga teksti që recensohet

 

Линк до оригиналниот напис: Билал Касами „стана“ фотограф на Блерим Река

Датум и време на објавување: 5.4.2019, 22:38

Датум на рецензија: 17.4.2019

Рецензент: Фатлуме Дервиши

 

Иронија и коментари

Насловот на веста го привлекува вниманието на читателите, бидејќи Билал Касами е претседател на партија. Авторот иронизира, со тоа што пишува „Лидерот на Движењето БЕСА, Билал Касами… синоќа на нивниот митинг во Сарај станал и фотограф на Река“.

Текстот е изграден врз коментари и констатации. Со оглед на јавното мислење на албанските читатели за ВМРО-ДПМНЕ и, следствено, за нивниот кандидат, Гордана Силјановска, авторот споредува, па дури и воспоставува врска помеѓу двата кандидата, Река и Силјановска. Тој ги обвинува двајцата дека имаат намера да ја изолираат земјата и да ги попречат интеграциите.

„Инаку, кандидатурата на Блерим Река за претседател на државата, и помага на ВМРО-ДПМНЕ, односно на кандидатката Гордана Силјановска. Неодамнешните јавни ставови на двајцата кандидати ја извадија на виделина нивната блискост и стратегијата за изолација на земјата и за попречување на нејзиното членство во НАТО и во Европската унија. Силјановска во еден пост на социјални мрежи, каде што ја коментираше првата дебата меѓу претседателските кандидати, вели дека својот глас го дава за Блерим Река, пренесува ’ТетоваСот‘… Река синоќа рекол дека лично се ангажирал за да не се смени името на земјата“, пишува во текстот.

 

Непочитување на етичките стандарди

Без оглед на тоа која е намерата на авторот, тој не треба да објавува информации што не се потврдени или, барем, непоткрепени со неколку извори. Сличноста на стратегијата на двајцата кандидати, доколку постои, треба да ја констатираат експерти, познавачи на комуникациски науки, политички аналитичари, а не самиот новинар. Во случаи кога новинарот сака да даде свои коментари, тоа треба да се нагласи и да биде јасно за читателот.

Етички кодекс на новинарите на Македонија:

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.

 

Техники за манипулација

Авторот ја употребил техниката на „Лажна аналогија“. Дека Река и Силјановска имаат иста стратегија за изолирање на земјата, авторот го „потврдува“ само со фактот дека Силјановска била подготвена да гласа за Река во анкетата по телевизиската дебата меѓу кандидатите. Потоа е направено и искривување на изјавата на Река за името, пишувајќи дека „Река синоќа нагласи оти тој лично се ангажирал за да не се смени името на земјата”, но не објаснувајќи го контекстот во кој тој го рекол тоа. Ова значи дека авторот исто така се базира на „селективни докази“, што е уште еден метод за манипулација.

За читателите:

Професионалните вести имаат информации базирани на факти, имаат извори, цитати и тие се непристрасни и објективни. Текстовите што не се базираат на овие стандарди, како што е анализираниот текст, се објавуваат за други цели. Во овој случај, се дискредитира кандидатот за претседател, Блерим Река, а и лидерот на партијата што ја поддржува неговата кандидатура, Билал Касами.