„Насаден“ наслов на делумно пренесен текст

 

[Рецензија: Папата Франциск во авион се сети на Македонија]

 

Написот што го рецензираме, објавен еден ден по завршувањето на посетата на Папата Франциск на земјава, во основа само делумно пренесува друг напис објавен во „Ватикан њуз“. Но, со насловот, кој очигледно го извлекува самата редакција, се настојува да се расипе основниот впечаток од оваа посета на Северна Македонија и отворено се спинува реалниот дострел на тој настан, без голем „авторски труд“ во таа насока.

Линк до оригиналниот напис: Папата Франциск во авион се сети на Македонија

Датум и време на објавувањето: 8.5.2019

Датум на рецензирање: 9.5.2019

Рецензент: Љубомир Костовски

Текстот во „Ватикан њуз“ со насловот сугерира дека лидерот на католичкиот свет, во кој влегуваат над една милијарда верници, практично го премолчел – според оваа редакција – вистинското значење на земјата домаќин. Веројатно се мисли на духовната рамка на посетата, а не на државничката.

Но и во нивниот цитат, уште на почетокот на текстот, како и во оригиналот, стои дека „народот на Македонија никогаш не ја пропушта можноста да нѐ потсети дека христијанството влегло преку нивната порта, им изјавил папата на новинарите. Тој кажува и на што се темели таа теза – од фактот дека апостол Павле дошол во Македонија наместо да оди во Азија за да го шири христијанството“.

Папата, инаку, имал една импровизирана прес-конференција во самиот авион со кој се враќал во Рим, на која учествувала имала и екипа на Македонската телевизија. Прашањето за впечатокот од посетата на земјава е на таа екипа и тоа беше, инаку, ударен прилог во вестите во 17 и 19.30 часот на 8 мај. Во одговорот, Папата вели дека Македонија е портата за влезот на хистијанството во Европа и во контекстот во кој е тоа кажано е целосно јасно дека ги „задоволува“ очекувањата на сите што и така имаат високо мислење за историските позиции на народот што тогаш живеел на Балканскиот Полуостров. Прес-конференцијата, според новинарката што била во авионот, била исполнета со сентимент за земјата и народот чиј гостин бил и особено го издвоил фактот дека тука нема толеранција меѓу различните религии, туку постои респект меѓу нив, што тој посебно го издвојува…

Телезивизискиот прилог на МТВ говори и за т.н. аудиенција на Папата следното утро на плоштадот Свети Петар, каде што тој говорел и за значењето на светите браќа Кирил и Методиј.

Но, овој напис нема ништо од тоа, бидејќи сè што би било објавено на оваа тема би одело против насловот, кој е „посаден“ врз прилогот што тие го издвојуваат од папската посета и кој може да се оцени само како саркастичен.

Насловот во новинарството треба да претставува сублимат на текстот и да ја пренесе главната вест содржана во новинарскиот напис. А, не да ги става во прв план ставовите на авторот или редакцијата. Тоа е така кога станува збор за новинарските жанрови преку кои се информира публиката какви што се вестите, извештаите, сториите и други. Ако се сакало да се прокоментира нешто за посетата на Патата на Северна Македонија, тоа требало да се направи во токму таков напис – коментар, одвоено од информативните написи каков што е овој. Вака, кога ќе ставите коментаторски наслов на информативен напис, кој е и саркастичен (нешто што не се практикува во информативните написи), вие, всушност, се обидувате да му наметнете мислење на читателот без потреба. Ако читателот воопшто и сфати од каде доаѓа таквиот став, зашто насловот со ништо не е оправдан или објаснет во написот. Вестите и коментарите во новинарството се одвоени многу одамна. За тоа има многу причини, а една од нив е и за да не ни се случуваат наслови како овој.

Настрана фактот што ваквиот наслов е неточен. Имено, не станува збор за тоа дека Папата во авион се сетил на Македонија. Прес-конференциите каква што беше оваа, во авионот, пред неговото заминување и пред мала група новинари, се вообичаени по секоја посета на Папата на некоја земја. Тие се одржуваат редовно, пред полетувањето на авионот, за Папата да може да им ги пренесе своите впечатоци од посетата на локалните новинари од земјата што тукушто ја посетил, покрај на тие од странство. Така што, не станува збор за тоа дека тој дури „во авион се сети на Македонија“, туку за вообичаен дел од протоколот на папските посети секаде во светот.