Да го прашале, Димитров ќе кажел дали заминува од државата!

 

[Рецензија: НИКОЛА ДИМИТРОВ ВО ЈУНИ „СИ БЕГА“ ОД ЗЕМЈАТА НА КОЈА Ѝ ГО СМЕНИ ИМЕТО]

 

Во овој текст недостасува став од засегнатата страна. Текстот има цел да го нападне министерот за надворешни работи, Никола Димитров, но многу битно новинарско правило е на тој што се напаѓа да му се даде простор да одговори.

Линк до оригиналниот напис: НИКОЛА ДИМИТРОВ ВО ЈУНИ „СИ БЕГА“ ОД ЗЕМЈАТА НА КОЈА Ѝ ГО СМЕНИ ИМЕТО

Датум и време на објавување: 7.5.2019

Датум на рецензирање: 10.5.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

„Ѝ го смени името на земјата и сега бега од неа, ќе работи во САД“, ова отприлика е целата поента на написот.

Оваа објава (дез)информира дека, наводно, министерот Димитров наскоро ќе ја напушти Македонија и ќе замине на ново работно место како виш советник и аналитичар во „Брукингс институтот“ во Вашингтон.

Оваа понуда за нова кариера во Америка, министерот Димитров ја добил во периодот пред потпишувањето на Преспанскиот договор, лично од поранешната амбасадорка на САД во НАТО, Викторија Нуланд, која сега исто така е дел од овој институт, и од нејзината колешка Аманда Слоут, за која се збори дека делумно помагала во пишувањето на договорот со Грција.

Причината за ваквиот потег на Димитров, наводно, е разочараноста дека не бил номиниран за претседателски кандидат.

Димитров оваа своја бекап опција му ја соопштил и на премиерот Заев на почетокот на март оваа година, откако видел дека дефинитивно тој нема да биде кандидатот на власта за претседател на државата, понуда на која искрено се надевал и ја очекувал после ставањето на својот потпис за „Северна Македонија“ на Преспанскиот договор. После ваквиот развој на настаните Димитров се почувствувал еднократно искористен и бил разочаран, наведува нашиот извор.

Во написот има и објаснување за „Брукингс институтот“:

„Брукингс институтот“ е невладина тинк-тенк организација сместена во Вашингтон, која се занимава со истражување и креирање политики во делот на американската внатрешна политика, меѓународните односи, економијата и глобалните безбедносни предизвици кои се во сферата на интересот на Соединетите Американски Држави.

Најдолу во текстот, пак, е поентата:

Министерот Димитров лани, за време на кампањата за референдумот за смена на уставното име со паролата „За европска Македонија“, посети повеќе градови во државата и ги убедуваше граѓаните дека со гласањето ЗА, на земјата ѝ се отвораат големи развојни и економски перспективи, како и работни места за младите, но очигледно е дека со заминувањето од Македонија, која тој со потпис ја прекрсти како „Северна“, ни тој самиот не верува во тие перспективи штом „си бега“ во Америка. 

Во текстот фали проверка на информациите добиени од анонимните дипломатски извори. Секоја информација до која ќе дојде новинарот, според новинарските кодекси и правила, мора да се провери од што е можно повеќе страни пред да ѝ се пласира на јавноста. Но, во овој текст тоа не е направено. Немаме изјава од министерот Димитров, не е побаран став од Владата, односно од премиерот Заев, дали е точно дека министерот ја најавил својата оставка.

Од кабинетот на министерот Димитров ги отфрлија  ваквите информации како шпекулации.

Безобразно лажна вест, злонамерна шпекулација и ништо повеќе е веста дека министерот за надворешни работи Никола Димитров си заминува од оваа функција, коментираат од неговиот кабинет.

Веста дека Димитров ќе замине на работа во Вашингтон ја негира и „Брукингс институтот“.

Очигледно е дека написот така како што е пласиран има цел политички да поентира и да го оцрни министерот за надворешни работи.