Британската Агенција за лекови тврди дека луѓето кои починале по вакцината за ковид-19, не починале од неа

Објава на Фејсбук ги наведува читателите на погрешен заклучок дека вакцината против ковид-19 е 40 пати поопасна отколку онаа за грип. Британската агенција за храна и лекови по детално мониторирање на сите пријавени смртни случаи по вакцинацијата, оценила дека тие не биле поврзани со самата вакцина, туку со други состојби и тоа официјално го соопштила

Рецензираме пост на Фејсбук којшто води до линк од текст со наслов:,,Скандалот сега има одредена бројка мРНА вакцинациите се 40 пати поопасни од вакцинациите против грип”. Во текстот се посочува дека веќе не може да се верува на тврдењето дека смртта по вакцинацијата не е поврзана со самата вакцина, а притоа се повикува на податоци од британската Агенција за лекови и медицински средства, каде до крајот на јануари биле пријавени 244 смртни случаи од неколку милиони вакцинирани луѓе  против коронавирусот.

Но, што навистина тврди британската Агенција за лекови и медицински средства?

Таа тврди дека при вакцинацијата и понатамошното набљудување на големи групи луѓе, случајно некои од нив ќе имаат и ќе пријават нова болест или нова ситуација во деновите и неделите после вакцинацијата.

Голем дел од вакцинираните граѓани се многу возрасни, со веќе постоечки медицински состојби. Тоа што се постари и имаат хронични заболувања ги прави поподложни на тоа кај нив да се појават случајни несакани ефекти, особено ако се земе предвид дека се вакцинирани милиони граѓани. Затоа е важно внимателно да ги разгледаме овие пријави и да ги разграничиме можните несакани ефекти коишто би се случиле независно од вакцинацијата, пишува во делот од нејзиниот Извештај.

Ама, ова е намерно испуштено во текстот што го рецензираме за спинот да добие ,,ветер во грб” и да стане поуверлива лагата дека оваа смртност од 244 лица е како последица на вакцинацијата.

Наспроти обидите смртноста да се пртстави како последица на вакцинацијата, во извештајот на Агенцијата се негира токму ова тврдење:

Дел од нашата постојана анализа е и евалуација на стапката на природна смртност за да утврдиме ако се појават некои специфични трендови кои може да сигнализираат на евентуална загриженост за вакцината. Базирано на смртноста која што би се појавила поради возраста во Англија и Велс, и со податоци од националните статистики за регистрирани смртни случаи, се очекува да се случиле неколку илјади смртни случаи седум дена по вакцинацијата, со оглед на тоа што се дадени многу милиони дози вакцини и тоа главно кај повозрасната популација. Агенцијата за лекови и медицински средства на Велика Британија има добиено 173 пријави за смрт која настапила по вакцинацијата во Велика Британија за Фајзер, 150 за вакцината на Астра Зенека и 3 каде што производителот не е наведен. Поголемиот број на овие луѓе се повозрасни луѓе со коморбидитети. Бројот на администрирани вакцини од Астра Зенека се зголеми рапидно, а поради тоа и бројот на пријави за смртност. Меѓутоа, ова не значи дека има врска меѓу вакцинацијата и смртните случаи што се пријавени. Прегледот на индивидуалните пријави нè наведува да сметаме дека вакцините не одиграле никаква улога за смртта, се додава во извештајот на официјалната страница на регулаторното тело на Британија.

Освен што го прикрива овој суштински факт и не го пренесува во текстот, авторот, исто така, пропушта да каже дека бројот на смртни случаи на луѓе кои имале позитивен резултат од тест за ковид-19 и починале во рок од 28 дена од првиот позитивен тест, во Британија надмина 120.000. А, сите стие биле невакцинирани. Исто така, и стапката на хоспитализации и инфекции со вирусот и натаму останува висока.

Овие бројки не му одат во прилог на извртениот конспирациски наратив, каде што во насловот дури и се тврди дека постои некаков скандал со смртноста од мРНА вакцините, кој не постои.

Но, главната лага во овој текст настанува, кога непотпишаниот автор, споредува некаква си ,,нормална смртност” од вакцини за грип со ,,нормална смртност” од вакцини против коронавирусот.

Со оглед на фактот што при споредбата се користи бројка за која што Британската агенција за храна и лекови тврди дека е од случаи неповрзани со вакцинацијата, споредбата е невалидна, односно се споредуваат две неспоредливи бројки. 

Најнапред, да видиме како е дојдено до бројката 5.75 ненадејни смртни случаи од 10 милиони вакцинирани, која што е цитирана од Светската здравствена организација во примерот од нивниот прирачник насловен Основи на безбедноста на вакцините објавен во 2013 година. Оваа бројка е важно да се знае како е добиена, затоа што констатацијата дека, нводно, вакцините за ковид-19 се 40 пати поопасни од вакцините за грип е добиена на таа основа.

Кога го отворивме прирачникот, забележавме дека до бројката 5.75 ненадејни смртни случаи од 10 милиони вакцинирани, има фуснота која води до научно истражување насловено како ,,Важноста на стапките на придружни болести при евалуација на безбедноста на вакцините за време на масовната имунизација за време на пандемијата на инфлуенца H1 N 1“. Трудот го пронајдовме, и тој  е објавен во Лансет на 21 октомври 2009 година.

Овој број, како што може да се види од фотографијата погоре, не претставува бројка на луѓе кои починале од вакцина против грип, туку очекување.

Минатата година во Велика Британија против грип  биле вакцинирани 14 милиони луѓе.

Се знае и дека лани трипати повеќе луѓе умреле од ковид-19, отколку од грип, како што извести Би Би Си.

Кога во Велика Британија се пријавува несакано дејство од вакцина или друго медицинско средство, многу јасно се кажува дека поради неидентичната природа на биолошките лекови и вакцини, е многу важно набљудувањето на нивната безбедност да се прави на база на точно специфициран бренд и производ.

Оттука, поради тоа што Британската агенција за храна и лекови по детално мониторирање на сите пријавени смртни случаи по вакцинацијата оценила дека тие не биле поврзани со самата вакцина, туку со други состојби и тоа официјално го соопштила, оценуваме дека текстот што го рецензираме ги наведува читателите на погрешен заклучок дека вакцината против ковид-19 е 40 пати поопасна отколку онаа за грип.

Тоа што биле пријавени смртни случаи по вакцината не докажува дека смртта е поради вакцината. Особено кога милиони луѓе се вакцинираат и особено кога вакцините се даваат кај стари лица и луѓе со хронични заболувања, смртта може да настане независно од вакцината, поради други причини.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.