Македонското здружение за урологија злоупотребено за продажба на чај против простатитис

Во македонската асоцијација на уролози нема член со име Јован Крстев, претставен на рекламата за препратот за третман на простатитис. Вистинскиот претседател на македонската асоцијација на уролози, професор доктор Оливер Станков,  ни рече дека станува збор за лажен маркетинг. За извесен Оливер Кочовски се тврди дека е експерт за машко здравје и раководител на Клиниката за урологија, но, таков лекар нема на Клиниката за урологија, или на било која друга клиника, а тоа може да се види и од регистарот на лекари специјалисти објавен на страницата на Фондот за здравство

Рецензираме содржина на рекламен материјал кој потоа се споделува  во пост на социјалната мрежа Фејсбук, со цел да промовира и да продава препарат за третман за простатитис, злоупотребувајќи го притоа идентитетот на Македонската асоцијација на уролози. Како во останатите примери со сличен измамнички и лажен маркетинг, кои ги рецензиравме претходно, и во овој случај е искористен кредибилитетот на белиот мантил. Поточно, претставен е лекарски совет – препорака, ама лажна, бидејќи лекарите кои се цитирани, односно нивните имиња не постојат. Македонска асоцијација на уролози, постои (македонско здружение на уролози), но тука нејзиното име е злоупотребено.

Еве како:

Во дел од рекламата претставена е фотографија во чија легенда, односно опис, стои дека на неа е Јован Крстев од Македонската асоцијација на уролози.

Нашата асоцијација ја одобри употребата на простамид. Овој природен производ ги прави непотребни операцијата и масажата. Простамид е сосем природен при што веднаш се доби со доверба од членовите на нашето здружение. Го препорачуваме за хроничен и акутен простатитис, аденом на простата, нарушување на сексуалната функција, неплодноста и промените на генитоуринарниот систем поврзани со возраста, пишува под фотографијата, во изјава на наводниот Јован Крстев од Македонската асоцијација на уролози.

Но, доктор Јован Крстев ниту постои, ниту пак, членува во македонската асоцијација на уролози.

„Вистиномер“ стапи во контакт со вистинскиот претседател на македонската асоцијација на уролози, професор доктор Оливер Станков, кој ни рече дека станува збор за лажен маркетинг:

Го пријавив ова во полиција и нема некоја реакција. Името на здружението на уролози е злоупотребено. Не сум слушнал за овој препарат и не е точно дека сме го одобриле, или дека го препорачуваме. Ова е криминал, ниту еден од тие лекари во рекламата не постои, нивните имиња се измислени, изјави доктор Станков за „Вистиномер“.

Во рекламниот материјал има и изјава од извесен Оливер Кочовски за кого се тврди дека е експерт за машко здравје и раководител на Клиниката за урологија. Но, таков лекар нема на Клиниката за урологија, или на било која друга клиника, а тоа може да се види и од регистарот на лекари специјалисти објавен на страницата на Фондот за здравство.

Што се однесува на фотографијата на која е претставен наводниот доктор Оливер Кочовски, неа ја пронајдовме и во други држави, ама таму Кочовски е претставен како Џозеф С. (0,52 мин. од видеото) 

Во Британија пак, ликот од истата фотографија е насловен како Џозеф Кемпбел. Всушност, со промената на географското подрачје, кое е таргетирано со овој измамнички маркетинг, се менува и името на лекарот да звучи поприкладно на најголемиот број имиња користени во таа земја.

Во Британија, пак, со оваа фотографија се продава друг производ, наречен „Менс Дифенс“.

Без да навлегуваме во тоа дали самиот производ „Простамид“ е делотворен, сепак, несомнено станува збор за лажен, манипулативен и измамнички маркетинг, при што е пристапено кон злоупотребување на официјални здруженија од лекарската бранша. Ова се прави  со цел да се зголеми кредибилитетот на производот, а граѓаните да почувствуваат поголема доверба во неговата ефикасност. Не се знае кој ги дал тврдењата за перформансите на производот што се рекламира, но јасно е дека тоа не го направила Македонската асоцијација на уролози чие име е злоупотребено.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.