Бугарски јазик во штипските училишта има само во манипулативните наслови

Резензираме текст под наслов „Во штипските училишта ќе се учи бугарски јазик“ објавен на Инфомакс, што потоа беше пренесен и коментиран на социјалните мрежи.

Се работи за класичен спинуван наслов, кој не соодветствува со текстот внатре во написот, кој има за цел да ја дезинформира и заведе публиката.

Текстот е извештај за посетата на амбасадорот на Бугарија во земјава, Ангел Ангелов на Штип (10.02.2021) и средбата со новиот штипски градоначалник Сашко Николов. На прес-конференцијата, градоначалникот Николов зборувајќи се темите на разговор со бугарскиот амбасадор, дал предлог факултативно да се изучува бугарскиот јазик во штипските училишта. за меѓусебната соработка и за идни планирани проекти кои би се реализирале.

„… Дури дадов и предлог до самиот амбасадор дека немам ништо против во нашите училишта факултативно да се изучува и бугарскиот јазик. Секој јазик кој е познат и е присутен претставува основна комуникација меѓу народите и е мост на зблужување на два народа“, изјави Николов.

Иако во текстот Инфомакс пишува дека штипскот градоначалник само дал предлог и изразил дека нема ништо против факултативно изучува бугарскиот јазик, порталот сепак во насловот му кажува на читателот дека е тоа готова работа, „ќе“ се изучува, како нешто што веќе е договорено, а уште повеќе и одобрено.

Со тоа, авторот на текстот дезинформира и тоа не е новинарство базирано на факти.

Во Насоките за етичко известување на онлајн медиумите, членот еден од Кодексот вели дека „Онлајн медиумите нема да прикриваат или премолчуваат важни информации чие објавување би можело да влијае врз толкувањето или разбирањето на содржината од страна на читателите. Премолчувањето на фактите кои можат битно да влијаат врз формирањето на ставот за некој настан или личност е еднакво на намерно искривување на реалноста и создавање дезинформации“.

Зборот „факултативно“  значи дека се работи за нешто што е на доброволна база, што може, но и не мора во случајов да се изучува.

Потсетуваме на основното новинарско правило, дека насловот треба да одговора на содржината на текстот, да информира, а не да дезинформира и манипулативен. Со пишувањето на ваков наслов и со испуштањето и заменувањето на прилогот „факултативно“ со честичката „ќе“ новинарот креирал погрешна слика во јавноста, доведува до искрувување на реалноста и несомнено влијае врз толкувањето на содржината од страна на читателите.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен на порталот mediaplus.org.mk и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.