Манипулација со видеоклипот од средбата, каде што е прикажан само еден краток отсечен дел, резултира со дезинформации во јавноста дека американскиот претседател заспал на официјалната средба, што е невистина пренесена и кај нас
Рецензираме објава на „Фејсбук“ во која се тврди дека претседателот на САД, Џо Бајден, заспал на средбата со израелскиот премиер, Нафтали Бенет. Постот пренесува напис со наслов „ВИДЕО: Бајден задрема на средбата со премиерот на Израел“.
Станува збор за видео од средбата на Бајден со Бенет, кое на социјалните мрежи стана вирално и доста споделувано, а кое, всушност, не е целосно прикажано.
Видеото што се споделува е намерно исечено. Во исечокот од состанокот Бенет-Бајден, кој стана вирален, претседателот Бајден ја спушти и се чини дека клима со главата. Иако прстите продолжија да му се движат, главата и очите беа под агол од кој се чинеше дека спие додека Бенет зборува со него. Секунди подоцна, подолгите снимки покажуваат дека Бајден му одговара на Бенет и тоа веднаш откако израелскиот премиер го заврши своето обраќање.
По еднодневното одложување поради смртоносниот самоубиствен бомбашки напад во Кабул за време на хаотичната евакуација на САД од Авганистан, Бајден и Бенет го одржаа првиот состанок на 27 август 2021 година со цел да ги ресетираат американско-израелските односи и да ги намалат разликите околу начинот на справување со иранските нуклеарни напредувања. Еве го комплетното видео од средбата. Исечениот дел е од 12.30 минути. Во последната минута и пол од видеото може да се види дека Бајден ја наведнува главата во моментот кога Бенет спомнува „овие тешки моменти“, мислејќи тука на експлозијата од бомбаш самоубиец на аеродромот во Кабул, од која загинаа 13 американски војници, но Бајден постојано ги придвижува прстите и почнува да зборува веднаш откако Бенет заврши со своето излагање.
Бајден може да се види и како разговара со Бенет во текот на целиот клип. Краткиот сегмент, кој е изолиран, започнува во 12:42 минута. Во 13:14 минута, Бајден продолжува да зборува, но тоа е отсечено од клиповите во објавите што се споделуваат на социјалните мрежи.
Оваа вест како лажна прв ја означи познатиот проверувач на факти на „Си-ен-ен“, Даниел Дејл на „Твитер“.
Ова со „заспивањето на Бајден“ е нонсенс. Целосното видео покажува: 1) Бајден зборува 2) Бајден погледнува накај Бенет 3) Бајден гледа надолу, неговите дланки се мрдаат, гледа кон Бенет кога тој ги спомна „тешките денови“ од овие недели 4) Бајден веднаш му одговара на Бенет, вели познатиот новинар и проверувач на факти во неговиот твит.
Веста дека Бајден заспал за време на средбата со Бенет ја демантираа и израелските новинари кои заминале во Белата куќа на првата средба на премиерот Нафтали Бенет со американскиот претседател Џо Бајден, пренесе Izraelnationalnews.com.
Повеќе новинари кои биле присутни во Овалната соба рекоа дека тоа не се случило. „Од моја гледна точка, Бајден не заспа“, напиша Ходаја Криш Ришони за Макор Ришон. „Можно е и дефинитивно неопходно да се критикува содржината на состанокот, работи што беа или не беа КАЖАНИ. Но, справувањето со настани што навистина не се случија само ја ослабува фактичката критика”.
Од сето ова може да се заклучи дека видеоклипот во кој се вели дека Бајден заспал додека бил на состанок со израелскиот премиер Бенет е погрешно отсечен. Подолгите верзии покажуваат дека Бајден го продолжува разговорот веднаш по овој момент.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.