Дезинформација е дека лековите од аптека мора лично да се земаат

[Рецензија: Од денеска нема да може да земете лекарства од аптека за болен роднина – лекови на рецепт само со лична карта и пасош!]

Новата мерка на Владата за укинување на квотите за лекови наиде на погрешни толкувања и манипулации од страна на некои портали, кои објавија лажна вест дека тие што се спречени лично да ги подигнат лековите ќе останат без потребната терапија.

Линк до оригиналниот напис: Од денеска нема да може да земете лекарства од аптека за болен роднина – лекови на рецепт само со лична карта и пасош!

Датум и време на објавување: 1.10.2019

Датум на рецензија: 4.10.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Со новата мерка, осигурениците од 1 октомври може да подигнуваат лекови на рецепт во секој ден во месецот, во секоја аптека што има договор со Фондот. Но, за да се избегне злоупотребата на лековите, мерката предвидува осигурените лица да може да подигнуваат лекови на товар на Фондот во аптека само со уреден и важечки рецепт за пропишан лек на товар на Фондот и документ за лична идентификација (лична карта или пасош) на увид.

Но, одредени медиуми овој дел од мерката го интерпретираа и ѝ го пренесоа на јавноста како што ним им одговара. Сосема се неточни тврдењата во написот дека оние што се спречени да ги подигнат лековите, како болните лица, ќе се мачат и ќе мора сами да одат до аптека по соодветната терапија.

Тоа би значело дека болните лица ќе мора сами да одат до аптека да ги подигнат потребните лекарства, односно во нивно име нема да може никој да ги подигне.

Ова е целосно манипулирање и доведување во заблуда на јавноста. Тенденциозно се дезинформира со цел читателите да добијат негативно мислење за новата мерка и неосновано да ги критикуваат оние што ја имплементираат, Владата, премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче и Фондот за здравство.

Фондот за здравствено осигурување преку соопштение до јавноста информира дека лекови за тие што се спречени ќе може да ги подигнува нивно блиско лице.

За постарите и изнемоштени лица, малолетните и лицаТА Што поради некоја спреченост нема да можат да ги подигнат лековите, со новата мерка е предвидено нивно блиско лице во нивно име да може да го земе лекот на рецепт.

Ова, на прес-конференција во Владата го потенцира и директорот на Фондот, Орхан Рамадани.

Со легитимирање при подигање на лекот, граѓаните даваат свој придонес и го остваруваат своето законско право на одговорно и рационално трошење на средствата што ги издвојуваат за своето здравствено осигурување. Притоа нагласувам, постарите лица, деца под 18-годишна возраст, како и лица ШТО не се во состојба сами да ги подигнат лековите, не треба да стравуваат дека ќе останат без лек. Предвидена е можноста, во нивно име, нивни блиски да може да го подигнат лекот“, информира директорот на ФЗО, Рамадани.

Mедиумот ја објави дезинформацијата двапати, еднаш еден ден пред стапување во сила на мерката и уште еднаш следниот ден. Но и покрај објаснувањата и појаснувањата од надлежните, на веб-страницата на медиумот сè уште не може да се најде исправка за направената грешка.