Светската тема број 1 – епидемијата со новиот корона-вирус, која полека се шири низ Кина и низ светот, а заедно со неа и многу дезинформации – беше една од двете теми на контактната емисија „Црвена линија“ на телевизијата „Телма“ во вторникот, од 16.15 до 17.30 часот. Дузината гледачи што се јавија ги изразуваа своите мислења и за почетокот на расправата за новиот закон за јавното обвинителство во Собранието и за тоа дали има место за паника во Македонија поради корона-вирусот.
Покрај јавувачите што изразија сомневање дека земјава е вистински подготвена да спречи доаѓање на вирусот, некои изнесоа дезинформации и теории на заговор од тоа дека вирусот намерно бил пуштен, до тоа колку време треба да се создаде вакцина, при што некои гледачи беа 100 отсто „сигурни“ дека вирусот е вештачки создаден, а некои искрено кажуваа дека не се целосно сигурни, но оти сметаат дека има простор за верување во тоа.
Најмногубројни беа тврдењата дека вирусот е вештачки создаден – притоа мислењата варираа од тоа дали е случајно „избеган“ од лабораторија или е намерно пуштен, преку шпекулации каде е создаден – дали во лабораторија во Ванкувер, во кинеска лабораторија или лабораторија во САД – до тоа кои се мотивите – уништување на целото човештво или само нанесување штета на Кина заради забавување на нејзината економија или, пак, пеколен мотив на некоја голема фармацевтска компанија да продава лекови и вакцини за вирусот што го создала.
Ќе ги провериме ваквите тврдења наспроти тоа што е познато и утврдено од Светската здравствена организација (СЗО), врвниот авторитет за здравјето на глобално ниво и непристрасна инстанца, која како меѓународна организација нема историја на фаворизирање конкретни држави или, пак, влијание од фармацевтските гиганти и други фактори што би имале политички или финансиски интереси поврзани со корона-вирусот.
КОРОНА-ВИРУСОТ НЕ Е СОЗДАДЕН ОД ФАРМАЦЕВТСКИ ГИГАНТ
Во поглед на лаичкото тврдење на друг гледач дека вирусот е создаден од некој фармацевтски гигант за потоа тој да може да продава вакцини, добро познат факт е дека во последните две недели веќе се јавно и бесплатно достапни два извештаја за геномот за вирусот, а неколку тимови врз основа на нив веќе работат на подготовка на вакцина, која се најавува најрано за еден месец (вакцините сега се развиваат на поинаков принцип и многу, многу побргу отколку пред, да речеме, две децении). Напредокот на вирусологијата, молекуларната биологија и современата технологија овозможува многу поголема „демократизација“ и во фармацевтскиот бизнис и во заштитата на здравјето, дотаму што во светот веќе има десетици илјади „направи сам“ биолози, најчесто поединци, што со релативно евтини современи апарати и препарати вршат истражувања и дури и модификација на гените.
КОРОНА-ВИРУСОТ НЕ Е СОЗДАДЕН ЗА ДА Ѝ НАШТЕТИ НА КИНА
Во поглед на тврдењето, изнесено во емисијата, дека вирусот е намерно создаден за да ѝ се нанесе штета на Кина, доколку тоа беше вистина, Кина тоа досега, еден месец од појавата на епидемијата, ќе го соопштеше. Доколку, пак, избегал од лабораторија во Вухан, тоа ќе го кажеше СЗО.
ЈАВУВАЊАТА НА ГЛЕДАЧИТЕ И ОДНОСОТ НА ВОДИТЕЛИТЕ
Она што, исто така, треба да се спомне, е фактот што искажаните невистини и шпекулации на гледачите воопшто не беа предизвикани од страна на водителите. Не само што немаше никакво дебанкирање на проблематичните искази, чие појавување донекаде и можеше да се претпостави и со оглед на тоа што темата беше позната однапред и можеше да се истражи, но и со оглед на начинот на кој функционираат ваквите емисии. Нивна главна карактеристика е анонимното јавување на гледачите, кои не мора ниту да се претстават, а со тоа се чувствуваат и ослободени од одговорноста за кажаниот збор, што овозможува ширење дезинформации и шпекулации. Но од страна на водителите немаше никакви назнаки дека она што го кажуваат некои гледачи по телефон е само шпекулација, која не е потврдена од релевантни извори, а камоли, пак, да видевме дебанкирање на изнесените невистини.
Дури во еден момент, како реакција на шега, во која еден од гледачите истакна дека Македонија била безбедна од корона-вирусот зашто аерозагадувањето во земјава било толку многу големо, што таков вирус не би можел ни да опстане (што е, се разбира, шега и никако не е вистина), водителката ова во текот на емисијата го прокоментира со зборовите „можеби има вистина во тоа, од каде да знаеме“. Основно правило во новинарството е дека за работи за кои се немаат информации или знаења не се зборува. Ова правило е особено важно кога станува збор за епидемии, за чие известување новинарскиот кодекс вели оти мора да биде ослободено од сензационализам.
Во секој случај, без оглед каква и да е концепцијата на емисијата во однос на овозможувањето да им се даде целосна слобода во искажувањата на гледачите, сепак, должност е на новинарите да реагираат на јавно изнесените дезинформации или шпекулации во насока на правилно информирање на својата публика. Вистината во новинарството е многу поважна од уредувачката политика на медиумот или од неговата концепција.