Добра вест е само потврдената вест!

Good news red stamp

Пишува: Агрон Врангала

Зголеменото присуство на полициските сили, вечерта на 25 март, иницираше еден вид страв кај жителите на Кумановскиот Регион. Барем вака известуваа медиумите. Поради физичка неможност сите граѓани да бидат присутни на разни настани, на некој начин тие се зависни од информациите што ги нудат медиумите. Има многу теории за информацијата, нејзиното пакување, аглите и гледните точки, стилот на известување, квалитетот, брзината на информацијата и така натаму. Сите овие може да се дискутираат посебно, но од клучна важност е информацијата да не содржи нијанси на пропаганда. Уште повеќе, кога новинарот или медиумот сметаат дека станува збор за некоја чувствителна ситуација за јавноста. Тие што ја вршат репортерската работа знаат колку е тешко да се исчисти информацијата, за да не се создаде заблуда во јавноста. На крајот на краиштата, ова не подразбира некоја особена жртва што ја прави новинарот, туку едноставно, тоа е негова задача што тој треба да ја изврши.

 

„КУМАНОВО 2“

За многуте полициски сили што патролираат со тешки возила и со хеликоптери на неколку места во општина Липково и во Арачиново, првото нешто што можеби им паднало на памет на граѓаните би било сценариото „Куманово 2“. Иако потоа, според неколку извори се зборуваше за спречување на една заложничка ситуација меѓу групите на мигрантите, што беше  потврдено и од Министерството за внатрешни работи, не отсуствуваа паниката и стравот меѓу граѓаните. Во поттикнување на овој страв, без сомнеж, учествуваа и порталите во земјава.

Сè повеќе, бизнис-инвестициите и правилниците на владите за развивање на новите технологии и дигиталната комуникација стануваат дел од еден поширок глобален контекст, и не само тоа. Заштитниците на употребата на овие информатички технологии тврдат дека неконтролираниот пристап до информациите ќе нè носи до најголемата демократизација на општествата и до можности за економски подеми што се совпаѓаат со тие од развиениот свет. [2] Неизбежниот конкурс на модерното општество е за очите, ушите, вкусовите и за симпатиите на големата аморфна јавност.[3]

Забележливо е дека со масовната употреба на интернет-медиумите, главно на неколку портали без искуство во вршење на новинарската професија, зголемен е и бројот на непотврдените информации, но што достигнуваат голема прегледност. Доколку се направи една споредба меѓу традиционалните медиуми и порталите, се забележува една разлика, пред сè, во одговорноста на секој од нив. Колку повеќе се инвестира во еден медиум, толку повисока е неговата одговорност кон публиката.

Не вреди да го раскинеш договорот што си го склучил со јавноста само за неколку прегледи повеќе што ќе ги достигнеш со една непотврдена вест. Никој не би го посакал ова, но сепак ни се случува. Освен јавната критика, но и личното незадоволство што ќе го доживеат новинарите кога станува збор за создавање на една погрешна приказна, едно од неубавите чувства е тоа кога на крај ќе добијат и една жалба од уредникот, за тоа зошто биле совладани од конкуренцијата.  [4]  А порталите, во повеќето случаи, не се составени од вообичаената хиерархија на определување на задачите. Таму обично го немаш уредникот да ти стои „над глава“ за каков било пропуст или грешка што си ја направил како новинар. Твоја одговорност е тоа што ќе го направиш со тоа парче информација што го имаш.

 

КАКО ВЕСТА ДА НЕ ЈА ПРОМЕНИ СВОЈАТА ПРИРОДА НА ПАТ КОН ПУБЛИКАТА?

 Навистина, усогласувањето на дискурсот е суштината на известување на вестите, како што е „вест“ тоа што еден авторитетен извор му го кажува на еден новинар, додека, пак, претставениот дискурс обезбедува една гаранција на сигурност и на легитимност. Кога станува збор за застапеност на други „гласови“, суштинско за известување на вестите е да се толкува реалноста во дискурсот.

Има многу теории за вистината и за објективноста. Филозофите понудиле теории на вистината во смисла на „реалноста“ (или совпаѓање со фактот), кохерентност на идеите, оправданото верување или успешното предвидување. Но, не играле сите теории доминантна улога во историјата на новинарската етика. Новинарската практика се обидела да се потпре на една едноставна верзија на поимот на вистината, кој го истакнува точното отсликување на надворешните настани. Според оваа призма, една изјава е вистинита доколку таа точно го опишува еден предмет, факт или состојбата на една работа во реалниот свет.

Начелото на објективност останува во игра. „Традиционалната објективност“ – значи оригиналниот поим на објективноста на вестите. Овој примат како таков, првпат е прифатен од новинарите во печатените медиуми во САД на почетокот на 20 век, а потоа беше продолжен и од нивните колеги од Канада. Објективноста не беше многу популарна во европското новинарство. Во срцето на традиционалната објективност е идејата дека новинарите треба да нудат праведна информација, непристрасна, без предрасуди или мислења. Идејата е да се направи едно резиме на императивот „да останеме верни на фактите“, секогаш избегнувајќи ја едностраноста.[5] Доколку ова се постигне, завршува заблудата и паниката, некогаш и ненамерна, што може да се шири во јавноста.

 

Референции:

  • [1] Louann Haarman Linda Lombardo: Evaluation and Stance in War News, печати: Continuum International Publishing Group, New York, 2009.
  • [2] Amos Owen Thomas: Imagi-nations and borderless television: media, culture and politics across Asia, печати: Sage Publications, 2005, New Delhi.
  • [3] Stephen Coleman and Karen Ross: The Media and the Public “Them” and “Us” in Media Discourse, печати: A John Wiley & Sons, Ltd., Publication, Great Britain, 2010.
  • [4] Anthony Collings: Capturing the news : three decades of reporting crisis and conflict, печати: University of Missouri Press Columbia and London, 2010
  • [5] Lee Wilkins and Clifford G. Christians: The handbook of mass media ethics, печати: Routledge, New York, 2009.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење