Допрва ќе се испитува дали во Македонија се гори опасен отпад

[Рецензија: СЕПАК СЕ ГОРИ ОПАСЕН ОТПАД: Примероците од италијанскиот отпад најден во Македонија ќе се испитуваат во Естонија!]

Написот што го рецензираме не соодветствува со насловот.

Линк до оригиналниот напис: СЕПАК СЕ ГОРИ ОПАСЕН ОТПАД: Примероците од италијанскиот отпад најден во Македонија ќе се испитуваат во Естонија!

Датум и време на објавување: 29.1.2020

Датум на рецензирање: 30.1.2020

Рецензент: Ана Анастасовска

Текстот што е предмет на оваа рецензија, не е спорен по содржината, туку по насловната конструкција. Имено, првиот дел од насловот тврди дека во Македонија „сепак се гори опасен отпад“, а во вториот дел вели дека „примероците од италијанскиот отпад најден во Македонија ќе се испитуваат во Естонија“. Насловот сам по себе е контрадикторен и ги буни читателите.

Ако го погледнете написот, ќе видите дека тој целосно е преземен и ископиран од „Телма“, но насловот е формулиран така за да ја манипулира јавноста, односно да шири дезинформации. Токму затоа и првиот дел од насловот е напишан со големи букви за да привлече поголемо внимание.

Од содржинскиот дел на написот се извлекува заклучок дека примероците од отпадот од камионите што биле сопрени на Граничниот премин „Богородица“ допрва ќе се испитуваат, и тоа во Естонија.

Содржината на примероците РДФ, отпадот за горење, ќе се носат на испитување во Естонија, потврдија за „Телма“ извори од надлежните институции. Таму ќе се проверува што имало во балите земени од камионите што превезуваат РДФ за горење во скопската цементарница „Усје“.

Според тоа, не може да се тврди дека во Македонија се горел опасен отпад, сè додека тоа не се докаже. Освен, ако не сакате политички да поентирате или  да нападнете некого.

Едно од основните новинарски правила е насловот да биде информативен, а не манипулативен и сензационалистички како што е овој. Таквите наслови привлекуваат само кликови, но не градат слика за веродостоен медиум.