Дуковски не кажа дека Боки 13 отишол да раскаже како парите од рекетот завршиле кај Заеви

Текстот што е предмет на оваа рецензија преку манипулација постигнува ефект на политичка поентa во полза на една опозициска партија, во услови кога во земјава во тек е изборна кампања за изборите на 15 јули. Тоа е направено преку манипулација во насловот зад кој не стојат факти

 

Линк до оригиналниот напис: Бојан Јовановски во Обвинителство ќе раскаже како парите од рекетот завршиле кај Вице и Зоран Заеви

Датум и време на објавување: 25.6.2020

Датум на рецензирање: 26.6.2020

Рецензент: Ана Анастасовска

Таквото поентирање и манипулација се прави преку насловот во кој се наведува дека парите од рекетот завршиле кај Вице и Зоран Заев, иако такво нешто не е докажано, ниту постојат факти и освен декларативните тврдења на Боки 13 и од функционери од ВМРО-ДПМНЕ, нема никакви поткрепени други индиции.

Текстот информира за тоа дека Бојан Јовановски-Боки 13, осуден во предметот „Рекет“, отишол во Обвинителството да даде изјава, односно да раскаже како парите од рекетот завршиле кај лидерот на СДСМ и неговиот брат. Но, она што се тврди во насловот никаде го нема во текстот.

Боки 13 беше осуден минатата недела заедно со екс-специјалната обвинителка Катица Јанева која доби седум години затвор. Тој на изрекувањето на пресудата јавно порача дека парите од рекетот треба да се бараат кај Вице и Зоран Заеви.

На почетокот во написот се потсетува на изјава на Јовановски дадена по пресудата за „Рекет“, во која тој кажа дека парите од рекетот треба да се бараат кај Вице и Зоран Заеви.

Понатаму пренесува изјава од адвокатот на Јовановски, Сашко Дуковски, во која тој објаснува со која цел Боки 13 отишол во Обвинителството.

Јовановски ќе поднесе кривични пријави, ќе го користи законското право од член 273 од Законот за кривична постапка. Кривичните пријави ќе бидат поднесени за најмалку неколку кривични дела и тоа за злоупотреба на службена положба и овластувања, изнуда, измама, давање лажен исказ, можеби тортура, несовесно лекување… Баравме неколку пати да поднесеме кривична пријава кај Републичкиот обвинител, сега поднесовме во ОЈО. Од кај Републичкиот обвинител ни беше делегиран заменик на обвинителката што го гони. Тој одби да поднесе записник на кривична пријава, рече адвокатот.

Адвокатот никаде не спомнува дека Боки 13 отишол да раскаже како парите од рекетот завршиле кај Заеви, тоа што се тврди во насловот.

Тоа што Бојан Јовановски дал таква изјава по пресудата за „Рекет“ не значи дека таа е вистинита, а уште помалку дека дента кога отишол во Јавното обвинителство дал исказ со таква содржина.

Со други зборови, насловот на овој текст е конструиран манипулативно со што се постигнува ефект на политичка поентa во полза на една опозициска партија.

Задача на новинарот е да информира, а не да се служи со политички манипулации. Тоа е санкционирано и со Кодексот на новинарите на Македонија во Член 14:

Известувањето од политичките процеси, ОСобено од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.