Дури и ако се разболат, вакцинираните многу полесно се справуваат со ковид-19 од невакцинираните

Во постот што го рецензираме, со испуштање важни информации, се креира погрешен впечаток. Дури и да има заразени со ковид по две примени дози од вакцината (има такви случаи во сите земји од светот, па и во нашата), тие во најголем дел се со полесна клиничка слика, ретко умираат и ретко се хоспитализирани со тежок тек на болеста. Во постот е изнесена и невистинита информација дека ваксерите ги изложуваат оние што не сакаат да се вакцинираат на „опасност од смртен мутиран вирус инјектиран во нив преку вакцините, а хронично болните на сигурна смрт“

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ во кој се прави обид за манипулација. Во постот е споделена информацијата дека пациентка од Велес вакцинирана со две дози вакцина добила ковид позитивен тест шест недели по вакцинацијата и оти била со средно тешка клиничка слика поради што морала да биде задржана во болница.

Искрено јас воопште не се осеќам безбеден покрај вакцинираните . Загрижен сум за мојата безбедност и безбедноста на мојата фамилија . Под итно вакцинираните да бидат затворени во карантин и да им се забрани слобода на движење . Ова е страшно . Никаква свест , никаква човечност ,никаква општествена одговорност од страна на ВАКСЕРИТЕ , очигледни не изложуваат нас на опасност од смртен мутиран вирус инјектиран во нив преку вакцините , а хронично болните на сигурна смрт . За секој од ваксериве ,што ќе се докаже дека создал кластер треба кривична одговорност и тоа за биотероризам…

п.с. во секој случај , ако се докаже дека вакцината нема никаква заштита и дури ако предизвикува некои споредни ефекти или пак подлога за полесно заразување и со сериозни последици , мора да има сносење на одговорност за надрилекарство и медицински геноцид, се вели во постот

Но, во постот се врши манипулирање на јавноста со испуштање на важни информации.

Во ова видео, на 52 секунда, доктор Лилија Чолакова Дервишова дава изјава во којашто кажува дека жената која е позитивна на ковид со две примени дози на кинеска вакцина (за која се потребни шест недели по втората доза за да се развие имунитет), дала податок дека имала контакт со невакцинирана колешка од Куманово, која, исто така, била болна. Оттука, не може да се каже она што се сугерира во постот дека вакцинираните се опасни за невакцинираните. Колективниот имунитет е категорија што зависи од масовната имунизација, во која придонесуваат многу индивидуи.

Ниту една вакцина не дава 100 проценти заштита

„Фајненшел тајмс“ објавува дека ниедна вакцина не е 100 отсто ефективна, така што она што научниците го нарекуваат „спорадични инфекции“ отсекогаш било очекувано. Во повеќето случаи, симптомите се благи. Таква е состојбата и во Македонија.

Министерството за здравство информира дека од вкупно 330.320 граѓани со примени две дози вакцини, вкупно 96 биле позитивни на ковид по примена втора доза вакцина. Тоа значи дека само 0,02 проценти се заразиле со ковид, што укажува колку е важно граѓаните да се вакцинираат. Од 96-те позитивни, 56 се заразиле во период помал од 21 ден од примената втора доза вакцина. Тоа, всушност, значи, дека заразата настапила пред временскиот период потребен да се создаде имуниот одговор на организмот. На пример, за вакцината на „Фајзер“, потребни се 21 ден по втората примена доза за да се создаде имунитет. За кинеските вакцини, кои не функционираат на принципот на МРНК, туку се со мртов вирус, потребно е подолго време по втората примена доза, околу шест недели. Во меѓупериодот од втората доза до создавањето на имунитетот, човек треба да се однесува како да не е вакциниран, затоа што уште не му е развиен имунолошкиот одговор. Ова го потенцира претседателот на Комисијата за заштита на населението од заразни болести, доктор Жарко Караџовски, уште на почетокот на вакциналниот процес на прес-конференција. Само 13 од заразените со ковид вакцинирани со 2 дози биле хоспитализирани. Во земјава, едно позитивно лице на ковид починало иако примило две дози вакцина, но станува збор за 62-годишен човек со три коморбидитети, меѓу кои бубрежна болест, срцева болест и хипертензија.

Лицето починало во тетовската болница, чиј раководител, доктор Гзим Нуредини, изјави дека поради ослабениот имун систем, три недели по примената втора доза не се создал имунитет кај човекот, што не значи дека луѓето не треба да се вакцинираат. Едноставно, има луѓе со слаб имунитет.

Како што објавува „Фајненшел тајмс“, третата фаза од клиничкото тестирање на ковид-вакцините покажува ефикасност против симптоматска инфекција од над 90 проценти. Во реални услови, во Велика Британија, Израел и Канада, вакцините демонстрираат малку пониска ефективност отколку онаа во клиничките студии, најверојатно, поради проширувањето на делта-варијантата од корона-вирусот.

Проценките за заштита против симптоматска инфекција, во зависност од вакцината, се меѓу 60 и 90 проценти, според „Фајненшел тајмс“. Според Институтот за јавно здравје на Англија, 17 проценти од вкупно 105.598 случаи на делта-варијантата, пријавени во Англија, се од луѓе што биле целосно вакцинирани.

 

Манипулација

Но, во што е манипулацијата во постот што го рецензираме? Во тоа што се прави неуспешен обид да се изедначи ризикот од хоспитализација и смртност и тешка клиничка слика на вакцинираните и невакцинираните преку само еден пример, кој согласно статистиката доставена од Министерството за здравство, претставува исклучок, а не правило!

Сигурен 100-процентен ефикасен третман уште немаме, но имаме некои јасни ставови за тоа дека вакцинацијата е најдобриот пристап во справување со епидемијата. Вестите и приказните за несаканите ефекти од разните видови вакцини одеа циклично. Која вакцина ќе станеше достапна и популарна веднаш беше поврзувана со некои страшни приказни, многу од нив комплетно неосновани. Тие приказни се појавувале и ќе се појавуваат, не очекувам да застанат, но на овие милиони па и веќе милијадри покриени жители со вакцини, кога ќе ги сумираме бројките, веќе гледаме дека станува збор за исклучително ретки случаи кажа проф. д-р Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија и хумана генетика, на трибина на тема „Вакцинација и предизвици со ковид-19“.

И „Фајненшел тајмс“ во својата неодамнешна анализа потенцира дека многу малку од целосно вакцинираните кои се позитивни на ковид, стануваат сериозно болни! Вакцината на „Фајзер“ е со 96 проценти заштита против хоспитализација, додека онаа на „Астра Зенека“ со 92 проценти заштита против хоспитализација. Aнализата на „Фајненшел тајмс“ сугерира дека вакциниран со две дози на возраст од 80 години има ист ризик за смртност како невакциниран педесетгодишник.

Во анализата се прави следната аналогија:

Околу две третини од луѓето што умираат во Обединетото Кралство на патиштата, носат заштитен појас, но ова е резултат на високите стапки на употреба на појасот од 99 проценти. Истата логика се аплицира и на фактот дека има поголем број на вакцинирани меѓу заразените – тоа е така зашто се поголем број луѓе се вакцинирани, односно опсегот на вакцинација е висок.

Освен тоа, од Универзитетот „Вандербилт“ велат дека луѓето коишто имаат благи и непријатни симптоми, веројатно, би имале тешка болест ако не се вакцинирале претходно!

Кога и да ми се пожалат пациентите дека имале блага форма на болеста и покрај тоа што се вакцинирани, им одговарам дека сум среќен што се уште тука да се жалат, вели доктор Шафнер.

 

Ваксери, антитиваксери, ковид-19

Во постот е изнесена и невистинита информација дека ваксерите ги изложуваат оние што не сакаат да се вакцинираат на „опасност од смртен мутиран вирус инјектиран во нив преку вакцините, а хронично болните на сигурна смрт“.

Вакцината не содржи никаков жив или активен дел од вирусот ковид-19. Нема да предизвика позитивен тест со кој се тестира активна инфекција со КОВИД-19. Некои луѓе што примиле вакцина пријавиле лесни до умерени несакани ефекти, вклучувајќи болка на местото на инјектирање, замор, главоболка и болка во мускулите. Не секој добива несакани ефекти. Но, ако добие, тие се нормални и знак дека вашето тело ја гради својата одбрана од вирусот, е објаснето на официјалната страница за вакцинација.мк во врска со митот:  Вакцинирањето ќе ме разболи од корона-вирусот.

Токму тоа што има луѓе што се заразуваат со ковид и покрај две примени дози вакцина, претставува сигнал дека стапката на вакцинација што треба да се постигне, односно процентот на покриеност со имунизација е висок, околу 90 проценти, вели Кит Јејтс, математички биолог на Бат Универзитетот.

Без вакцините, во Англија бројот на хоспитализации би бил над зимскиот максимум, кој беше постигнат во пикот минатата година!

Поради сите изложени аргументи, во постот што го рецензираме со испуштање важни информации, се креира погрешен впечаток. Дури и да има заразени со ковид по две примени дози од вакцината (има такви случаи во сите земји од светот), тие во најголем дел се со полесна клиничка слика, ретко умираат и ретко се хоспитализирани со тежок тек на болеста.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.