Предизвици во образованието имаше и пред пандемијата, особено со информациско-комуникациски технологии во наставата. Вака Наташа Анѓелеска, висока координаторка на програмата за образование – Фондација „Отворено општество Македонија“ ја започна дискусијата на денешната сесија „Отворено дигитално образование во Северна Македонија – придобивки од користењето н ИКТ во образовниот процес“, која ја организира Фондација „Метаморфозис“ во рамките на 16. Меѓународна конференција e-Society.mk „Вклученост и ефективност – доброто владење и интернетот“.
Точно е дека во нашиот образовен систем се соочуваме со предизвици, меѓутоа најголем од нив е постоењето нееднаквост, односно јазови во пристапот во образованието. Колку и ДА ГАРАНТИРААТ нашиот Устав и закони еднаков пристап за сите ученици во образовниот систем, кога ќе влеземе во училиштата и кога ќе се осврнеме околу себе, гледаме дека тоа не е лесно остварливо, рече Анѓелеска.
Таа посочи дека не е можно стопроцентно обезбедување пристап до образование на сите ученици, меѓутоа важно е кои чекори се преземаат и колку тоа може да се надмине. Анѓелеска вели дека дури и да успееме да ги запишеме сите деца во училиште, сепак треба да се има предвид дали тие имаат еднакви можности за напредување, односно дали имаат доволно ресурси и поддршка во домашни услови, но и на училиште. Според неа, јазот во постигнувањата е последица од јазот на можностите.
Професорот на Меѓународниот балкански универзитет, Сеад Џигал, посочи дека на темата за отворено образование се работи веќе една декада, како дигиталните технологии би можеле поефикасно да се вклучат и да го подобрат образовниот процес. Како што рече тој, интернетот може на секое ниво да помогне во образовниот процес, но во оваа денешна форма, особено во Македонија, тоа не е доволно. Поради тоа потребни се повеќе активности, проекти, обуки за подобра координација кои ќе им помогнат на наставниците, професорите и истражувачите по пат на интернетот полесно да ја вршат својата работа.
Бевме соочени со криза во која образованието во еден кус рок мораше да се трансформира. Дигиталните алатки, интернетот, онлајн-средствата, од една пригодна алтернатива станаа главна алатка и платформа за извршување на образовниот процес. Таа трансформација мораше да се случи во кус рок во кој се соочивме со многу проблеми, но заклучокот е дека недоволно добро беше спроведена оваа постапка, истакна Џигал.
Во врска со законските рамки за применување на ООР, професорот потенцира дека кај нас постои солидна законска рамка, но има лоша или недоволна имплементација, што е последица од недоволно работење. Професорот посочи дека на сите нивоа во образованието има проблеми на кои треба долгорочно да се работи, како на пример, зголемување на обемот и бројот на дигиталните ресурси. Тој се согласи со Анѓелеска дека недостасува подобра инфраструктура, односно подобра компјутерска опрема и широко достапен интернет, кои би го подобриле целиот процес. Истакна дека освен ова е неопходна целосна меѓусебна поврзаност, солидарност и поддршка на наставниците и истражувачите, со што би имало стандардизација која е клучна за подобро координирање, вклучување и вмрежување на сите вклучени во процесот.
За предизвиците на онлајн-наставата во основното образование и научени лекции, на дискусијата свое искуство од професионален, но иод личен аспект, даде Алвин Салимовски, директор на основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ од Шуто Оризари во Скопје. Тој зборуваше за стравот што го имале наставниците на почетокот на пандемијата во март, како и за она што како научена лекција се применува сега.
Не е дека наставниците не си ја знаат работата, туку ова е нешто ново на кое не сме навикнати. Она што на наставниците им беше потребно во тој период е поддршка од раководните лица во училиштата. Во нашето училиште, формиравме тим за поддршка и следење на реализацијата на далечинското учење. Донесовме одлука дека наставата во нашето училиште ќе се одвива преку платформата Зум и преку платформата за самоучење, платформа што ја креиравме сами и на која наставниците од прво до деветто одделение за секој предмет на неделно ниво постираа материјали за учење од дома, презентации, линкови, задачи и задаваа домашни задачи. Освен тоа креиравме и онлајн-библиотека, додека за најмалите од прво до трето одделение беа снимени лектири во аудиозапис со слики во power point, како и посебна секција за работа со деца со посебни потреби на која имаа пристап училишниот дефектолог и одредени наставници, појасни Салимовски.
Она што тој го истакна како важно е дека научените вештини и искуството придонеле наставниците полесно да се приспособат од 1 октомври.
Сè уште стојам на ставот дека покрај сите негативности што ги носи овој вирус, јас гледам можност за искористување на ситуцијата за информатичка наградба на наставниот кадар. Јас сум убеден и цврсто верувам дека оваа состојба во која се наоѓаме ни донесе позитивен пресврт во нашиот образовен систем и оти по враќање во училниците веќе ниту еден наставник нема да користи класичен пристап во своето предавање, туку ќе ги применуваат новостекнатите знаења и вештини. Придобивката од ваков вид настава ќе го видиме откако ќе се вратиме во училишните клупи, изјави Салимовски.
Извршната директорка во Фондацијата „Чекор по чекор“, Сузана Киранџиска, која зборуваше за дигиталните вештини и подготвеноста на наставниот кадар за онлајн-настава, се согласи со директорот Салимовски дека пандемијата на некој начин го втурна општеството во онлајн-учење, кој се воспостави како единствен начин за одржување и продолжување на наставата. Таа истакна дека кај нас многу донатори придонесуваат на децата од ранливите категории да им се обезбедат најосновните услови за одржување онлајн-настава, што, пак, не е случај во многу земји каде што тоа го прават самите држави.
Оваа криза нè натера малку повеќе да размислуваме на тоа што е основно право. Сметам дека инклузивноста е многу важна и особено е важна за децата од ранливите групи што живеат во рурални средини, децата кшто се од социјално загрозени семејства и тие се првите на кои ние треба да им помогнеме, изјави Киранџиска.
Таа ја спомена и соработката со Фондацијата „Отворено општество“, со која работеле на проект со организирање обуки и градење култура на учење помеѓу наставниците преку таканаречени заедници на учење, кои ќе бидат место за професионален дијалог и искуства помеѓу наставниците. Преку овој проект тие увиделе дека и самите наставниците имаат проблем, како недостаток на компјутерска опрема или пристап до интернет.
Не е дека само децата од социјално загрозените семејства и ранливите групи се соочуваат со проблеми. И самите наставниците имаат проблеми. Никој во своето четиричлено семејство нема четири компјутери. Истото се однесува и на послаба интернет-конекција, што е последница од преоптовареност, што е случај дури и во градските средини, додаде Киранџиска.
Како што посочи модераторот на сесијата, Гоце Арсовски, офицерот за програмска поддршка во Фондацијата „Метаморфозис“, од сите истражувања и анализи што се направија летово може да се заклучи дека никој не беше подготвен за она што дојде во март, но евидентен е степенот на приспособување, кој беше различен од училиште во училиште.
Многу зависеше од самите наставници, менаџментот, стручните служби итн. Со други зборови, не сите еднакво се снајдоа, за жал, на сметка на квалитетот на образованието што го добиваат самите ученици, заклучи Арсовски.