ЕМА не издала нова препорака вакцината „АстраЗенека“ да не се дава на постари од 60 години

Објава на Фејсбук, преку насловот на текстот што се споделува, шири невистини дека има нова препорака од Европската aгенција за лекови (EMA) да не се вакцинираат постарите од 60 години. Повод за ваквиот наслов е интервјуто  на лидерот на работната група на ЕМА за ковид-19, Марко Кавалери за италијанскиот весник „Ла Стампа“, но тој потоа за „Ројтерс“ изјави дека бил погрешно интерпретиран. По ова,  „Ла Стампа“ го промени насловот на интервјуто и сега тој гласи: ,,Кавалери(ЕМА): Изборот за употреба на АстраЗенека е оставен на секоја држава засебно”. Во содржинскиот дел на написот што го рецензираме, исто така, се направени промени по реакцијата на Кавалери, ама насловот е оставен непроменет

 

Рецензираме вест објавена и во пост на Фејсбук, со наслов: ,,Нова препорака од ЕМА, Астра Зенека да не се дава и на лица повозрасни од 60 години”.

Насловот на текстот сугерира дека Европската агенција за лекови (ЕМА), донела нова препорака, вакцината од производителот „АстраЗенека“ да не се дава на постари од 60 години.

Текстот  се повикува на висок претставник на Европската агенција за лекови, односно на лидерот на работната група на ЕМА за ковид-19, Марко Кавалери. Тој дал интервју за италијанскиот весник „Ла Стампа“, меѓутоа потоа за „Ројтерс“ истакнал дека неговите изјави, односно наводите кои ги дал за „Ла Стампа“ биле погрешно интерпретирани. По ова, весникот го промени насловот на интервјуто и сега тој гласи: ,,Кавалери(ЕМА): Изборот за употреба на АстраЗенека е оставен на секоја држава засебно”.

Оттука, не е точно дека има нова препорака од Европската Агенција за лекови ЕМА, а уште помалку е точно дека таа препорака е да не се вакцинираат постарите од 60 години.

Во моментов во земјава вакцината на „АстраЗенека“ се дава на повозрасни од 60 години, исклучиво поради тоа што Министерството за здравство водејќи се од мерки на претпазливост, реши да ја исклучи нејзината употреба за помлади од 60 години поради ретки случаи на тромбоза. Оние македонски државјани кои ја примија „АстраЗенека“ во Србија, а се помлади од 60 години, немаат можност да примат втора доза, односно ревакцина во Македонија, токму поради националната стратегија за вакцинација којашто ги вклучува само повозрасните од 60 години за вакцината од овој производител.

Од Министерството за здравство за „Вистиномер“ потврдија дека нема нова препорака од ЕМА за евентуална промена на возрасната граница или возрасната група на која што треба да се администрира вакцината на „Астра Зенека“.

 

ЕДНО ВО НАСЛОВОТ, ДРУГО ВО ТЕКСТОТ

Во текстот што е предмет на нашата рецензија, пак, во насловот се тврди дека ЕМА не ја препорачува „АстраЗенека“ ни за повозрасни од 60 години. И, тој  се повикува на објава на „Ројтерс“, која пак, воопшто не тврди дека ЕМА не ја препорачува „Астра Зенека“ за постари од 60 години. Инаку, во самиот напис  се извршени сите промени кои се направени на сајтовите на „Ројтерс“ и на „Ла Стампа“ по реакцијата на Кавалери, ама насловот е оставен непроменет.

Насловот не е точен, не само затоа што се тврди дека постои некоја нова препорака, туку и затоа што таа се атрибуира на целата Европска aгенција за лекови, а не само на еден човек – нејзин претставник, Марко Кавалери. Дури и кога Кавалери би кажал дека „АстраЗенека“ не треба да им се дава на повозрасните од 60 години (што не е случај и такво нешто тој не изјавува), сепак, тоа би бил негов личен став, а не препорака од ЕМА.

Во текстот на „Ројтерс“ се вели дека вакцината на „АстраЗенека“ има добар сооднос меѓу ризиците и бенефитите за сите возрасни групи и особено за тие повозрасни од 60 години.

 

КАВАЛЕРИ ПОГРЕШНО ИНТЕРПРЕТИРАН

Италијанскиот весник „Ла Стампа“, претходно го цитираше шефот на ЕМА Марко Кавалери како да кажал дека земјите треба да избегнуваат да ја даваат вакцината на лица постари од 60 години, покрај на помладите, поради страв од ретки згрутчувања на крвта и со зголемувањето на достапот на алтернативните вакцини. Кавалери потоа изјави дека бил погрешно цитиран.

За жал моите зборови не беа интерпретирани на точен начин, во неодамнешното интервју со Ла Стампа, изјави Кавалери за „Ројтерс“. АстраЗенека има повеќе бенефити отколку ризици кај сите возрасни групи, особено кај повозрасните од 60 години, појасни тој.

ПОЗИЦИЈАТА НА ЕМА

Позицијата на ЕМА е дека вакцината од „АстраЗенека“ е безбедна и може да се користи за сите возрасни групи над 18 години. Во секој случај, неколку земји членки на ЕУ престанаа да ја даваат на лица помлади од одредена возраст, вообичаено на помлади од 50 до 65 години, ограничувајќи ја нејзината употреба само на повозрасни поради многу ретки случаи на згрутчување на крвта претежно кај младите, пишува   „Ројтерс“.

Официјалната препорака на ЕМА може да се погледне на следниот линк.

Имајќи  го предвид сето ова оценуваме дека е невистинито тврдењето во постот и во насловот на текстот дека ЕМА препорачала вакцината на „АстраЗенека“ да не се дава на повозрасни од 60 години.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.